(Архива) Случајни средби или сериозни спреги: Како фотографии и „бомби“ ги „спојуваат“ подземјето и политиката?

by fokus

Текстот е објавен на 22 март 2023 во неделникот со број 1443

По убиството на Орхан Бајрами-Оки, неформалниот лидер на Дуќанџик, медиумите веднаш почнаа да објавуваат негови слики со политичари. „Фокус“ пишуваше за фотографиите на кои се овековечени дел од убиените со дел од политичарите. Експертите коментираат дека едните им помагаат да дојдат на власт, а другите ги штитат од одговорност. Политичките елити и криминалните групи имаат заеднички интерес. 

Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

Слика од седуммина мажи седнати во кафуле објавена на социјалните мрежи сведочи дека сега закрвавените кланови „Дуќанџик“ и „Беланоца“ некогаш биле иста тајфа.

Фотографијата датира од деведесеттите години на минатиот век, а на неа на иста маса седат покојниот Џелал АјетиЏељо, поранешен водач на кланот „Беланоца“, како и Агим Шерифи по чија смрт на сцена се факторизира групата „Дуќанџик“ предводена од неговиот внук Орхан Бајрами-Оки.

На оваа фотографија има уште неколку добро познати лица, како што е Марјан Тушевски, некогаш голем играч во скопското подземје заедно со Орце Куруновски.

Додека првиот важеше за близок до десницата, па собираше арач за формирање паравојска во воената 2001 година, вториот секогаш важеше за поблизок до левицата и, според упатените, со нетрпение ги чекал политичките промени во 2002 година.

Но, ниту едниот ниту другиот не ги дочекаа изборите, бидејќи беа ликвидирани, при што гласно се зборуваше дека инспираторите биле лоцирани во тогашната вмровска власт на заминување, чии фронтмени се плашеле од одмазда поради одредени нерасчистени сметки.

Многу години подоцна, власта на Никола Груевски го процесуираше ексшефот на полицијата Љубе Бошкоски за убиството на Тушевски, што дотурка и до судска пресуда. Меѓутоа, на крајот овој предмет падна на повисоките судови.

ЏЕЉО, КАМЧЕВ, ФАНТОМ

Неделникот „Фокус“ пишуваше дека Џељо и Шерифи, познат како македонскиот Тони Монтана, создаваат моќна криминална нарко-мрежа, која се занимавала и со рекет и со лихва. Притоа, според познавачите, Шерифи бил мозокот, а браќата Ајети силата на организацијата.

Но, по десетина години соработка, двајцата ортаци стануваат ривали на пазарот, а прв настрадува Шерифи, кој во 2009 година е најден мртов под мистериозни околности на патот кон Арачиново.

Тогаш се диференцира групата „Дуќанџик“ предводена од неговиот внук од сестра Бајрами-Оки, која долг период се сомневаше дека позади ликвидацијата стои семејството Ајети од „Беланоца“ поради несогласувања при давање лихва во казината во Скопје.

Така, малку по малку, кланот „Дуќанџиќ“, именуван според маалото кај полициската станица Бит-пазар каде што живее Оки, почнува да склопува сојузи со групи од други делови на Скопје.

Истовремено, пак, таборот на браќата Ајети продолжуваат да дејствуваат како клан „Беланоца“, брендиран според селото Белановце, на границата кон Косово, од каде што потекнуваат неговите водачи.

На тој начин, почнуваат крвавите пресметки до истребување базирани на крвна одмазда, и се разбира, за што подобро позиционирање на црниот пазар.

Неколку години подоцна, односно во ноември 2013 година, ликвидиран беше и Џељо од Синѓелиќ, што беше вовед во целосно обезглавување на „Беланоца“. Маскирано лице влезе во неговата чајџилница „Кај Џељо“ и со калашников испука 30 куршуми, додека Ајети седел на маса со уште три лица.

По убиството на Џељо, медиумите пишуваа дека тој позајмувал огромни суми пари на многумина, дека во оптек имал пуштено дури и неколку милиони евра, а каматата и до 10 отсто течела секој ден.

Наводно, во црниот тефтер на озлогласениот Џељо се наоѓале имиња и на познати и угледни скопски бизнисмени, угостители, но и градски фаци, кои позајмените пари ги користеле за скапи автомобили, луксузен „провод“ со девојки и слични уживања.

Тогаш, на интернет почна да кружи фотографија од веселба на која присуствува Ајети, во друштво на бизнисменот Орце Камчев, кој, пак, држи микрофон во рака. Исто така, на оваа фотографија може да се види и синот на поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков.

Воедно, фотографии од истата веселба го евидентираат и Борис Мутков – Фантом. Тој важеше за близок соработник на Џељо, но беше близок и со Мијалкови, а се зборуваше дека по падот на ВМРО од власт, Фантом се грижел за безбедноста на помладиот Мијалков.

ЖИЛА И ТАЛАТ НА ИСТА МАСА

Инаку, на социјалните мрежи постојано се објавуваат слики од членовите на подземјето со актуелни и поранешни политичари, односно партиски големци.

Од една страна, овие фотографии не мора ништо да значат, бидејќи можеби се направени случајно од страна на добро расположени луѓе од различни света, кои во даден момент се нашле на исто место.

Но, од друга страна, тие може да говорат за можни поблиски или подалечни релации и линкови меѓу членовите на криминалните групи и официјалната политика, без кои, како што велат експертите со кои разговаравме, не може да функционира ниту криминалот, ниту политиката.

Затоа, „Фокус“ едноставно ја регистрира содржината на овие фотографии, ги бележи реакциите на лицата што се овековечени на нив и бара одговори од политичарите што досега не се произнеле за времето, местото но и поводот за ваквите, најблаго речено, сомнително дружби.

Обично, овие слики стануваат актуелни најчесто кога некој ќе биде ликвидиран. Па така, по двојното убиство кај „Шиша бар“ под скопското Кале, каде што беше изрешетан еден од главните водачи на групата „Дуќанџик“ – Јетон Кривањева – Жила, веднаш се појави негова слика заедно со собранискиот спикер од редовите на ДУИ, Талат Џафери.

Претседателот на Собранието, во јавноста не излезе со никаков коментар за сликата, а не одговори ниту на нашето прашање упатено до него. Но, затоа сликата ја искоментира неговиот сопартиец и прв вицепремиер Артан Груби.

– Немам допирна точка, сакам институциите да истражат и дејствуваат. Со тој свет на дрога, дилерство, криминал немам допирна точка – рече Груби, кој за фотографијата меѓу Џафери и Жила кажа дека тоа е најобично фотографирање меѓу функционер и обичен граѓанин.

ОКИ ЗАЕДНО СО БЕЏЕТИ И МЕЏИТИ

Според информациите на „Фокус“, вечерта на почетокот на март, кога беа убиени Жила и Енес Исеинов-Љаци, на 500 метри од „Шиша бар“ бил и внукот од сестра на Шерифи, споменатиот Бајрами-Оки.

Но, тој за влакно го избегнал кобниот момент и трагедијата, која, според одредени сознанија, ја финансирале и извеле два сопернички скопски клана.

Своевремено, во јавноста доста актуелна беше една фотографија на која може да се види Оки со претседателот на државата Стево Пендаровски, како и со припадник на сојузничкиот клан Грчец предводен од Шеваљ Муареми.

Претседателот Пендаровски лично не се познава со лицата од посочената фотографија. Како што може да се види, претседателот не е седнат во друштво на посочените лица, туку е фотографиран стоејќи, на нивно барање“, реагираа од кабинетот на Пендаровски.

Исто така, Бајрами има слики и со градоначалникот на Општина Сарај, Блерим Беџети, кој сега е дел на „огнената“ група, која бара реформи во вечно владејачката ДУИ. Сепак, Беџети не одговори на нашата порака дали е близок со Оки.

Но, предводникот на „Дуќанџик“ може да се види на заедничка фотографија со уште еден фронтмен на „огнените“ – поранешниот градоначалник на Чаир и актуелен пратеник Изет Меџити.

По убиството во „Шиша“ бар, „Фокус“ го контактираше и Меџити, кој беше воздржан и само кратко кажа дека двојното убиство е работа на полицијата и обвинителството.

Како што веќе пишувавме, пет години по убиството на Џељо, ликвидиран беше и неговиот брат, кој го наследи на чело на групата – Наим Ајети. Тој беше изрешетан со калашников во центарот на Скопје, на улицата Рузвелтова по филмска бркотница со возила.

По убиството на Наим Ајети, доаѓа до превласт и прегрупирање во подземјето. Групата „Дуќанџик“ ја презема контролата, пружаат „заштита“ на казината и рестораните.

Во меѓувреме, склопува пакт со групата Грчец, предводена од Муареми, чии членови беа гонети во полициската акција „Планина“ за трговија со дрога и други кривични дела. Сепак, Шеваљ остана недопрен.

Во тој период излегуваа снимки како се забавува во Шпанија, во друштво на фудбалерот Лионел Меси. Легендите велат дека секогаш знаел навремено да се дистанцира поради информациите од добри дојавувачи.

МИЈАЛКОВ ГО „СПОЈУВА“ ШЕВАЉ СО БЛЕРИМ

На некој начин, сојузот „Дуќанџик-Грчец“ природно се наметнува, бидејќи ривалска група на Грчец од Кондово на Агрим Красниќи, заедно со таканаречената бутелска група на Бедри Бериша, секогаш инклинирала кон „Беланоца“, која во меѓувреме ја презема Фатљум Ајети -Тоте, син на покојниот Џељо.

Меѓутоа, како што велат познавачите, групата од Грчец се занимава исклучиво со „бизнис“ и се држи настрана од крвавите пресметки меѓу „Дуќанџиќ“ и „Беланоца“, поради кои двата клана значително се ослабени, па групата на Шеваљ моментално се смета за доминантна.

Извесен Шеваљ се споменуваше и во дел од „бомбите“, односно нелегално прислушуваните разговори што беа објавувани.

Во една од „бомбите“, каде што може да се слушнат Мијалков и Гордана Јанкулоска, тие разговараат за поранешниот министер од ДУИ, Блерим Беџети, кој барал да се казнат припадници на полициската единица „Алфи“, бидејќи, според него, се однесувале грубо при рацијата во тогашната дискотека „Шери“.

Според Мијалков и Јанкулоска, „алфите“ коректно си ја завршиле работата и при претресот пронашле пиштол кај извесен Шеваљ, кој седел на иста маса со Беџети.

Името Шеваљ се споменува и во прислушуван разговор што се води меѓу Мијалков и поранешната судијка Софија Лаличиќ. Тие разговараат за приведено лице за обид за убиство, за кое, според нив, лобирал Зоран Милески-Кичеец, осуден во „Рекет“.

Мијалков го споменува Шеваљ, велејќи дека најверојатно тој ургирал кај Блерим, а Лаличиќ, пак, кажува дека кај Беџети сѐ поминува ако се искешираат пари.

Инаку, цела година, двајца јавни обвинители и двајца истражители од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал следеле две нарко-групи и собирале докази против нив. Едната група била од населбата Гази Баба, а втората од селото Грчец на чело со Шеваљ Муареми.

Во март 2021 година, петмина од групата од Грчец и еден од групата од Гази Баба избегаа, откако добиле некаква дојава, па во акцијата „Планина“ беа фатени само дилерите на кокаин, но не и главните нарко-босови.

Неколкупати е правен претрес во домот на Муареми во Грчец, но изненадувачки и за инспекторите – тој никогаш не бил затекнат дома, а уште помалку можело да му се открие нелегална стока.

По акцијата, опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинуваше дека акцијата „Планина“ доживеа фијаско и дека нарко-босовите побегнаа.

На социјалните мрежи и интернет-портали, во изминативе два дена се појавија фотографии, на кои јасно може да се види дека токму Спасовски и високи функционери од власта седат на иста маса со нарко-босовите што сега им побегнаа. Заедно на иста маса насмеани министри, градоначалници и нарко-босови и криминалци – изјави тогаш Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

ОБОСТРАН ИНТЕРЕС

Тогаш, сопартијците на Христијан Мицкоски коментираа фотографија  која покажува како на иста маса седат браќата Орхан и Енвер Демири со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и со братот на поранешниот премиер Зоран ЗаевВице Заев. Со демант тогаш се јави Енвер Демири:

Остро отфрлам каква било вмешаност на моето име и фотографии во врска со полициските акции во Скопје. Последните вести на кои е објавена мојата слика ја нарушуваат  мојата репутација и секако дека ќе го следам законскиот пат за да покренам тужба против оние кои клеветат. Партијата што ги објавила овие материјали треба да се засрами и јавно да се извини“.

„Фокус“ има пишувано дека во текот на 2020 година, само „Енса Контрол“ од Сарај добила овластување од МВР за вршење технички преглед на возила. Како косопственик на оваа компанија се јавува Осман Демири, брат на Енвер Демири, кои, пак, се во роднинска врска со Агим Рустеми, вработен во МВР.

Поранешниот началник во МВР, Љубомир Ѓурчески за „Фокус“ коментира дека кога се бара врската меѓу криминалните групи и политичките елити на прво место се ставаат интересите на двете групи.

Според него, интерес на политичките партии е борбата за освојување на власта на избори што им дава одредени привилегии, а интересот на криминалните групи е да уживаат соодветна заштита од државно-правен прогон и можност за добивање слободи и права за легализација на профитите од криминалот – легализација на приходите.

– Партиите имаат интерес некој да купува гласови за нив, да влијае врз гласачкото тело, по потреба да врши и насилство врз гласачите, да купува гласови, да финансира кампањи на партиите. Тука најдобри соработници се шефовите на криминалните групи во кои владее силна хиерархиска поставеност.

Тие со исполнување на барањата на политичките партии за себе си  обезбедуваат сигурност дека нема да бидат прогонувани од државните институции за криминалните дела. Притоа овие лица од криминалните групи се најлојални спрема лидерите и елитните функционери (премиери, министри, директори, началници итн.) –  објаснува Ѓурчески.

Тој додава дека не често се случува политичките лидери да прифатат одредени кадровски решенија на високи државни позиции на предлог на шефовите на криминалните групи.

Овде особено мислам на лица кои претходно криминалните групи ги корумпирале и се на нивните платни списоци. Токму поради тоа често се случува да се постават нестручни и некомпетентни лица на највисоки позиции во државните институции.

Во основа тоа се познати методи на дејствување на политичките елити и криминалните групи, кои едни на други си ги вршат највалканите работи на штета на правната држава и еднаквоста на граѓаните пред законите – вели Ѓурчески.

Официјално, ниту еден политичар нема да признае дека е поврзан со криминална група, но многу фотографии ги „зближуваат“ политичарите и членовите криминални групи. Додека тие се обидуваат да ги релативизираат ваквите релации, останува неспорниот факт е дека ниту една мафијашка ликвидација со децении не е расветлена!

Браќата Идризи биле блиски со поранешен градоначалник

БЕВМЕ ДРУГАРИ, НИШТО ЛОШО НЕ СУМ ВИДЕЛ ОД НЕГО!

Во декември 2019 година, во престрелка во хотелот „Александар палас“ во Скопје, членови на групите „Дуќанџик“ и „Грчец“ се таргет на сојузот „Беланоца-Кондово“. Тогаш, маскирани напаѓачи стрелаа кон групата, но  поголеми последици врз нападнатите спречил полицаец во цивил, кој во тој момент седел на истата маса со нападнатите.

Две години подоцна, ликвидиран беше Камер Идризи од групата „Бундес“, кој бил заедно со нападнатите во „Александар палас“. Тој и неговиот брат, кој беше убиен една година подоцна, биле блиски со поранешниот градоначалник на Бутел од СДСМ, Велимир Смилевски.

– Тој ми е комшија, кој е две години помал од мене. Со брат му сум генерација, заедно учевме во основно училиште, се дружевме. Така што, некои работи не можеш да ги избираш. Тоа е тоа. Од детство, од четири години, па сѐ до вчера, бевме заедно.

Јас го знам многу поразлично. Мене ми бил другар цел живот, помал е, сум го сакал, сум го дружел. Јас, како што го зборат, не сум го доживеал никогаш во живот. Тоа што сум му кажал некои работи, во принцип ме слушал. Како постар брат, бидејќи со неговиот починат брат и другиот брат, сме биле комшии, другари. Секој има своја приказна, јас не сум видел лошо од него – изјави тогаш Смилевски.

МВР со најостар демант, Вице Заев реагира

СТАРА ТЕМА, НОВА БУДАЛА!

Министерството за внатрешни работи најостро демантира дека има какви било релации со групата од Грчец на Шеваљ Муареми.

„Фокус“ го праша министерот Оливер Спасовски како ги коментира обвинувањата на опозицијата дека седел на иста маса со Енвер Демири, кого опозицијата го поврзува со Муареми?

Најостро демантираме каква било поврзаност на раководни лица од МВР со лицата за кои прашувате. МВР постојано ја демонстрира својата посветеност за сузбивање на сите видови криминал, што очигледно им пречи на одредени структури. За тоа говорат и податоците што секојдневно ги објавуваме за приведени нарко-дилери, разбојници и сл.“, велат од МВР.

Освен Спасовски, на заеднички фотографии со браќата Демири е и бизнисменот Вице Заев, брат на поранешниот премиер Зоран Заев.

Стара тема, нова будала. Неколкупати сум одговарал и ќе одговорам уште колку треба се додека се обидува некој да го става моето име и семејството во негативен контекст. Подобро тие и нивното раководство нека внимаваат со кого седат и се сликаат, а и кој со кого бизнис тера“, одговори Заев.

Поврзани новости