Американските ѕвезди со јасен политички став, нашите во уплав од политичко разголување

by fokus 15:38
15:38
 За време на предизборната кампања во САД голем број холивудски ѕвезди јавно излегоа со свои ставови, а некои од нив најавија дека доколку победи Доналд Трамп, дефинитивно ќе се отселат од Америка. Помеѓу поддржувачите на Клинтон, едни од најгласните беа пејачките Шер, Мајли Сајрус, Барбара Стејсенд, актерката Вупи Голдберг и други. Тие дури ја објавија својата намера и на своите официјални профили на Инстагарм, а Шер порача дека би и било подобро да живее на планетата Јупитер, отколку во земја чиј што претседател ќе биде Доналд.

Истоа така, за Хилари лобираа и Леонардо Ди Каприо, Ким Кардашијан, Ариана Гранде, Џорџ Клуни, Дастин Хофман, Карл Лагерфилд, Лејди Гага, Ана Винтур, Кејти Пери, Ева Лонгориа, Стивен Спилберг, Џон Бон Џови, Џенифер Лопез, Кејти Холмс, Кристина Агилера, Мајкл Даглас, Шон Пен и други.

579764ed2400002700b33110
 
Трамп ја освои победата, холивудските ѕвезди кои што најавија емиграција се на потег. На социјалните мрежи веќе започнаа да се постираат шеги во стилот дека некои од нив ќе почнат да бараат бугарски пасоши.

Тоа што во претседателската кампања се вклучија голем број естрадни ѕвезди, не е за изненадување. Речиси сите славни американци од светот на музиката, филмот и модата јавно си го кажаа својот став околу тоа кој им е фаворит, нешто што е практика речиси пред сите претседателски избори.

За разлика од американските ѕвезди, нашите јавни личности од шоу бизнисот, бегаат буквално како ѓавол од крст, кога ќе ги запрашаме за било што поврзано со нашата политика. На прсти се бројат тие кои што собрале храброст, и јавно го искажале својот став и дале поддршка, а пак уште помалку критика за било кој од нашите актуелни политичари.

thumbnail_vlade-gjorgje
 
,,За се ќе кажеме, само не не чепкајте за политика. Знаете во какво време живееме, ќе останеме без тезги, нема да добиеме владини субвенции, не сакаме проблеми, чекаме државно вработување“, се најчестите изговори кои што ги слушаме од нашите пејачи и актери кога биле запрашани за било која тема поврзана со некој наш политичар или партија.

,,Немам проблем доколку објавите мои голи фотографии, подобро тоа отколку да се етикетирам во некоја партија јавно“, ни рече неодамна наша позната манекенка и модел.
 

Не ни е познато дали стравот да се каже јавно кој им е политичкиот фаворит доаѓа од разни притосоци, или пак повеќето наши јавни личности сакаат да остават добар впечаток кај сите свои фанови подеднакво, и кај тие кои што се за СДСМ и кај тие за ВМРО, и сакаат да имаат публика од двете партии подеднакво.

- Advertisements -

Можеби молкот на темава им е оправдан, оти познавајќи го нашиот менталитет, во време кога политичката определеност игра значајна улога речиси во сите сфери од животот, не би изненадило кога поради јавно искажан став, уметниците би се нашле во ,,небрано“.

Токму затоа, повеќето од нив сметаат дека треба само да си пејат и глумат, без никому да даваат отчет за своите ставови.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости