Алиу: Административна е не клиничка, злоупотребата со дополнителното работно време кај лекарите

by irena 13:18
13:18

Министерот Алиу, одговарајќи на новинарски прашања, информира дека одржувал редовни месечни средби со директорите на клиниките. Нагласи дека постои загриженост како кај директорите, така и кај Министерството, но и меѓу сите здравствени работници во однос на флексибилниот систем кој им овозможува на дел од вработените во здравствениот сектор да вршат злоупотреби.

“Сите се вознемирени кога во фелата во која работат се случуваат процеси кои можат негативно да влијаат врз нив како експерти поврзани со здравствениот систем, или пак врз довербата кон лекарите и здравствениот систем во целина,” рече Алиу.

Тој додаде дека заедно со експертски тим ќе продолжат со работа, вклучувајќи го и новиот закон, во кој е внесен дел за ограничување на одредени поодамна воспоставени, но полабави, регулативи, со цел тие сега да бидат поефикасни. “Од друга страна, ќе бидат дополнително дефинирани процесите кои сега не се добро дефинирани,” објасни Алиу.

“Реалната цел е иста кај директорите, вработените и Министерството – да имаме здравствен систем кој ќе биде транспарентен, ќе нуди здравствени услуги во реално време и систем на кој ќе му веруваат сите наши граѓани. Свесни сме дека овој процес не може да се заврши и довербата да се врати брзо,” нагласи министерот.

Во врска со наводите за имиња на доктори и клиники кои наводно правеле злоупотреби со работното време, Алиу потенцира дека тоа нема да помогне во надминувањето на проблемот.

“Не се плашиме да кажеме пред вас и пред граѓаните дека да, имаме проблем. Сметаме дека тоа е првиот чекор за решавање на проблемот, соочување со него и добро дефинирање. Исто така, не сакаме од прес-конференција да создаваме сензации и да спомнуваме имиња на институции или лекари, бидејќи тоа нема да влијае кон решавање на проблемот,” додаде тој.

Министерот очекува процесот да заврши на административно ниво, бидејќи, како што истакна, поважно е системот да се стабилизира и да се креираат јасно дефинирани правила, отколку да се привлече внимание на медиумите и граѓаните за еден или два дена, со што би се влошила состојбата во системот.

“Ова не е клиничка злоупотреба, тие се исклучително големи експерти. Тие работат и нивната експертиза во клинички процеси е препознаена од Комората, од универзитетите, од фелата и не смееме да ги поврземе тие две работи. Не се работи за нестручен пристап кон клиничките процеси, туку за административна процедура која, за жал, ниту во законот не е добро дефинирана. Толку е лабава и ние како Министерство, кое креира закони, мора да размислиме за тоа. Законите мора да бидат добро дефинирани и да не дозволуваат системот да нуди некаков тип на злоупотреба, намерна или ненамерна,” подвлече Алиу.

Тој напомена дека процесот е во тек и дека се врши компарација на податоци од е-здравство со документацијата од клиниките. Исто така, ангажирани се експерти кои креираат закони и ги анализираат регулативите што треба да се адаптираат, како и кои членови од законот треба да се реформираат со цел во иднина да не постои ваков вид на организирање на платите во здравствениот систем.

Слични вести