Ќе се спроведе интерна истрага и ќе се бара одговорност преку дисциплинска постапка во рамките на јавниот сервис за да се утврди кој дозволил во етерот да оди песната од детски фестивал емитувана во саботата на 28.03, со која се воспева “Голема Албанија“. Ова се оочекува да биде првото задолжение за раководството на МРТ што ќе го добие од Програмскиот совет на седницата закажана за утре во 10 часот.
„Фокус“ го контактираше телефонски претседателот на Програмскиот совет Давор Пашоски со намера од него да добие поконкретна информација за тоа што се планира да се преземе. “Имајќи го предвид извештајот од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во кој јасно се констатира прекршување на член 48 од Законот, односно поттикнување и ширење нетрпеливост врз основа на етничка и национална припадност, Програмскиот совет ќе постапи во рамки на своите надлежности. Во таа насока, ќе го задолжиме директорот на МРТ, Марјан Цветковски, да покрене соодветна дисциплинска постапка за утврдување на одговорност за овој сериозен пропуст во уредувањето и емитувањето на програмата. Очекуваме преку таа постапка јасно да се утврди како ваква содржина, и покрај уредничката контрола и временската дистанца од нејзиното создавање, била емитувана на јавниот сервис. Програмскиот совет останува доследен на принципите на законитост, професионалност и заштита на јавниот интерес, особено кога станува збор за прашања што можат да влијаат врз меѓуетничките односи и општествената кохезија.“, изјави Пашоски за „Фокус“.
Тоа значи дека утрешната седница ќе има и свое продолжение понатаму кога треба да се разгледува извештајот од директорот на МРТ и предлогот каква конкретна мерка ќе биде преземена. Не се исклучува можност од смена на некој од одговорните кој го дозволиле тоа. Информациите што доаѓаат Македонската радиотелевизија велат дека одговорната уредничка на вториот канал на Телевизијата Мерита Гаши веќе подолго време е на боледување, што значи можно е дека на нејзино место друг одлучил спорната песна да оди во програмскиот етер.
Пашоски практично се повикува на извештајот од вонреден надзор на спорната емитувана програма што паралелно го направила вчера Агенцијата за аудио и аудиозивуелни медиумски услуги со кој е утврдено дека Македонската радио-телевизија, односно Вториот програмски сервис МРТ2, го прекршил член 48 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, откако во својата програма емитувал содржина што поттикнува етничка нетрпеливост. Надзорот бил спроведен по службена должност и се однесувал на емитување од 28 март, во рамки на музичката програма „Билбилите на Кораб“. Со кој се констатира дека уредничкиот тим на МРТ 2 треба да понесе одговорност.
„Надзорот покажа дека спротивно на член 48 став 2 од ЗААВМУ, емитуваната содржина на МРТ2, во рамки на музичката програма „Фестивал на детска песна – Билбилите на Кораб“, поттикнува и шири нетрпеливост врз основа на национална и етничка припадност преку иредентистички симболи и експлицитни политички пораки за промовирање на моноетнички, иредентистички „аманет“ за обединување на територии“ – се вели во заклучокот на Извештајот на ААВМУ.
Предмет на анализата била изведбата на песната „Албански територии (Trojet Shqiptare)“, дел од детски фестивал снимен во 2023 година, а емитуван три години подоцна. Регулаторот оценил дека токму овој временски јаз дополнително ја засилува одговорноста на јавниот сервис, бидејќи уредничкиот тим имал доволно време да ја прегледа и евентуално да ја отстрани спорната содржина пред да ја пласира пред јавноста.
Во извештајот се наведува дека прекршувањето се однесува на законската забрана за емитување содржини што поттикнуваат дискриминација, омраза или нетрпеливост врз етничка и национална основа. Оценката е дека прикажаната програма не останала во рамките на уметнички израз, туку содржела јасни политички пораки со иредентистички карактер.
Клучен дел од наодите се однесува на визуелните елементи на настапот. Детето кое ја изведувало песната било облечено во маица со карта на т.н. „Голема Албанија“, а на сцената биле користени и симболи како двоглавиот орел. Според регулаторот, ваквите симболи, иако можат да имаат историски или културен контекст, во конкретниот случај биле употребени за промоција на идеја за територијално обединување.
Дополнителна тежина, според извештајот, носи и самиот текст на песната, кој содржел пораки за обединување на територии од повеќе држави во регионот, вклучително и делови од Северна Македонија. Овие пораки биле оценети како експлицитни и како директно поврзани со концепт што може да предизвика меѓуетнички тензии.
Регулаторот нагласува дека контекстот во кој е емитувана содржината е исклучително чувствителен, имајќи ги предвид регионалните прашања поврзани со идентитетот и територијалниот интегритет. Фактот што програмата била емитувана на јавен сервис со национална покриеност дополнително го зголемува нејзиното влијание врз јавноста.
Посебно е истакната одговорноста на уредничкиот тим на МРТ2, кој има крајна контрола врз програмата што се емитува. Во извештајот се вели дека пропустот не може да се смета за случаен, туку укажува на системски недостатоци во уредничката политика и во механизмите за контрола на содржината.
Анализата опфаќа и прашањето за намерата, при што се наведува дека таа може да биде директна или да произлегува од професионална небрежност. Во секој случај, емитувањето на ваква содржина се толкува како давање легитимитет на идеи што се спротивни на принципите на соживот и мултиетничка кохезија.
Зоран Фиданоски