Со пулицемерката Катерина Смешкова разговаравме по враќањето од Пјонгјанг каде ја прими престижната новинарска награда. Иако признанието е огромно, носи слава и привилегии, Смешкова со двете нозе цврсто гази преку лешеви и тврди дека практично ништо не се сменило. Јавноста ја помни по снајперскиот текст со кој ја переше Ивона.
Ќе продолжела да ја поместува надоле летвичката на журналистичките стандарди и без некој официјално да ѝ оддадел признание. Таа е пријатна и забавна личност, а од нејзината насмевка не може да се забележи трага од неприкосновената борба што ја води во корист на моќните, богатите и на оние кои што со децении се на власт.
ФОКУС: Кога сфативте дека во вас има материјал за Пулицемер?
СМЕШКОВА: Или го имаш тоа во себе или го немаш. Пулицемер се раѓа, не се создава! Да ви одговорам во духот на прашањето, јас сум скроена да ги намирисувам послабите и тогаш добивам инстинкт на лавица која брка срна. Не размислувам и черечам!
ФОКУС: Лавица, интересна претстава имате за себе. Јавноста прв пат дозна за Вас по аферата „Фирмите на новинарите“. Како гледате на скандалот по цели 15 години?
СМЕШКОВА: Го напишав она што никој, па дури ниту славниот спружувач на насловни Илија Димовски не се осмелуваше да го открие. Новинарство е да го објавиш она што никој не сака да го објави за опозицијата и за новинарите, а се друго е пи-ар. Додека Владата спроведувала проект по проект, овие отворале фирми. Некои од нив дури и жиро-сметки имале и тоа од оние со многу бројки. Ми се гадеше кога им ги читав даночните броеви.
ФОКУС: Не беше баш така, некои немале златари, немале кафани…
СМЕШКОВА: Ма, немој! (ги подига веѓите)
ФОКУС: Ве демантираа…
СМЕШКОВА: Го држам рекордот од 7.234.523 текста во низа без демант, реакција ниту пак дообјаснување. Борјан не само што е сопственик на „Томче-Софка“, тој е газда и на ресторанот „Куќа“. Видете му го имотниот лист – пишува куќа. Станува збор за новинарско-кафанска мафија. Дали мислите дека Менче случајно се презива Точи? Не би рекла! Сум преживеала 5 опозициски лидери, 10 брака на Сорос и уште не им се предавам. Нема новинар или опозиционер за кого не сум можела да ископам нешто, ако немале фирма очите сум им ги копала.
ФОКУС: Раскажете низ сѐ што минавте откако се објави текстот.
СМЕШКОВА: Оној Гордан Георгиев рече дека текстот ми бил удбашки упад и веќе немал да ми дава изјави. Голема работа. Затоа и ден денеска наместо на Гордан му се јавувам на Ивица Боцевски. Ќе си го прашам Ивица што Гордан би изјавил во таа и таа ситуација и Боцевски ќе си одговори. Боцко брзо се адаптира.
Сепак, благодарна сум што ме поддржаа вистинските новинари како Мирка, Миленко, Дарко, сите ние што пиеме кафе во „Кала“. Формиравме и здружение за белење на новинарските црнила „Каладонт 2014“!
ФОКУС: Јавноста Ве помни и по брилијантните истражувања за кланот Заеви. Ќе кажете нешто за тоа?
СМЕШКОВА: Открив дека во нивните тегли со ајвар има за две семки повеќе од дозволеното. Најдов и лушпи. Две семки по две семки, лушпа по лушпа Заеви ја зголемувале масата на ајварот и профитирале.
ФОКУС: Авторка сте и на книгите „Отровни корнишони“ и „KoЗаев Ностра“…
СМЕШКОВА: Во првата ги документирам сите ѕверства на Заеви, од отровните краставици па сѐ до нетребениот ориз, додека во втората го анализирам феноменот наречен заевизам. Го истражувам како истрошен, скиселен систем на вредности кој стручно го нарекувам туршијат.
ФОКУС: Зошто одамна не сте напишале текст за Бранко?
СМЕШКОВА: Видете, не сум лешинар. Нека се врати Бранко на власт во опозиција, тогаш дерман ќе нема.
ФОКУС: Да проговориме за текстот за кој сте наградени.
СМЕШКОВА: Тоа е пионерски обид. Децениски труд со којшто на скала од 1 до 100 ја измерив чесноста на Груевски. Текстот се вика „98 проценти“ и за тој напис ја добив ценетата стипендија „Роберт Мугабе“.
ФОКУС: Зошто баш чесноста на Груевски?
СМЕШКОВА: Новинарството не треба само да го истражува непознатото, ами и да го докажува општоприфатеното. Претходно сите веруваа дека е чесен, денес 98 отсто се убедни. Тоа не е мала работа.
ФОКУС Што очекувате од иднината?
СМЕШКОВА Што е мое ќе си дојде! Не се подготвувам за иднината, таа нека ме чека мене. (го крши моливот со прстите од само едната рака).