Ахмети преговара со пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, сака да го врати и Груевски?!

by fokus

Процесот за уставните измени засега останува заглавен, но политичките актери во меѓувреме не мируваат. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети ги активира старите пријателства со некогашните коалициски партнери ВМРО-ДПМНЕ, а во игра се неколку опции како би се развивал процесот понатаму. На мапата на можности повторно се појавува и поранешниот премиер Никола Груевски.

Пишува: Катерина СМИЛЕВА БОЖИНОВСКА

Во моментов, процедурата за уставните измени е во статус кво. ВМРО-ДПМНЕ декларативно бара да се премине на гласање, а СДСМ чека да се случи чудо и да се создадат 80 пратеници што ќе ја гласаат потребата за измени на Уставот.

Но, дали само чекаат? Функционери од СДСМ не кријат дека секојдневно се во контакт со пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, во обид да ги убедат да гласаат за уставните измени. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, тврдо стојат на ставот дека ниту еден нивен пратеник нема да го промени ставот.

АХМЕТИ ПРЕГОВАРА СО ПРАТЕНИЦИ ОД ВМРО?

И тука на сцена стапува лидерот, кој во својата политичка кариера бил коалициски партнер и на СДСМ, и на ВМРО-ДПМНЕ, вечниот Али Ахмети. Според партиски извори, токму Ахмети е тој што е во преговори со пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.

Нема информации со колку пратеници е во контакт, но неофицијалните информации велат дека преговорите му одат добро. Барем така ги уверувал најблиските сопартијци. Дали на крај ќе вродат со плод, ќе покаже моментот кога ќе се случи гласањето во Собрание.

За тоа дали Ахмети ќе ги искористи старите пријателства со ВМРО-ДПМНЕ, во насока на убедување пратеници, политичкиот аналитичар Сефер Селими вели дека тој се надева дека ќе се најде начин, било тоа да се употребат и стари распаднати политички врски за конечно да бидеме во можност да се движиме забрзано кон интеграција во Европската Унија.

-Јас сум сигурен дека и во ВМРО-ДПМНЕ има доволно луѓе, кои се свесни за ризиците кон државата и нашите граѓани би можеле да се појават во случај овој процес да пропадне. Сепак, мислам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се отрезни од опсесијата за доаѓање што побргу на власт, и по цена со тоа да ја ризикува иднината на сопствената држава и на својот народ – смета Селими.

Одредени информации одат и до таму што се споменува дека Ахмети работи на враќање на поранешниот премиер, а сега азилант во Унгарија, Никола Груевски.

Наводно, откако Груевски првично не успеал да влијае на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ да се премислат и да гласаат за уставните измени, сега Ахмети би сакал да го врати поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ во Македонија, за да му ја разниша позицијата на актуелниот лидер Христијан Мицкоски и уште еднаш да се обиде да ги премисли пратениците. Ова би била последната опција доколку ВМРО-ДПМНЕ не попушти за уставните измени. Случајно или не, деновиве во Собранието владата предложи измена на Кривичниот законик, кои овозможуваат побрзо застарување на многу дела за кои се гони Груевски.

ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК

Поврзани новости