Агелер: Сите знаат кои се корумпираните актери во земјава, се надевам институциите ќе преземат нешто

by fokus

Сите знаат кои се корумпираните актери во земјава, се надевам дека институциите ќе преземат нешто, вели американската амбасадорка, Анџела Агелер.

-Интересно е дека секојпат кога назначуваме луѓе за корупција во оваа земја, секој граѓанин и секој пријател со кој разговарам, вели: ‘се разбира’. Затоа што луѓето знаат, знаат кои се корумпираните актери во земјава. Нема правна обврска за институциите да преземат акција, но се надевам дека меѓу институциите кои веќе знаат дека има корупција во овие случаи, дека навистина ќе преземат нешто, бидејќи луѓето во оваа земја треба да бараат и заслужуваат оваа корупција да биде следена, истражувана и гонета, вели Агелер во интервју за Телма.

На прашањето дали може назначувањето на црната листа на луѓе и компании поврзани во случајот т.н. „Плацеви на Водно“ да се интерпретира како поддршка од САД за Врховниот суд со оглед дека се чека финалната одлука за случајот и притоа имавте и средба со судиите која се случи во октомври, таа не одговори конкретно, но вели дека судиите треба да го следат законот.

-Најпрвин назначувањата кои беа објавени од Министерството за финансии во четвртокот се многу важни. Тие се уште еден аспект, што законот на САД го бара. Кога ние сме свесни дека една личност или личности кои се инволвирани во коруптивни активности, законот на САД бара од нас да ги именуваме и да разграничиме, кои се тие малигни активности и што е корупција. Објавите во четвртокот на господинот и госпоѓата Самсонеко и исто така на госпоѓа Камчева се резултат на тоа. Тие всушност немаат ништо поврзано со тој одреден случај или друг одреден случај. Јас бев среќна што сум поканета од судиите на Врховниот суд да одам да разговарам со нив, бидејќи судството е важно. Без разлика дали е тоа случајот „Плацеви на Водно“ или било кој случај пред било кој суд во земјата ние многу се надеваме дека судиите ќе го следат законот и ќе донесат одлуки кои се врз основа на законот и ќе го направат тоа на начин кој е транспарентен за секој граѓанин на оваа земја, изјави Агелер.

Според неа, Врховниот суд е последниот бедем кој треба да го следи правото.

-Видете, мислам дека знаете, а и сите граѓани на оваа држава знаат дека САД би амбасадата на САД работат многу посветено повеќе од 30 години, колку што трае нашата поврзаност со оваа земја, да го поддржат судството, на сите нивоа, обвинителство, адвокатурата, судии од основниот суд или од Врховниот суд. Силно и јасно сме посветени на поддршката на институцијата, на правосудството, а не само на поединечен судија. Врховниот суд за оваа земја, и за мојата е неверојатно моќен симбол, тоа е „последниот бедем“, како што велиме ние, и од она што го дискутирав со судиите е колку е важно за сите нив, индивидуално и како тело да го следат правото кога ги донесат одлуките, за луѓето во оваа земја да разберат, како и зошто се носат тие одлуки, додава таа.

Во минатонеделното назначување на црногорскиот бизнисмен Дака Давидовиќ на „црната листа“ на САД, во објаснувањето беа спомнати и поранешниот премиер Зоран Заев и поранешниот генерален секретар на владата Драги Рашковски.

Беше споменато дека Давидовиќ влијаел врз влади на Западниот Балкан или врз претходни и актуелни политичари. На прашањето, дали во тој контекст се мислело на Северна Македонија и која е пораката, Агелер изјави:

„Мора да признаам дека како американски амбасадор во Северна Македонија, се фокусирам на тоа што се случува во оваа земја. Но, ќе кажам дека во назначувањата кои ги видовме досега, корупцијата нема тенденција да остане во една држава. Балканот е област која е многу поврзана и секако тоа го видовме и со назначувањата тука, но мислам дека една од важните поенти кои ги нагласивме во нашата објава минатиот четврток, кога беа објавени назначувања, е дека со кого правите бизнис, може и ќе ве погоди и вас и вашето семејство, дали се во оваа земја, или на друго место во регионот“.

САД минатата недела ја проширија „црната листа“, а на неа од Северна Македонија се најдоа имињата на Сергеј Самсоненко, неговата сопруга Ирина и Ратка Куновска Камчева, мајката на Јордан Орце Камчев. Тие им се придружија на Орце Камчев, Рамиз Мерко, Никола Груевски и Сашо Мијалков.

 

Поврзани новости