Аеродромот „Александар Велики“ може да се преименува во „Мајка Тереза“ после изборите

by fokus

Можно е македонската влада по локалните избори да се одлучи да го преименува аеродромот во Скопје со некоја географска одредница или, на пример, во Мајка Тереза, пишува германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ во анализата „Не под ова име“, посветена на спорот за името со Грција, пренесува МИА.

Во својата изјава за весникот министерот за надворешни работи, Никола Димитров, одбива да одговори дали новата влада е подготвена да ги преименува објектите, како автопатот или аеродромот во Скопје, кои Атина ги смета за провокативни. Но Димитров ветува дека политиката на „антиквизација“ на претходната влада во земјата нема да продолжи и дека „не ни требаат стотици споменици за да се чувствуваме како горди Македонци“.

– Македонија извлече поуки од грешките кои се случуваа во изминатиот период. Владеењето на Груевски не е оправдување за тоа што во Скопје го загубивме компасот. Претходната влада се оддалечи од Европа и на сите им олесни да го блокираат напредокот на Македонија. Но Македонија научи од своите грешки, а се надевам дека и Европа научила нешто од своите грешки – го цитира ФАЦ шефот на македонската дипломатија Никола Димитров.

„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ наведува дека името на државата и не е најголемиот проблем, туку барањето на Атина да се сменат и името на народот и на јазикот и заклучува дека „тоа не беше прифатлива тема за преговори за Груевски, исто како што не е и за Димитров.“

– Ние Македонците не сме се разбудиле едно утро и сме одлучиле да бидеме тоа што сме. Ние сме Македонци како резултат на еден историски процес, околу кој не може да се преговара. Патем, ние не бараме ексклузивитет за нас, да бидеме Македонци. Јас се чувствувам како Македонец, но немам ништо против, кога и некој Грк во Солун се чувствува како Македонец, без разлика дали во регионална или културна смисла – вели Димитров.

Поврзани новости