Адеми за Фокус: Нема клима за повеќе од 2 партии во албанскиот блок

Ставот на ДУИ е дека победникот од албанскиот политички блок треба да биде дел од Владата, вели долгогодишниот пратеник на ДУИ и висок партиски функционер Џевад Адеми.

by Фокус

Како ДУИ во овие 20 години стана неприкосновена партија во албанскиот политички блок, додека некои нејзини ривали згаснуваат, па дури и целосно исчезнуваат од политичката сцена, анализира неделникот Фокус во последното издание.

По тој повод, разговаравме со долгогодишниот пратеник од редовите на интергративците Џевад Адеми, кој моментално е дел од раководството на ДУИ и воедно е политички советник на партискиот лидер Али Ахмети.

Според него, ДУИ покажала во последните две децении се однесува одговорно и конструктивно во поглед на реализацијата на зацртаните цели во партиските и изборни програми.

Дополнително, посочува тој, ДУИ е партија која де факто обезбеди поголеми колективни права за албанската етничка заедница, обидувајќи се, како што вели, во континуитет да ги унапредува овие права.

Дали перцепцијата за поголеми права или програмите од предходните избори се причината за победи на изборите? Убеден сум дека се работи за комбинација од овие два важни столба на кои ние како политичка опција им придаваме еднаква важност – смета Адеми.

Според него, спроведувањето на Охридскиот Рамковен Договор нема рок и бара постојано следење на состојбите во однос на правата на етничките заедници.

Овој документ ги постави темелите на мултикултурна, мултиетничка држава каде сите етнички заедници имаат еднакви права. Овој документ, исто така го зацрта и отвори патот кон НАТО и ЕУ – вели Адеми.

Тој додава дека ДУИ, следејќи ги политичките текови од западниот свет, одлучила паралелно да работи и на поздрава животна средина за своите граѓани.

Зелената агенда не е политика. Зелената агенда е обезбедување иднина преку здрави деца и здрав живот. Затоа, со истиот стремеж како и досега, ќе се ангажираме зелената агенда да биде дел од нас. Зелената агенда беше основа на нашата програма на последните локални избори и беше многу добро прифатена и поддржана – истакнува Адеми.

Тој смета дека во ситуација кога има здравствена и енергетска криза, како и предизвици во делот на ЕУ-интеграции, животен стандард итн, нивната заложба треба да биде спроведувањето на програмата, а не нови избори.

Во тој контекст, мислам дека е рано да се размислува и разговара за било какво коалицирање, бидејќи изборите се далеку. Уште еднаш истакнувам дека е потребна работа со цел решавање на проблемите на граѓаните, а не постојано организирање на избори – нагласува Адеми.

Во врска со прашањето околу евентуално учество на ДУИ во предизборна албанско-македонска коалиција на наредниве парламентарни избори, тој потенцира дека ставот на ДУИ е дека победникот од албанскиот политички блок треба да биде дел од Владата.

Оттука, сметам дека треба да има политичка трка внатре во албанскиот политички блок. Во изминатиов период смe апелиралe да се обединат албанските партии затоа што така ќе и бидат посилни и поконкурентни на ДУИ. Мислам дека нема клима за повеќе од две партии во албанскиот политички блок – порачува Адеми.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Влатко Стојановски

Поврзани новости