Изминува седмиот ден, откако тројцата универзитетски професори Крсте Шајноски, Маргарита Матлиеска и Александар Костадиновски од Економскиот факултет при штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ штрајкуваат со глад во просториите на СОНК, бидејќи како што тврдат, незаконски се избркани од работа. Од ден на ден, нивната здравствена состојба се повеќе се влошува, а тие се уште чекаат ректорот Саша Митрев и деканот на факултетот Ристо Фотов да постапат по решението од Државниот просветен инспекторат, за што имаат осум дена.
– Ова веќе не се издржува. Не знаеме до кога ќе тераме вака. Веќе седум дена не сме јаделе ништо. Ова што се случува е страшно – тврди професорот Шајноски.
Од Синдикатот за образование и наука (СОНК) велат дека ќе почекаат уште утре, за да видат дали ќе има некаква одлука и од сабота ќе преземаат порадикални мерки.
– Овие два дена се последни што ќе почекаме да видиме дали ќе се донесе некаква одлука во врска со тројцата универзитетски професори. Ако не, во сабота ќе имаме седница и раководството на СОНК ќе се приклучи на штрајкот со глад. Редно време е да се прекине самоволието на ректорот и деканот, кои доведоа до тоа, за првпат, универзитетски професори да штрајкуваат со глад – велат за „Фокус“ од СОНК.
„Фокус“ контактираше и со министерот за образование и наука, Абдулаќим Адеми. Тој тврди дека тие не можат да им влијаат на универзитетите, бидејќи тие се автономни институции, но сепак, мора да постапат по решението на Државниот просветен инспекторат.
– Го следиме случајот со тројцата професори што штрајкуваат со глад. Универзитетите се тие кои, сами си носат одлуки и ние не можеме да им влијаеме какви одлуки да носат, но сепак можеме да ги следиме преку ДПИ. Тука е покомплицирана ситуацијата. Државниот просветен инспекторат донел решение и Универзитетот мора по него да постапи за осум дена. Ако за тие осум дена, не се постапи по решението ќе следуваат санкции – тврди Адеми.
„Фокус“ денеска се обиде да стапи во контакт и со ректорот Митрев, за да ни одговори на прашањето – кога планираат да постапат по решението на ДПИ? Но, тој не одговараше ниту на нашите телефонски повици, ниту на смс -пораките.
Тројцата доктори на науки штрајкуваат со глад веќе седми ден. Тие во меѓувреме добија поддршка од дел од академската фела, како и од апсолвентите на Економскиот факултет.