Вајц: Македонија треба да биде предводник во преговорите со ЕУ, ако се надминат сите блокади од Бугарија

by irena 16:28
16:28

Функционалното владеење на правото, доследното спроведување на законите и изборот на раководни кадри врз основа на образованието, работното искуство и квалификациите се клучни предуслови за економскиот развој и враќањето на довербата на граѓаните во институциите, оцени денеска европратеникот и известувач на Европскиот парламент за Македонија, Томас Вајц, во видео-обраќањето на тематската дебата во Собранието посветена на извештаите на Европската комисија за владеењето на правото и парламентарниот надзор.

Тој нагласи и дека Македонија треба да биде предводник во преговорите за пристапување кон ЕУ, ако се надминат сите блокади од соседна Бугарија нагласувајќи дека тука треба да се вложи голем напор.

– Се надевам дека Северна Македонија ќе почне со преговорите имајќи ги предвид сите реформи што се спроведени во вашата земја. Вие би требало да бидете предводници во преговорите за пристапување кон ЕУ ако се надминат сите блокади од соседна Бугарија. И тука треба да вложиме многу напори – истакна европратеникот.

Тој, во обраќањето на денешната тематска дебата за извештаите на Европската комисија за владеењето на правото, истакна дека корупцијата претставува пречка и застој што никому не му носи корист и дека е неопходно да се надминат состојбите што го попречуваат напредокот.

Вајц нагласи дека владеењето на правото не треба да се разгледува само во контекст на приближувањето кон Европската Унија, туку пред сè како услов за економски развој и создавање подобри перспективи за граѓаните.

– Знаеме дека корупцијата е назадување, еден застој, не помага никому и треба да се обидеме да ја одминеме. Но, надвор од прашањето за претставување кон Европската Унија, за економскиот развој на земјата е важно дали владеењето на правото е функционално или не. Дали вие како претприемач, ако доаѓате од странство, како инвеститор, можете да се потпрете на владеењето на правото во вашата земја? Не само дали државата ги има законите на хартија, туку и дали тие се имплементираат. Тоа е клучно за економскиот развој и нешто што треба да им го испорачаме на нашите граѓани, пред сè како најважна работа – рече Вајц.

Слични вести