Веќе повеќе од дваесет дена, „Фокус“ чека одговор од Дирекцијата за заштита и спасување зошто не се изјаснила дали изградбата на нови 24 мини-згради во шумски дел на Водно, како што предвидува првичната нацрт-верзија на Деталниот урбанистички план „Барутана“, може да предизвика безбедносни импликации, како што впрочем стравуваат критичарите на овој план, според кои тој ќе ги доведе во опасност не само околните жители, туку и сите скопјани, од причина што опфатената локација е означена како ерозивно подрачје.
Но, ако ние чекаме неколку недели за одговор на прашање од исклучителен јавен интерес, планерската куќа што го изготвува ДУП-от по нарачка на компанија-сопственик на земјиште во рамки на опфатот, чека неколку месеци без никаков одговор од ДЗС, што всушност значи виза за продолжување на постапката за носење на спорниот план. Имено, во случајов молчењето има тежина на одобрување или согласност, бидејќи важечката регулатива предвидува прекин на постапката само во случај на негативно мислење.
Сепак, клучното прашање е дали молкот ги ослободува одговорните во ДЗС од потенцијална одговорност во иднина? Во таа смисла, Јана Белчева од „Шанса за Центар“ деновиве објаснуваше дека оваа институција мора да се произнесе за предлог-планот, бидејќи, според неа, тој предвидува нови градби на „сложени теренски услови и значителни нагиби“. Притоа, предупреди дека на Водно може да се случи истото што се случи во Кочани токму поради замижување на надлежни органи, меѓу кои и споменатата Дирекција.
–Во планската програма се бара да се направат хидролошки, геолошки и геотехнички анализи за да може да се предвиди што со истекувањето на атмосферските води, што со стабилноста на падините, што со ризиците од ерозија, што со ризиците од свлечишта итн. Ние веќе гледаме напукнати ѕидови на подолните објекти, кај Детската клиника. Ниедна институција не се наоѓа одговорна да рече – да, јас ќе го санирам. Туку тие меѓу себе си припишуваат одговорност. Е како така не се однесуваат кога треба да стопираат некое решение полно со ризици?
Ако ние сме соочени со нешто што од повеќе инстанци на државата е оценето дека има ризик од ерозија, од свлечишта, како замижуваме и лесно велиме: Добро сега, има ризик ама ајде може нема да се случи во моја смена. Е па така се случуваше и Кочани. Најголема трагедија ни се случи бидејќи сите при очи се правеле слепи и не гледале што таму се случува. Овде е загрижувачки тоа што една од сите тие институции во низата, на пример, е ДЗС, која може да биде филтер на донесување на урбанистички план и да каже дека нема анализи, нема геотехнички анализи, нема никаков план од аспект на заштита и спасување, не се знае дали ќе има евакуациски правци, ризици од пожари, од поројни води, пристап на противпожарни возила и сл. ДЗС со молчење го аминувала донесувањето на планот.
Се обраќаме сега (до ДЗС), но не добиваме одговор. Се обратиле изработувачите на планот и не добиле одговор. Мора јавноста да биде свесна дека институциите постојат за да го заштитат јавниот интерес, а не за да премолчат, па утре кога ќе се случи катастрофа, како во Кочани, колку луѓе од ДЗС седат на обвинителни клупи, сите гледајќи како да се ослободат, а сите на некој начин можеле да превенираат. Затоа ги повикуваме да не ни се случи некаква катастрофа, да ги заштитат граѓаните, своите деца, доброто на Градот и да дадат мислење дали ваков план треба да помине или не – рече Белчева.
Додека ДЗС упорно одбива да се произнесе за забелешките дека мора да биде филтер дали постои ризик дали еден план да се турка или не, од Дирекцијата и првиот човек Стојанче Ангелов периодов беа во фокусот на јавноста во контекст на шумските пожари. Во врска со тоа, Ангелов не избегнуваше никакви одговори, туку напротив – на долго и на широко во јавноста објаснуваше кои се факторите поради кои избиваат овие пожари, а не штедеше ниту фалби за себе и другите органи за успешното справување со огнените стихии.
Арно ама, меѓу обврските и надлежностите на ДЗС не е само да реагира кога ќе се појави криза, туку побитен е превентивниот сегмент, кој подразбира да се преземат мерки во насока на анулирање на ризиците за можна катастрофа. Се чини дека токму таква е ситуацијата околу „Барутана“, имајќи во предвид дека постојат сериозни аргументи оти урбанизација на шумски предел може да предизвика трагедија како резултат на ерозија и свлечишта. Патем, такви предупредувања не испорачуваат само критичарите на планот, туку станува збор за наводи содржани и во Локалниот план за енергија и клима, каде, меѓу другото, се наведува:
„Во последните години Општина Центар е под силен притисок на урбанизација. Самиот град се гради интензивно со загуба на постојните зелени површини и намалувајќи ја пропустливоста на површините, последователно претворајќи го во запечатена површина. Ова влијае врз намалувањето на пропустливите површини и ја намалува способноста на површината да ги апсорбира врнежите и последователно по секој дожд улиците се покриваат со вода и ако дождовите се поинтензивни доаѓа до поголеми поплави. Од друга страна, градот ги проширува своите граници и со тоа ги урбанизира околните природни површини.
Планината Водно во моментов е под силен притисок за проширување на градот. Во моментов, Општината е слабо загрозена од ерозивни процеси. Меѓутоа, гледајќи ги притисоците за урбанизација на падините на планината Водно, може да се каже дека постои потенцијал за активирање на ерозијата и поројните водотеци. Од друга стана, пак, доколку ги погледнеме идните климатски сценарија, каде што се предвидува зголемување на интензивните врнежи, може да се очекува и активирање на ерозивните процеси и дормантни свлечишта“.
Оттука, ако утре помине постоечкиот ДУП и на Водно никнат дваесетина згради со по 4 станбени единици како што првично се предвидува, а по некое време се остварат стравувањата за можни свлечишта или други ризици, при што дојде и до човечки жртви, неминовно ќе се постави прашањето за одговорност кај институциите кои можеле, а не го спречиле тоа. Бездруго, меѓу нив ќе биде и ДЗС, чии поранешни директори, колку за потсетување, се на обвинителна клупа поради трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“.
– Јас ги сметам директорите пред мене за колатерална штета, кои што во таа, да речам, тогаш длабоката болка и тага, која што настана, едноставно отидоа како колатерална штета. Јас не гледам што е виновен Шабан Салиу, кој што бил директор 10 години пред да се случи трагедијата? Дали тоа значи дека еден ден кога јас ќе отидам во пензија, кога ќе заборавам дека сум бил директор на ДЗС, ако се случи некоја трагедија, некој треба мене да ме уапси? – рече неодамна Ангелов.
Ако се прави аналогија со Кочани, одговорот е дека при можна несреќа на Водно како резултат на ДУП за кој ДЗС не дала мислење иако постојано била повикувана, е сосема можно директор(и) и вработени во Дирекцијата прво да станат осомничени, а потоа обвинети. Инаку, таква констатација или претпоставка произлегува и од тврдењата на универзитетскиот професор Мирослав Грчев, кој рече дека неизјаснувањето на ДСЗ или на било која институција не може да го сопре цел процес на носење на ДУП. Меѓутоа, додаде тој, ако при реализацијата на планот дојде до несакани последици, тогаш одговорност има институцијата што не се изјаснила.
–Сите надлежни институции ги даваат мислењата во постапката. Планерот е должен да ги праша сите, но ако некој не одговори нема да застане целиот процес. Нема сите граѓани, ако тоа е ГУП или ДУП се работи за илјадници граѓани, нема да чекаат. Во законот стои ако институцијата надлежна да даде мислење не одговори на барањето тогаш за 15 дена се прави записник за констатација и процесот, кој е огромен, масивен, инклузивен, партиципативен, продолжува понатаму, а евентуалните штети што може да настанат заради не давање на мислењето ги сноси кривично и секако институцијата што не дала мислење – објасни Грчев.
ПОВРЗАНИ ТЕКСТОВИ:
Влатко СТОЈАНОВСКИ