Ако помине ДУП-от „Барутана“, ќе се сечат 9.000 квадрати шума за над 20 „хациенди“ на ерозивно подрачје на Водно?!

Со поддршка на советници на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Советот на Општина Центар неодамна го изгласа Нацрт-деталниот урбанистички план „Барутана“, кој е во фаза на јавна анкета. Од една страна, општинската власт и администрација, како и планерската куќа што го изработи урбанистичкиот план по нарачка на компанија-сопственик на земјиште во рамки на опфатот, уверуваат дека тој се носи во вообичаена и регуларна постапка, со цел да се испочитува веќе стекнатото право на сопствениците на парцелите со претходниот план укинат од Уставниот суд, со тоа што, истакнуваат тие, се намалува површината за градба од 43.000 на 29.000 квадратни метри. Од друга страна пак, ЗНАМ, Левица, „Шанса за Центар“ и други критичари предупредуваат дека ако ДУП-от биде усвоен во ваква форма, ќе треба да се исече шума од 9.000 квадратни метри за да никнат нови 25 објекти покрај постоечките 15, при што 24 се т.н. хациенди со површина од 700 до 1.000 квадрати, кои, според нив, многу лесно може да станат мини-згради со по 4 станбени единици. Дали реализацијата на ваков план ќе претставува законско прекршување поради отстапување од параметрите на ГУП-от, но, пред се, дали ќе предизвика опасност за Скопје и скопјани, од причина што се работи подрачје под влијание на ерозија?

by vlatko 14:01
14:01

Денеска се одржува јавна презентација на Нацрт-деталниот урбанистички план Ј05 „Барутана“, кој веќе крена голема прашина не само меѓу жителите на Центар, туку и во целокупната јавност, бидејќи предвидува изградба на нови објекти среде шумски предел на Водно над полициската станица, каде всушност започнуваат планинарските патеки, што е означено како ерозивно подрачје.

Имено, пред околу 2 месеци зелено светло за овој Нацрт-урбанистички план дадоа 13 членови на Советот на Општина Центар, односно „за“ гласаа сите советници на ривалските СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ (со исклучок на двајца), додека „против“ беа советниците од владејачката ЗНАМ, од опозициската Левица, како и од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“.

Уништуваме шума и зеленило од 9.000 метри квадратни за да гради некој инвеститор. Сега се хациенди со површина за градба од 700 до 1.000 квадрати, па ќе станат згради со по 4 станбени единици. Зарем за неколку моќници ќе го ставиме целиот град во опасност? – праша на седница на општинскиот совет советничката Билјана Филиповска Тодорчевска од „Шанса за Центар“.

Воедно, таа посочи дека за да се стигне до планираните објекти, ќе биде потребно да се пробијат улици, што, според неа, ќе чини многу повеќе од парите што локалната самоуправа ќе ги добие од наплатените комуналии, настрана тоа што се доведуваат во опасност и сите жители на Скопје поради можноста од ерозија на земјиштето.

Планот што сега се предлага и претходните се спротивни на Генералниот урбанистички план, бидејќи ги надминуваат параметрите. Со ГУП-от се предвидува бруто-површина за градба од 6.500 метри квадратни, а на овој дел веќе изграденоста е 16.000 квадрати. Сега со планот се предвидува 29.000 квадрати бруто-површина за градба. Ние со носење план за 155 жители ги доведуваме во опасност сите скопјани – рече Филиповска.

Дали стекнатото право врз основа на веќе укинат план е побитно од заштитата на градот, праша таа, а во слична насока говореше и советничката од ЗНАМ Александра Цветановска. Конкретно, Цветановска праша дали со новиот план директно се загрозува безбедноста на граѓаните поради можни свлечишта, како и дали се добиени позитивни мислења од надлежните институции?

Ние побаравме мислење од Дирекцијата за заштита и спасување, но на нашето барање не добивме одговор, па според Законот, ако не се одговори тогаш ние можеме да продолжиме со постапката, односно немаме негативно мислење – одговори раководителката на Секторот за урбанизам Танкица Христова Спасовска, додавајќи дека ако поништат стекнато право тогаш општината ќе биде тужена.

Притоа, таа истакна дека парцелите во рамки на овој урбанистички план се приватни и маркичките биле нацртани уште во 2002 година. Оттука, според неа, доколку не се изгласал новиот нацрт-ДУП, откако претходниот бил укинат од страна на Уставниот суд, тогаш ќе се одземе веќе стекнатото право на градба. На слична линија беше и градоначалникот Горан Герасимовски, кој, покрај останатото, рече:

„Медиумите цело време пренесуваат дека ќе има 25 нови парцели, а тоа е лага. Истите тие парцели ги има и во претходните ДУП-ови, ние како општина законски не можеме да избришеме која било од тие парцели. Нема нови дополнително нацртани парцели, туку има намален простор за градење…“.

Инаку, при презентацијата на планот, од Општина Центар истакнаа дека тој мора да се донесе оти претходниот бил укинат од Уставниот суд, посочувајќи дека со новиот ДУП се намалува површината за градба од 43.000 на 29.000 квадратни метри, додека процентот на зеленило ќе изнесува 40 отсто или двојно повеќе од законскиот минимум.

Според планската документација за изработка на ДУП-от, изготвен од страна на „Билд Урбан“ по барање на компанијата „Лутарико“, која, патем речено, поседува земјиште на просторот опфатен со планот, се дозволува изградба на 25 нови објекти покрај постоечките 15, со приземје и 2 ката, односно со изградена површина од 700 до 1.000 квадрати по објект.

Додека трае јавната анкета, по што треба да се направи конечна верзија во која ќе се вметнат прифатените забелешки пред урбанистичкиот планот повторно да оди на гласање, „Шанса за Центар“ со петиција побара негово повлекување, со објаснување дека доколку помине планот во ваква форма, не само што се крши законот туку се нарушува безбедноста на скопјани.

„Со овој план на подрачје кое е означено дека е под влијание на ерозија се предвидува зголемување на бројот на жители и на станбена површина над параметрите кои ги дозволува ГУП-от на Скопје, што е незаконско! Со овој план се создаваат услови за идна несреќа во вид на лизгање на земјиште, ерозија или поројна поплава“, се наведува во петицијата.

Претходно, од граѓанската иницијатива алармираа дека од сите планирани нови градби, тие даваат поддршка единствено за онаа предвидена за јавни функции, односно за изградба на дом за возрасни лица. Арно ама, според нив, останатите објекти се предвидени за приватно домување во куќи, при што, велат тие, во секоја одделно може да има до 4 станбени едници, односно по 4 стана.

„Во Планот за енергија и клима на Општина Центар овој предел веќе е обележан како подрачје загрозено од ерозија со препорака на него да се сади квалитетна шума, а не да се садат станбени објекти. И во самата проектна програма врз основа на која се изработувал ДУП-от пишува дека задолжителна мерка за заштита и спасување која треба да се разработи во планската документација е опасноста од ерозија“, потенцираат од „Шанса за Центар“.

Во меѓувреме, советничката во Град Скопје, Јана Белчева, рече дека овој план претставува нова бетонизација на Водно, нова сеча на шумата засадена од претходни генерации заради заштита од опасности што се појавуваат – поројни дождови, ерозија, лизгање на земјиште, аерозагадување… Според неа, овој план влијае врз квалитетот на живот, но пред се на безбедноста на скопјани.

Овој ДУП е проблематичен зашто е неусогласен со Генералниот урбанистички план со важност во моментов. Параметрите се надминати и тоа го потврдија изработувачите на планот, кои рекоа дека параметрите веќе се надминати со постоечките градби, не со новите. За да се почитува ГУП-от одговорен е Град Скопје и стручната комисија, која како да не ја видела и утврдила неусогласеноста па издала позитивно мислење – рече Белчева, истакнувајќи дека позитивно мислење нема дадено ДЗС.

Одговарајќи на нејзино прашање дали ќе иницира преиспитување на даденото позитивно мислење од Град Скопје, скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски рече дека ќе разговара со секторот урбанизам и со комисијата, за да се испита можноста дали може да се оди чекор назад во постапката. Како што рече тој, лично смета дека треба да се интервенира во овој случај.

Јас како нов градоначалник имам право да имам различно мислење од моите претходници.  Инаку, генерално сум против градење на било што на Водно и тоа нека биде јасно за цела јавност. Било што на Водно, освен инфраструктура, не е добро. Можеби ние нема да ги почувствуваме последиците како генерација, може нашите деца нема да ги почувствуваат, но наши внуци и правнуци ќе ги почувствуваат – порача тој.

Во контекст и во врска со ГУП-от, на денешната јавна презентација за предлог-планот „Барутана“ говореше советникот на Левица во Град Скопје Анреа Јанков, кој, меѓу другото, рече дека туркањето на овој ДУП е за да се искористи тоа што се уште не е донесен новиот ГУП, чие носење веќе доцни 4 години. Според него, се работи за фото-финиш трка со цел, како што рече, да се искористи она што може да се искористи.

Не може невестата да биде малку трудна. Ние се фалиме дека сме намалиле градба, а практично градиме неколкукратно повеќе, без конкретно да се фатиме за џеб и таму да се исплатиме за да има јавен интерес наместо приватен интерес за приватни фирми, не поединци – истакна Јанков, според кого носењето на планот е резултат на одредена политичка волја.

ПОДЕТАЛНО И ПООПШИРНО НА ОВАА ТЕМА ПИШУВАВМЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ НА НЕДЕЛНИКОТ „ФОКУС“, КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Слични вести