Денес во Скопје се организираше протестен марш против фемицидот, институционалното непостапување и неказнивоста.
Со голем транспарент „Нема да не снема“, и со пораките „Ниту една повеќе!“, „Жена, живот, слобода!“ и „Не бараме сочувство, бараме одговорност“, граѓаните побараа конкретни промени и ефикасна заштита за жените и девојките кои се соочуваат со насилство.
Пред за започне маршот, Елена Петрова, една од учесниците изјави дека институциите повторно потфрлиле во спречувањето на опасноста и дозволиле да се случи убиството на Билјана и потенцираше дека секое убиство на жена не е само насилство, туку е одраз на подлабок системски неуспех.
-Насилникот има историја на насилство. Кога девојче бара заштита и потоа е убиено, тоа е прашање на конкретна одговорност. Ова е фемицид. Секое убиство на жена не е само чин на насилство, туку одраз на многу подлабок неуспех на нашиот систем. Уште колку семејства треба да завиеме во црно додека слушаме изрази на сочуство, осуди и ветувања, а истото продолжува да се повторува. Ова е машко и системско насилство – изјави Петрова.
Организаторите на протестот бараат одговорност и санкции за сите пропусти, потоа итно поднесување и усвојување на законските измени за заштита од насилство, враќање на родот и родовата еднаквост во законите и образованието.
Како последно барање тие побараа разрешување на јавните функционери кои повикуваат на контрола и го оправдуваат насилството врз жените.