На денешното судско рочиште за случајот „Талир 1“, за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, обвинетите побараа изземање на обвинителката Ленче Ристоска. Адвокатите појаснија дека Ристоска доаѓа од скопското обвинителство, а го застапувала предметот кој е под надлежност на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, со овластување кое и било дадено уште од поранешниот републички јавен обвинител Љубомир Јовески.
Обвинителката Ристоска истакна дека и таа самата се обратила до републичкото обвинителство за завземање на правен став дали е потребно обвинител да се изземе во ситуација како нејзината, односно е цел на напад на обвинетото правно лице, во случајот ВМРО-ДПМНЕ, а таа превзема мерки за заштита.
-Не ме изненадува барањето за изземење, не е првпат обвинетите да бараат јас да не бидам обвинителот кој го застапува обвинението. Јас лично сметам дека не се исполнети условите за изземање, но имајќи ги во предвид променетите околности, и јас се обратив со барање до Републичкото јавно обвинителство за завземање на правен став, дали во вакви ситуации, за заштита на обвинител на напади од обвинето лице, и кога обвинителот превзема мерки за личниот интегритет, дали е потребно обвинителот да се изземе. Ќе напоменам дека се уште немам одговор на ваквото барање, рече обвинителката Ристоска.
Збор побара и обвинетиот Илија Димовски, кој додаде:
-Во овој конкретен случај имаме сомнеж и од двете странки и од одбраната и од обвинителката, од евентуален судир на интерес. Значи на ист став сме дека има дилеми и треба правно да се разрешат, рече Илија Димовски.
Судењето кое денеска требаше да почне по 6-ти пат од почеток, се одложува додека не се изјасни в.д. републичката јавна обвинителката Анита Топалова- Исајловска за изземањето на обвинителката Ристоска.
Во случајот се обвинети екс-премиерот Никола Груевски, како и Илија Димовски, Кирил Божиновски, Леко Ристовски и Миле Јанакиески. Предметот започна во февруари 2019 година.
Валентина Вурмо