Аспазија Софијанова најверојатно ќе продолжи да директорува со Детска клиника

by Fokus

По доаѓањето на новата влада, почнаа да се кројат листите на менаџери што ќе седнат на директорските столчиња на скопските клиники во наредните четири години.

Во јавноста засега се споменуваат имињата на некои лекари, а како што дознаваме, се очекува на дел од клиниките да седнат нови директори, додека на дел можат да останат и старите. Според информации на „Фокус“, на Клиниката за детски болести најверојатно ќе остане досегашната директорка Аспазија Софијанова. Нашите извори тврдат дека таа е во игра да го задржи директорското столче и во наредните четири години.

Веќе подолг период, главна тема меѓу лекарите на скопската Клиника за Гинекологија е кој ќе ја заземе директорската фотеља и ќе седне на местото на актуелната директорка Марија Хаџи-Лега, која за време на целото свое владеење ја следеа низа скандали, од зголемената смртност на новороденчињата, па се до опремувањето на директорскиот кабинет за кој потроши околу 20.000 евра.

Според нашите информации, засега во конкуренција за оваа функција се споменуваат имињата на двете лекарки Ана Данева и Викторија Јовановска. Лекарите на клиниката тврдат дека и кај нив во моментот овие имиња се најчесто споменувани, така што во рок од десетина дена официјално ќе се знае кои ќе бидат новите директори.

Пред две недели, скопската Клиника за неврохирургија остана без директор, откако актуелниот Алекасандар Чапароски заврши зад решетки поради земање мито од пациент. Во моментот, со клиниката управува доктор Илија Панговски, кој истовремено е претседател на Управниот одбор на истата клиника.

Министерот за здравство Арбен Таравари тврди дека се уште официјално не се знаат имињата на новите директори, но додава дека ќе седне со лекарите за да се изберат најдобрите стручњаци.

И.М.

 

Поврзани новости