Судијата Туфегџиќ ја послуша обвинителката Фетаи, побара судењето за „Таргет и Тврдина“ да се забрза

by fokus

Судијата Владимир Туфегџиќ ја прифати забелешката на обвинителката Фатиме Фетаи, дека судењето за нелегалното масовно прислушување во УБК, „Таргет и Тврдина“, се одвива многу споро, па реши да го забрза процесот. Поточно, Фетаи во синоќешното гостување на 1 ТВ рече дека во СЈО воопшто не се задоволни со која динамика се движи судењето за овој случај, а на денешното рочиште, пак, Туфегџиќ, ги предупреди токму обвинителите од СЈО да забрзаат.

Судијата им се обрати на обвинителите дека треба да преземат нешто околу прашањата, односно да бидат поконцизни, а одговорите пократки, бидејќи, според него, судењето се одолговлекува, а, како што рече, во последните денови судот е изложен на критики поради некои судски постапки и конкретно оваа. Судијата потенцира дека членови на СЈО токму вчера и пред неколку дена реагирале на спороста во постапката на „Таргет-Тврдина“.
Обвинителката Фетаи пак синоќа изјави:

-Да го споменам случајот Таргет-Тврдина, кој ја продуцираше целокупната криза во нашата држава, случај заради којшто ние постоиме како обвинителство. Иако сме задоволни од тоа како оди докажувањето, не сме воопшто задоволни од динамиката со која се води тоа судење. Судот мора да вложи поголеми напори за да има концентрирано судење, како што налага и ЗКП, затоа што со оваа динамика се разводнува и ефектот на злоделата, изјави Фетаи.

Во предметот „Таргет-Тврдина“ на СЈО се обвинети екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски, Никола Бошкоски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.

Поврзани новости