Османи: Не ни е лесно да зборуваме за избори, при зголемен број на заразени, но сепак можат да се одржат на 5 јули

by fokus

Вицепремиерот Бујар Османи денеска изјави дека и понатаму остануваат на ставот дека на 5 јули можат да се одржат предвремените парламентарни избори.

-Во однос на изборите, на сите ни е јасно дека во вакви услови, класична кампања во смисла на собири и средби со граѓаните не може да има. Дилемата е повеќе дали изборниот ден се разликува од другите секојдневни активности на граѓаните кога ги обавуваат своите нормални животни функции. Тоа ќе се има предвид при донесување на конечната одлука. Датумот на избори треба формално да го потврди претседателот на Собранието, изменувајќи ја одлуката за распишување на изборите од 12 април. Да почекаме да видиме уште неколку денови како ќе се одвиваат консултациите и пресекот на епидемиолошките трендови, рече Османи.

Тој кажа дека ниту на политичарите не им е лесно да зборуваат за избори во време на зголемен број на заболени од корона вирусот.

-Здравјето на граѓаните е пред било кој општествен процес. Нас темата избори ни е наметната поради тоа што сме уникатен пример во светот, кој во тек на пандемија нема функционален парламент по ничија вина затоа што се распушти Собранието со намера да имаме избори на 12 април. Не ни е лесно ни на нас како политичари да зборуваме за избори во услови на зголемени бројки, но наметната е како тема и се обидуваме да ги менаџираме двете состојби, рече рече Османи.

За евентуално ново продолжувањето на вонредната состојба, Османи кажа дека утре ќе се направи проценка, по што ќе се даде предлог до претседателот Стево Пендаровски.

Поврзани новости