Од 5 до 10 години казна затвор за насилниците кои тепаа пратеници

by fokus

Кривичниот законик предвидува казни затвор до 5 и до 10 години затвор за насилства какви што беа регистрирани вчера во Собранието, каде што, толпата која упадна повреди повеќе пратеници, новинари, полицајци.

За учество во толпа, според законот се одговара во секој случај, независно од дејствијата што ги презел учесникот поединечно.

По закон, бидејќи постојат десетици фотографии и видео снимки од синоќешното „тепање во живо“, полицијата и јавниот обвинител треба да ги идентификуваат и да покренат постапки, вклучувајќи ги и мерките за обезбедување.

Еве што предвидува казнениот законик:

Член 384
(1) Тој што учествува во толпа што со заедничко дејствување ќе спречи или ќе се обиде да спречи службено лице во вршење на службено дејствие или на ист начин ќе го присили да изврши службено дејствие, ќе се казни со затвор од три месеци до три години.
(2) Водачот на толпата, ќе се казни со затвор од една до пет години.
Учество во толпа што ќе изврши кривично дело

Член 385
(1) Тој што ќе учествува во толпа што со заедничко дејствување ќе стори насилства спрема луѓе или ќе оштети или ќе уништи имот од поголема вредност, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.

(2) Ако при дејствувањето на толпата некое лице е лишено од живот или тешко телесно повредено или настапила штета од големи размери, учесникот во толпата за самото учество, ќе се казни со затвор од три месеци до пет години.

(3) Водачот на толпата, ќе се казни со затвор од една до десет години.

Поврзани новости