Љупчо Димовски не знаел дека во Собранието се тепало: Ако заслужил и Груевски ќе го тепаат!

by fokus 12:41
12:41

Пишува: Вики Клинчасова

Пратеникот и поранешен министер за земјоделство, Љупчо Димовски, кој што на својот Фејсбук профил го објави скандалозното видео, во кое по влегувањето на толпата во Собранието, дел од насилниците се гушкаат и поздравуваат со пратеници од ВМРО ДПМНЕ,  а многу од нив им ракоплескаат, вели дека тој воопшто не смета дека поддржале и дочекале насилници, туку дека се поздравувале со ,,народот’’и му ракоплескале на ,,народот’’.

- Advertisements -

,,Видеото не го монтирав јас, туку некој ми го прати и го споделив. Тоа е народ, а не тепачи, и незнам зошто воопшто реагирате. Да ви кажам дека додека бев во салата, јас воопшто не знаев што се случува во другите сали и делови на Собранието. Не знаев дали се случило тепање, а кога народот влезе кај нас, кога тие луѓе ми пружија рака, нормално е дека ќе се ракувам со нив. Не се сретнавме ние со тепачи, како што ги нарекувате, туку народ дојде во собрание и се сретна со пратеници! Тоа е мој став!’’ – ни изјави тој во телефонски разговор.

На нашето прашање, како не слушнале ништо, ниту пискотниците, вревата, ниту пак виделе било што на интернет, околу тоа што се случува во другите делови на Собранието, тој вели дека немале достапност до повеќе портали на интернет, не биле информирани, и дека воопшто не се чувствува лошо поради тоа што и денес, откако знае што точно им се случувало на нападнатите пратеници, го постирал видеото.

,,Народот реагира. Тоа е народ. Сум можел и јас да бидам нападнат. Ако заслужил и Груевски, и него можеле да го тепаат. Не ги поддржувам тие кои што тепале, ќе бидат законски казнети, јас сум против насилство, но на луѓето кои што влегоа во салата јас гледам како на народ’’ – вели тој, а на прашењето дали му било сосема нормално ,,народот’’ да влегува во Собрание со фантомки, тој реагира – ,,Не знам кој носел фантомки, можеби неколку од луѓето. Не ме интересира. Кога по полноќ бевме сместени во иста просторија со другите пратеници ( се мисли на нападнатите) јас сочувствував со нив, но сепак народот си реагира’’ – тврди тој.

Поврзани новости