Слободан Богоевски вечерва однесен во затвор

by Фокус

Поранешниот разузнувач Слободан Богоевски вечерва е приведен од страна на полицијата за издржување на затворска казна. Тој за вечерва имал закажано интервју кај Оливера Трајковска на „24 Вести“, за што бил и најавен како гостин во емисијата, но поради приведувањето, откажано е неговото гостување.

Апелација на почетокот на декември минатата година ја потврди првостепената пресуда за случајот „Агент“, според која поранешниот разузнувач  Слободан Богоевски, адвокатот Владо Пешликоски и претставникот на „Меркатор“,Митја Валич, се осудени на две години затвор, а три години за финансиски малверзации доби адвокатот Васко Томановиќ.

Богоевски, како и  дел од останатите осудени поминаа осум месеци во притвор, а оттаму излегоа минатата година, по донесувањето на првостепената пресуда. Сега на Богоевски и на останатите осудени им останува само да ја почекаат одлуката на Врховен суд, каде што со вонреден правен лек ја обжалија второстепената одлука.

Обвинетите покрај казната затвор, треба да платат оштета околу 950.000 евра, средства кои, според пресудата, се смета дека се стекнати со дејство на кривичните дела злоупотреба на службената положба и перење пари.

На последнообвинетите Даниела Трајковска и словенечкиот Ален Јегени, со пресудата на Апелација, им е потврдена условна осуда од две години доколку во наредните 4 години го повторат делото.

Судењето за „Агент“ траеше два месеца. Шесттемина обвинети се товареа дека преку фиктивни договори и фиктивни фирми ќерки на кипарски „Централ балкан инвестмент“ и словенечки „Меркатор“ переле пари. Тие го негираа обвинението и тврдеа дека со договорот за купопродажба на лацот со површина од 19.000 квадратни метри во близина на Спортскиот центар „Борис Трајковски“, ја спасиле Македонија од тужба пред арбитражен суд бидејќи продала земјиште што било за денационализација.

Поврзани новости