Реакции за наградниот фонд на Охридски маратон: Повеќе пари за мажите, оти побргу трчале!

by fokus

Интернационалниот Атлетски Маратон Охрид, кој годинава ќе се одржи по триесетипрви пат на осми септември, наиде на остри критики од јавноста и обвинувања за полова дискриминација, откако беше објавен наградниот фонд.

Имено, за прво место во машка конкуренција наградата изнесува 800евра, додека во женска конкуренција дури 300 евра помалку. За второ место 400 евра за мажи и 250 за жени, а пак за трето 200 за мажи и 100 евра за жени.

Но ова е стандардна практика на Охридскиот Маратон, и фондот на награди отсекогаш бил ист, односно мажите секогаш добивале многу повисоки суми за својот труд.

Пецо Неданов, дел од организацијата на маратонот вели дека по многуте реакции од јавноста, ќе има корекција на наградниот фонд.

,,Ако ги погледнете резултатите од минатите години, ќе ви биде јасно зошто се наградите такви, какви што се, со таа разлика во сумите за мажи и жени. Но ништо не е дефинитивно и може да се смени. Веќе разговаравме за евентуално спонзорство, со цел да се надополни разликата. Лани на пример, второ место во женска конкуренција зеде награда, а во машка тоа би било според резултатот околу шеесетто место. Според тоа, излегува дека во тој случај, мажите се дискриминирани, односно тие мажи кои што на пример стигнале четврти или петти. Сепак, ќе направиме корекции и истите ќе бидат објавени на страницата на маратонот по празникот’’ – вели Неданов за ,,Фокус’’.

Кога се атлетските маратони во светот во прашање, речиси секогаш паричните награди за првите места во машка и женска конкуренција се исти. На пример најголемиот маратон во земјава, Скопје Маратон, нуди исти парични награди, без разлика на полот. И мажите и жените за прво место добиваат по 1.200 евра, односно 2.000 евра за постигнување на рекорд, 700 евра за второ и 500 евра за трето место.

Кога е Атлетски Маратон Охрид во прашање, минатата година пишувавме дека најверојатно ќе му биде последна година, бидејќи организаторот се жалеше на финансиска криза.

,,Во изминативе години, голем број фирми го помагаа одржувањето на атлетскиот маратон, кој што привлекуваше многу учесници од повеќе земји. Ни помагаше и мојот пријател Живко Стојчески, нашинец кој што живее во Австралија, а пак општината учествуваше со доста мал придонес, не би ја спомнувал сумата.

Оваа година повторно доставивме барање до општината, но сеуште нема одговор дали ќе добиеме некаква помош. Времето за одржување на маратонот се ближи, пријавени се околу стотина учесници, ги има и од соседните земји, но имаме атлетичари кои што ни доаѓаат дури и од Кенија.

За жал, без помош од општината и градоначалникот, ќе мораме да ја згаснеме оваа традиционална манифестација’’ – ни раскажа минатата година Неданов, кој што воедно е претседател на здружението ,,Охридски Атлетски Маратон 2012’’.

Годинава очигледно финансиските проблеми се надминати, останува единствено да се најде решение за наградите кои голем дел од  јавноста ги доживеа како полова дискриминација.

Вики Клинчарова

Поврзани новости