Врховниот суд одлучи дека СЈО не го прекршило законот додека го апселе Едмонд Темелко, градоначалникот на Пустец, а обвинет во случајот Титаник.
–Со пресудата на Врховниот суд е потврдено решението на судијата на претходна постапка од 12 февруари 2016 година, со која беше утврдено дека е законита наредбата на ова Јавно обвинителство за лишување од слобода на Темелко.
Воедно, Врховниот суд најде дека ова Јавно обвинителство е надлежно за конкретниот случај, дека има овластувања да издаде наредба за лишување од слобода, да раководи со предистражна постапка, да ги насочува дејствијата на надлежните органи и дека ја има на располагање правосудската полиција. Исто така, со пресудата се укажува дека е погрешен ставот на Кривичниот совет дека наредба за лишување од слобода може да издаде само надлежен суд, туку прецизира, дека основно право и должност на јавен обвинител е да ги гони сторителите на кривични дела и да ги презема потребните мерки и дејствија, имформираат од СЈО.
На 12 февруари 2016 година, по наредба на јавен обвинител на ова Јавно обвинителство, Едмонд Темелко беше лишен од слобода, а од судија на претходна постапка беше побарано да се изрече мерка притвор.
Судијата утврдил дека е законито лишувањето од слобода на Темелко, меѓутоа не изрекол мерка притвор, туку мерка на претпазливост. На ова решение на судијата на претходна постапка одбраната на Темелко поднесе жалба, а Кривичен совет на истиот Суд на 19 февруари 2016 година ја уважи жалбата и го преиначи решението на судијата на претходна постапка утврдувајќи дека е незаконито лишувањето од слобода. По ова од СЈО поднесоа Барање за заштита на законитоста до Врховниот суд, кој одлучи во нивна корист.