Пред фактите и боговите молчат: Ја сакаме Северина повеќе од Груевски и Заев!

by Fokus
Два дена по завршувањето на Тиквешки гроздобер во Кавадарци, кавадарчани се уште ги сумираат впечатоците од манифестацијата. Иако, на многумина не им беше по волја настапот на главната музичка ѕвезда, хрватската пејачка Северина, сепак, факт е дека нејзе и успеа тоа што во Кавадарци не го направиле ниту Никола Груевски, ниту Зоран Заев – преполн плоштад и десетици илјади публика.

Уште кога минатиот месец, од организацијата на гроздоберот ја најавија како главна гостинка, Северина стана топ тема во градот. Додека некои од граѓаните се радуваа што ќе можат да ја гледаат и слушаат во живо, голем беше бројот на оние кои сметаа дека таа не е вистинскиот избор за традиционалната културна манифестација. Но и покрај тоа, за време на нејзниот настап, во саботата навечер, на градскиот плоштад немаше место да се фрли игла.
Турканици, гости од други градови, еуфорија… Масовност каква што не доживеал ниту еден политичар за време на митинг во Кавадарци.
,,Можеме да викаме ваква е, таква е, ама пред фактите и боговите молчат. Северина го преполни плоштадот, повеќе од било кој политичар, било кога’’- се дел од коментарите на социјалните страници посветени на градот.

Традиционалниот Тиквешки гроздобер траеше три дена. Разни изложби, дегустации на вино и грозје, избор на вински крал и кралица, детски и вински карневал, огномет… Сето тоа беше дел од годинашното издание. Манифестацијата за прв пат се одржала во 1964 година. По некое време стагнирала, за да повторно биде обновена во 2001 година.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости