Нема повеќе лекување со СМС: Боки 13 во трка за претседател на МСЦО!

by fokus

Лекувањето и спасувањето на човечки животи со помош на СМС пораки и донации, очајните граѓани кои што молат за парче леб и кров над глава, деца чиј што живот зависи од неколку илјади евра за операција, набргу ќе бидат минато во земјава.

Како што дознава ,,Фокус” во блиска иднина во Македонија ќе започне да дејствува Меѓународен сојуз за цивилно општество и социјално загрозени категории на граѓани, а во трка за претседател на истиот се две лица, помеѓу кои и популарниот шоумен и активист за човекови права, Бојан Јовановски, познат во јавноста како Боки 13.

МСЦО ќе функционира според сите стандарди на ЕУ, и во регионални земји, со цел зајакнување и заштита на правата на социјално загрозени граѓани.

За изборот на претседател на сојузот биле задолжени 52 делегати од земјава, но и од цела Европа, а нивниот состав бил таен. На седницата која што делегатите ја  одржале вчера, од предложените четворица кандидати биле елиминирани двајца, со што во игра останале Јовановски и уште едно лице, познат академик.

Официјалниот избор на претседател ќе се случува утре, во пладневните часови, а по изборот на претседател, јавноста ќе биде запознаена со сите детали околу функционирањето на МСЦО.

Во план била свечена промоција на сојузот и отворање на негови простории во Скопје, каде што сите загрозени граѓани ќе може да се обратат за било каква финансиска помош.

Тука се опфатени лицата на кои им се потребни финансии за лекување, луѓе кои останале без кров над глава, кои завршиле на улица…

Со оглед на тоа што секојдневно сме сведоци на апели за помош и донации до хуманите граѓани, претседателот на МСЦО ќе има сериозна и одговорна задача.

Како мало потсетување, кандидатот Јовановски во изминативе години во повеќе наврати ја покажа својата човечност и им излезе во пресрет на десетици граѓани кои што бараа донации за скапо лекување на малигни болести, на семејства кои останале без свој дом, на самохрани невработени мајки, на бездомници…

Се случуваше, во рок од само половина час по објавите на  ,,Фокус” дека некому е потребна помош за лекување или сместување, тој да реагира и да понуди конкретна помош и решавање на проблемот на засегнатите граѓани.

По секое хумано дело од негова страна, социјалните мрежи беа преполни со позитивни коментари за неговиот гест, но и критики до надлежните служби кои дозволиле во нашето општество да изобилува со луѓе чиј што живот зависи од хуманоста на народот.

МСЦО ќе се финансира со вмрежување на меѓународни и домашни институции од јавен интерес.

Вики Клинчарова

Поврзани новости