Владините служби ги опремуваат празните министерски кабинети, новиот директор ќе прави пресек на имотот

by Фокус

Откако утре ќе ја преземам функцијата, ќе направам увид и пресек на состојбите, за да добиеме реална слика за имотот, изјави за Фокус новиот директор на владината Служба за општи и заеднички работи, Пеце Мирчевски, по информацијата дека новата влада затекнала празни кабинети.

Во меѓувреме, од владата посочуваат дека службите денеска привршуваат со опремувањето на кабинетите кои новите министри ги затекнаа полупразни или целосно празни при вселувањето во владината зграда минатата недела.

Како што објаснуваат владини извори, викендов и вчера се опремувале кабинетите на кои им недостигал мебел, вклучително и кабинетот на генералниот секретар Драги Рашковски, што се наоѓа на нова локација за разлика од порано.

Денеска, пак, додаваат тие, се поставуваат телефони и компјутери во кабинетите на неколку министри без ресор, кои се сместени во петтата купола на реновираната владина зграда, при што последни останале на министрите без ресор Аднан Ќахил и Зорица Апостоловска.

Од таму посочуваат оти за мебелот надлежна е владината Служба за општи и заеднички работи, чија задача е да набавува мебел и опрема за потребите на Владата, додека за компјутерите надлежност има и ИТ-секторот што функционира во рамки на владата, кој ги задолжува компјутерите и другиот вид на опрема на реверс.

Од владата велат дека за секој имот во сопственост на владата овие служби водат евиденција и соодветна документација, па во следниот период ќе се прави проверка колку и каков подвижен имот на владата недостига.

В.С.

Поврзани новости