Иницијаторите за демократизација на ВМРО-ДПМНЕ: Ако и Груевски се произнесе за реформи, останува уште да се договориме за нивната форма

by fokus

Иницијаторите за демократизација и реформи во ВМРО-ДПМНЕ реагираа на вчерашниот говор на партискиот лидер, Никола Груевски во кој тој најави реформи и „освежувања“, и велат дека ако сите се согласни дека се потребни реформи во партијата, тогаш останува да договори во каква форма ќе бидат тие.

-Ако веќе сите сме согласни дека реформите се неопходни, ако за истото и официјално се произнесе Груевски, тогаш останува само уште да се договориме за формата на истите. Ќе правиме површни или суштински реформи, ќе се освежуваме или ќе се демократизираме, ќе се занимаваме со спомените или ќе градиме иднина?, вели Петар Богојески, еден од иницијаторите за демократизација на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, Републичкиот штаб за реформи на ВМРО ДПМНЕ постигнал молскавичен успех и за само една недела од своето јавно промовирање, барањето за реформи во партијата станало реалност.

Тој за „Фокус“ вели дека има обиди тие да се замолчат, односно им се бришат објави од Фејсбук групите со кои тие извествуваат за своите чекори со тоа што тие содржини се пријавуваат како „спамови“ за Фејсбук да ги избрише.

-Зад бришењето на интервјуто на Александар Михајловски се сомневаме дека стои добро организирана платеничка структура, која веќе години наназад ги малтретира и им се заканува на членовите на ВМРО ДПМНЕ и им води евиденција кој на кого му ставил лајк… таа пракса и тој начин на закани ќе биде минато после реформирањето на ВМРО ДПМНЕ!, вели Богојески.

Катерина Смилева

Поврзани новости