Фани Христова: Татко ми не сакал да се родам, а ме сакаше безусловно!

Поп пејачката и диџеј Фани Христова утре ќе ја промовира новата песна ,,Казна и грев’’. Таа самата стои зад музиката и текстот на нумерата, додека аранжманот и продукцијата се на Роберт Билбилов. Вели дека пред промоцијата на песната, не може, а да не се присети на нјзиниот татко Живко, кој што починал пред четири години, и бил личноста која што имала големо влијание во нејзината музичка кариера.

,,Денес случајно ,,налетав ‘’ на една фотографија од татко ми. Од задната страна е испишана неговата посвета, која што за мене е најубава:

,,На мојата Фани, со прошка дека не сакав да се родиш.

П.С. Колку многу ќе бев сиромашен, ако те немав!

Тато’’ – гласи посветата.

Тоа што сакал татко ми да ми го каже е вистината за моето доаѓање на свет, бидејќи јас сум неговата втора ќерка, пред мене ја добил сестра ми Ана. Тој толку многу бил воодушевен од неа, и пружил толку многу љубов, што не знаел дали ќе биде спремен и дали ќе може и мене да ми ја пружи истата огромна доза на љубов и внимание. Затоа и велел дека не сакал да се родам. Но кога веќе сум била тука, сфатил дека љубовта е нешто безгранично, и јас бев неговата галеничка се до последниот миг.

Бевме многу блиски, и секогаш ја имав неговата поддршка кога беше музиката во прашање. Иако по професија тој беше реставратор на стари книги, музиката му беше најголемо хоби. Уште како дете ме бодреше да пејам и да свирам на пијано. Имаше обичај на пладне, кога ќе сака да се одмори, да ме замоли да му свирам. Исто така, секогаш кога ни доаѓаа гости, му беше голема гордост пред нив да свирам на пијаното. Се случуваше дури и да го пропуштам вечерното излегување со друштвото, бидејќи тој уживаше да ме слуша додека свирам’’ – се присетува Фани.

Токму затоа, таа вели дека му е многу благодарна, и додека останати родители најчесто се противеле нивните деца да се занимаваат со музика, татко и постојано ја бодрел и ја усмерувал на нејзиниот пат.

,,Мајка ми има завршено средно музичко училиште, сестра ми е дипломиран музичар, а татко ми бил дел од оперскиот хор, музиката отсекогаш му била големо хоби. Како дете, се сеќавам дека растев со квалитетна џез музика, и тоа доста влијаеше на мојот професионален развој. Можам да кажам дека поддршката од семејството, кога е професијата во прашање, има големо значење. Среќна сум што ја имав таа безрезервна поддршка и љубов, кои што ми помогнаа да се изградам како личност и да си го трасирам мојот пат.

Иако изминаа четири години откако татко ми почина, неговото присуство сеуште го чувствувам, музиката ми враќа спомени на нашите заеднички мигови. Но и по четири години, јас сеуште не сум подготвена да зборам за неговата смрт, сеуште ми стои грутката во грло, бидејќи неговото заминување за сите нас беше голем шок. И ми се случува така, на денот на неговата смрт, да ми дојдат некои ноти во мислите, да напишам некоја нумера… Тешко ми е, но во исто време сум горда и среќна што токму тој беше мојот татко и ни остави само убави спомени’’ – раскажува Фани.

Таа додава дека новата песна не е посветена лично на нејзиниот татко, но сепак во секое свое ново музичко дело пронаоѓала дел од него, од неговото влијание врз нејзиниот живот.

-,,Казна и грев’’ ќе биде промовирана на музичкиот канал на Роберт Билбилов и на Јутјуб и се надевам дека ќе биде добро прифатена од публиката. Ќе ја промовирам и на моите настапи кои што ги имам редовно во клубови низ целата земја. Во септември повторно со полна пареа се враќам на мојата друга голема љубов – јогата’’ – вели Фани.

Нејзиниот татко, Живко Христов беше еден од најпознатите реставратори во земјава. Тој со години ,,оживуваше’’ стари книги и ракописи, кои се чуваат во посебен трезор во најголемата македонска библиотека ,,Климент Охридски’’ во Скопје.

Вики Клинчарова