УКИМ се обврза да стави крај на дискриминаторски содржини во учебниците

by fokus 15:30
15:30

Ректоратот на УКИМ прифати во Правилникот за организирање на издавачка дејност да биде внесена одредба со која се предвидува забрана за употреба на учебници доколку тие не се во согласност со Уставот или прават дискриминација, соопштија од Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“.

Одлуката доаѓа по поднесени претставки до Народниот правобранител од страна на Коалицијата и доколку се утврди дека одредени учебници содржат делови кои би можеле да предизвикаат повреда на еднаквоста и правата на сите граѓани врз сите основи, тие треба да бидат повлечени.

- Advertisements -

„Поднесените претставки до Народниот правобранител се однесуваат на дискриминаторски и вознемирувачки содржини кон ЛГБТ лицата, лицата кои употребуваат дроги и лицата кои живеат со ХИВ, во учебниците: „Социјална патологија“ од авторите Зоран Сулејманов и Нелко Стојановски; „Психологија на детството и адолесценцијата – развојна психологија I“; „Психологија на возрасните и стареењето – развојна психологја II“ и „Психологија на родот: родовиот идентитет и родовите улоги“ на авторката Олга Мурџева-Шкариќ, Народниот правобранител утврди дека „спорните текстови не се во склад и не соодветствуваат на сегашната домашна и меѓународна регулатива, односно дека истите се застарени, полни со предрасуди и стереотипи кои се неприфатливи за едно модерно и демократско општество“.

Прифаќањето на оваа одредба во Правилникот воедно значи и обврска за УКИМ да ги повлече од употреба сите учебници кои содржат дискриминација на која било основа, вклучително и сексуална ориентација, родов идентитет и здравствен статус, но и обврска понатаму да не се издаваат учебици со ваква содржина“, се вели во нивното соопштение.

Од Коалицијата побараа од Ректоратот на УКИМ, деканатите на факултетите на УКИМ и професорите во најскор можен рок да постапат согласно промените во Правилникот и да ги повлечат од употреба учебниците кои содржат дискриминација по која било основа.

„Со ова конечно ќе стават крај на дискриминаторските содржини во високото образование и ќе придонесат кон поквалитетно образование кое ќе промовира почитување на различностите и на човековите права, наместо истите да ги загрозува“, велат од Коалицијата.

Поврзани новости