Алијансата за Албанците ќе го бојкотира мандаторот: Груевски е осомничено лице!

Алијансата за Албанците нема да учествува во составувањето на новата влада ако мандатор е Никола Груевски, осомничено лице од СЈО, категоричен е Зулфи Адили од Унитети, партија која е дел од Алијансата за Албанците во изјава за „Фокус“ по веста дека Иванов денеска ќе му го додели мандатот на лидерот на ВМРО – ДПМНЕ.

Адили тврди дека во Унитети нема промена на ставот поткрепен и во Платформата што ја поддржаа партиите на Албанците, која е основа во преговорите за формирање на новата влада.

Весел Мемеди, лидер на НДП, партија која исто така е дел од Алијансата за Албанците, пак вели дека за нив најбитна е Платформата.

„Најбитна за нас е платформата. Тие што се осомничени ќе одговараат пред законот. Простор за девијација нема да има, во платформата е децидно наведено кои се нашите барања за работата на СЈО“, вели Мемеди.

Патформата ја поддржаа три од четирите албанските партии застапени во новоизбраниот парламент. ДУИ, Движењето БЕСА и Алијансата за Албанците бараат албанскиот јазик да добие статус на официјален јазик на целата територија на земјата, економска рамноправност, решавање на спорот за името со Грција како наводен услов за интеграции во Европската унија и НАТО со учество на албанските партии, непристрасна работа на Специјалното јавно обвинителство, како и резолуција за осуда на „геноцид врз Албанците во Македонија“.

„ Нема збор дека платформата за Албанците е најважната работа што треба да се случи со промените, но не е ни помалку важно кој ќе учествува во формирањето на владата. Нема промени во нашиот став дека нема да влегуваме во никакви комбинации ако Груевски е мандатарот“, вели Адили.

С.М.