Ѕвездата на „Династија“ наполни 90 години

by Fokus

Иако поминаа три децении од емитувањето на серијата „Династија“, Џоан Колинс, попозната како Алексис Карингтон, не престанува да ја интригира јавноста.

Животот на познатата актерка е полн со турбуленции, па не е чудно што многумина се уште ги интересираат деталите од нејзината приватност.

Џоан Колинс е британска актерка, писателка и колумнистка родена на 23 мај 1933 година во Лондон.

Кога имала само девет години, Џоан дебитирала во театарот во претставата „Куќа за кукли“, а по оваа улога решила да се школува како актерка на Кралската академија за драмски уметности во Лондон. По 18 месеци поминати во драмско училиште, таа потпиша договор со организацијата Ранк и на тој начин почна да се појавува во различни британски филмови.

Таа продолжи да снима филмови во Америка и Британија во текот на 1960-тите и глумеше во неколку хорор филмови во 1970-тите.

Во 1981 година, Колинс беше избрана за улогата на Алексис Колби, по која е можеби најпозната, во долгогодишната ТВ сапуница „Династија“. За оваа улога, која ја играше до 1989 година, ја доби наградата Златен глобус за најдобра актерка и беше номинирана за Еми.

По завршувањето на серијата, Колинс тргна по стапките на нејзината сестра и го објави својот прв роман, Rush Hour, кој стана бестселер и покрај лошите критики. Оттогаш објавила неколку романи, мемоари и автобиографии.

Во 1997 година, кралицата Елизабета Втора ја награди Џоан Колинс со Орден на Британската империја за нејзиниот придонес во уметноста, а во 2015 година, Дама за нејзиниот придонес во добротворната работа.

Џоан се омажила за првпат кога имала само 18 години. Нејзин сопруг бил познатиот ирски актер Максвел Рид, кој бил 15 години постар од неа. Години подоцна, актерката тврдеше дека сексуално ја нападнал на нивниот прв состанок, откако ја дрогирал.

– Ми даде рум што го измешал со дрога. Следно што се сеќавам, бев на троседот во неговата дневна соба и тој ме силуваше, но не бев свесна за тоа бидејќи ме дрогира – изјавила тогаш таа, а пренесува „Јаху“.

Според неа, тој и се извинил, а таа мислела дека е најдобро да се омажи за него, бидејќи и ја одзел невиноста. Тие на крајот се разведоа во 1956 година.

Седум години по првиот развод, Џоан се омажи за британскиот кантавтор Ентони Нивли. Двојката имаше две деца во брак – ќерката Тара и синот Александар. Сепак, парот се разведе во 1971 година.

Американскиот бизнисмен Рон Кас и се додворуваше на Џоан, а на крајот се сврши со неа една година по нејзиниот развод со Ентони. Истата година ја дочекаа ќерката Катјана.

Менаџер на Џоан беше шведскиот поп пејач Питер Холм, а во 1985 година решија да застанат на „лудиот камен“. Сепак, бракот траеше само две години.

По романтичните бродоломи, Колинс нашла мир со маж 31 година помлад од неа. Актерката се омажи за нејзиниот петти и сегашен сопруг Перси Гибсон во февруари 2002 година во Лондон.

Во новиот документарен филм насловен „Ова е Џоан Колинс“, славната актерка зборува за нејзината рана актерска кариера, подемите и падовите на нејзините пет брака и растењето во Холивуд.

Ова не е првпат Џоан да добие понуда да сними филм за нејзиниот живот, но никогаш не се согласила на тоа.

– Неколку пати ме прашуваа за снимање на мојата биографија, но не ме интересираше бидејќи сите сакаа да го имаат главниот говор и некој друг да зборува за мене. Реков, ако ќе се снима приказна за мене, сакам да бидам наратор – изјави Колинс.

Сепак, таа не можеше да ја одбие понудата на продуцентката Карен Стајн и режисерката Клер Бован. Нивниот предлог бил таа да ја раскаже својата приказна и да им го даде материјалот за филмот, а повеќето текстови ќе бидат преземени од нејзините автобиографии што ги напишала, пишува „The Vintage News“.

Колинс верува дека документарецот ѝ дава на публиката увид во јавните и приватните прашања од нејзиниот живот. Таа зборуваше за своите бракови, улогата на самохрана мајка и за што најмногу жали во животот.

– Се каам за некои бракови, а сум била многупати во брак. Бев глупава, но не се каам затоа што се омажив за Тони Њули, затоа што имаме две прекрасни деца. Кога се омажив за Рон Кас, родив прекрасна ќерка. Искрено, најголемото жалење ми е што се омажив за Питер Холм“, рекла Џоан.

Таа се осврна и на темата дискриминација на жените и разликата во платите во Холивуд.

На врвот на популарноста на „Династија“, Колинс сфати дека нејзиниот колега, Џон Форсајт, заработува од 25.000 до 30.000 долари по епизода, двојно повеќе од нејзината плата.

Тогаш беше општо познато дека актерките не заработуваа толку колку нивните машки колеги, но таа реши да го промени тој наратив.

– Бев на насловната страница на секое списание во Америка, Европа, Азија. Џон Форсајт не. Отидов кај продуцентот и дознав дека во договорот на Џон стои дека тој секогаш мора да биде платен повеќе од другите – се присетува таа.

Во 2021 година, Колинс рече дека на крајот успеала да добие 120.000 долари по епизода. Сепак, нејзините појавувања во епизодата беа преполовени, што значеше дека иако доби покачување, таа не беше на исто ниво со Џон.

Сепак, Џоан Колинс е една од првите актерки кои се бореле за поголема плата во Холивуд.

Поврзани новости