Луѓето уште не разбираа дека со распаѓањето на авторитарниот режим на Југославија, одговорноста и иницијативата на секој поединец станува важна за опстанокот на Македонија. Од тоалетите во институциите до владата. На едно друго ниво, ми беше јасно дека трансформацијата на администрацијата ќе трае многу долго, а во меѓувреме итно мораа да се прават важни работи за државата. Бргу сфатив дека сето време ќе ми отиде во „исправање криви Дрини“ доколку не ги поставам работите на два колосека: бавен и брз.
Пишува: Денко МАЛЕСКИ
(Белешки од годините на независноста)
Всушност, работите беа многу посложени и полоши од површните критики што ги упати премиерот во своето писмо. И тоа, како во Министерството за надворешни работи, така и во општеството во целина, за кое, како влада, бевме одговорни. Во Министерството за надворешни работи беше забележително отсуството на иницијатива. Зашто такви беа навиките на вработените.
Конечно, извршувањето, а не иницијативата беше основната карактеристика на претходниот еднопартиски систем. Во текот на целата таа години, во МНР постоеше една атмосфера на исчекување што ќе се случи, на недоверба на намерите на другиот и на бегање од одговорност.
Се обидов со добро, па им велам на соработниците на колегиумот да го искористат фактот дека професор е на чело на МНР, за да организираме министерство во кое со гордост ќе работат.
Се обидував со лошо, па на двајца високи службеници, мои познаници, кои биле во делегацијата со премиерот во Италија, а никако не ми го доставуваа извештајот што се бараше на седница на владата и ми создаваше непријатности со премиерот, им се заканив со отказ.
Ништо не помагаше. Со добро успеав да издејствувам соработка за проектот за мало и ефикасно МНР, но сето тоа одеше многу бавно. Со лошо, пак, не успеав да издејствувам што било.
Кога на првиот човек на економското одделение му поставив прашање како мисли да се заштити себе, неговите потчинети и Министерството од корупција, која е неизбежна во процесот на давање дозволи за увоз и извоз, со лутина во гласот, ми одговори дека го навредувам, дека немам доверба во него и демонстративно ја напушти просторијата.
Кога на висок државен службеник во Министерството, кој имаше проблем да разбере дека не може да биде лојален кон политичар надвор од Министерството, а да го игнорира тоа што му го велам јас, му соопштив дека ќе барам друго кадровско решение на негово место, а нему му понудив амбасадорско место во идните дипломатски претставништва, рипна, ја тресна вратата и не се појави повеќе.
Почнаа да истекуваат и (дез)информации од Министерството до пратениците, со што се правеа проблеми и од непостоечки работи. Така, се сеќавам, некој зел од шапилографот копија на некакво писмо што сум го пишал до колеги министри за надворешни работи. И од тоа се направи проблем во Собранието.
Имено, на собраниската говорница, се постави прашањето зошто писмото не било потпишано? Па, како да биде потпишано кога е украдено од шапилограф пред да ми биде донесено на потпис? Не, писмото не е потпишано и зад тоа се крие заговор против независна Македонија!
ТРКА ЗА ПРИСТОЕН ТОАЛЕТ
Разговорите со странски претставници во државните институции на Македонија, секогаш ме засрамуваа: од нивото на хигиената во салите, до ужасите во тоалетите и стравот дека гостинот ќе посака да се олесни, до метежот и недисциплината на вработените кои знаеја дури и да влегуваат во собата за состаноци во текот на разговорите со странска делегација за да пренесат порака или да прашаат нешто.
Се сеќавам дека, движејќи се така пред нас или зад нас, крцкањето на стариот паркет во претседателовиот кабинет, предизвикуваше вртење на зачудени глави околу масата. Повеќепати приговарав до протоколот да се преземе нешто, но залудно.
Јас, пак, немав време да надгледувам, па така остануваше да се провери дали нешто се сменило, при следната посета на странски гостин. Се сеќавам на маката на Сајрус Венс, некогашниот државен секретар на Америка, а тогаш претставник на Генералниот секретар на ОН во југословенските војни.
Се истовари од службеното возило пред влезот на Собранието по слетувањето на скопскиот аеродром. Се поздрави со претседателот Глигоров и јурна кон мене со очај на лицето. Мораше, имено, бргу да оди во тоалет.
Се обидов да го поведам лево кон тоалетите на Собранието, но запрев во истиот момент кога „протоколот“ придушено крикна: „Не!“. Ми дојде спасоносна идеја: кај претседателот има пристоен тоалет. Го фатив за рака Американецот и со трк се упативме по скалите угоре.
Целото мое внимание беше насочено кон маката на Венс и итното решавање на проблемот, па така не забележав дека претседателот Глигоров и групата околу него, не разбирајќи што се случува, трчаат по нас. Ја „скршив“ врата на кабинетот на претседателот и потрчавме кон тоалетот на крајот од собата.
Успеавме, си помислив, се свртев да ја запрам љубопитната забревтана група на чело со претседателот, која не следеше без да разбере за што се работи, и да им објаснам дека понатаму не можат да одат…
ОДГОВОРНОСТА НА ПОЕДИНЕЦОТ
Луѓето уште не разбираа дека со распаѓањето на авторитарниот режим на Југославија, одговорноста и иницијативата на секој поединец станува важна за опстанокот на Македонија. Од тоалетите во институциите до владата.
На едно друго ниво ми беше јасно дека трансформацијата на администрацијата ќе трае многу долго, а во меѓувреме итно мораа да се прават важни работи за државата.
Бргу сфатив дека сето време ќе ми отиде во „исправање криви Дрини“ доколку не ги поставам работите на два колосека: бавен и брз. Бавниот колосек беше поставувањето на темелите на ефикасно Министерство за надворешни работи по углед на тие на малите западни демократии.
Така, отпорот од постоечките кадри да работат со моја динамика и според мои видувања, не можеше да ме попречува побргу да се движиме на вториот колосек: катадневните активности на меѓународно признавање на Македонија како независна држава.
За таа цел, сосема намерно се опкружив со тројца луѓе: Сашо Тавчиовски, Јон Ивановски и Мира Крајачиќ, луѓе на кои им должам голема благодарност за одговорноста кон задачите што им ги доверував. Грижата за нивната иднина, пак, беше една од првите работи на кои помислив по поднесување оставка во 1993 година.
На моја голема радост, овие луѓе со интегритет ја пребродија пресметката со „бандата на Денко“ и благодарение на своите лични квалитети направија амбасадорски кариери во Министерството за надворешни работи.
Всушност, отсуството на авторитет е првата карактеристика на системите што се распаѓаа во Источна Европа. Ослободени луѓе не се и слободни луѓе. Имено, слободата и одговорноста се исто: двете страни на една паричка. Таму каде што нема одговорност, има само хаос.
Во хотелот „Тирана“, во центарот на главниот град на Албанија, престојував пред и по падот на диктатурата. Тивките и услужни луѓе со менталитет на робови, кои ги затекнав на рецепцијата на хотелот за време на диктатурата, станаа бучни и дрски за време на демократијата.
Преку ноќ. Што се случи? Исчезна единствениот авторитет во нивниот живот, тој на партијата и на полицијата, во отсуство на сопствен авторитет, кој се гради само врз вредноста наречена „одговорност“.
Распадот на системот се чувствуваше и во мојот град, во моето маало и во мојот влез. Настана една конфузија во обичните правила на цивилизираното однесување.
„И кога еднаш ќе се внесе конфузија во обичните правила на цивилизираното поведение“, пишува Тукидид, „човековата природа, секогаш подготвена да навреди и таму каде што постојат закони, се покажува гордо и во вистинска светлина, како нешто што е неспособно да ги контролира страстите, што не се потчинува на идејата на правдата, што е непријател на сѐ што е посупериорно од неа, зашто; зашто да не постоеше деструктивната моќ на зависта, луѓето немаше така да ја глорифицираат одмаздата наспроти невиноста и профитот, наспроти правдата.
Всушност, во овие акти на одмазда врз други , луѓето самите го почнуваат процесот на поништување на општите закони на човештвото, кои даваат надеж за спас за сите што се во неволја наместо да ги остават овие закони во живот, размислувајќи дека може да дојде време кога и тие ќе бидат во опасност и ќе им биде потребна нивната заштита“.
„СЕКОЈ ЗА СЕБЕ“
Манифестациите на личен егоизам ги толкував и како одраз на националните егоизми, кои ја декомпонираа федерацијата во крвави етнички војни. И обратно. Девизата „секој за себе“ во поведението на републиките стана начелото на поведение на поединците. Мојот влез беше парадигма за тој распад на системот.
Напорот на нас неколкумина тешко се носеше со рамнодушноста и деструкцијата на мнозинството. Влезната врата и таа кон гаражите и подрумот зјаеја отворени.
Од пицеријата дефилираа пијани млади луѓе со шприцови и се дрогираа во подрумите каде што довлечкале некаков огромен стар душек.
Осветлувањето беше откорнувано. Весниците пишуваа за откриено оружје во една од нашите гаражи. Пишуваа и за обид за силување на една од нашите станарки, која, со вперен пиштол, била принудена да влезе во автомобил. Јас лично доживеав да налетам на млад човек со шприцови и пиштол покрај него, како се дрогира со спуштени панталони.
Рамнодушноста на мнозинството кон сето ова беше вчудовидувачка. Во пицеријата под мене се правеа разни бизнис-трансакции на познати новокомпонирани богаташи со тие што сакаат тоа да станат.
И кога човечки примерок од оваа булумента ќе ме запреше за да ме праша „Дали ќе нѐ биде?“ или да изрази загриженост за иднината на своето дете, не ни претпоставуваа какво чувство имам кон нивното поведение. Нашиот човек, вели една блага интерпретација на нашиот национален карактер, се грижи само до својот праг, но не и понатаму.
Еден странец, кој мина некое време само со еден збор, ја кажа целата вистина: „Егоизам. Ништо заедничко не ги интересира: скалите, осветлувањето, гаражите…“. Вратата на нашиот подрум беше отворена така што на огромниот стар душек, млади луѓе од маалото се дрогираа.
Никој од влезот не презеде ништо. Презеле, ама катанецот го скршиле, беше објаснувањето. Отидов на пазарче и го купив најголемиот катанец. Направив клучеви, по еден за секој од десетте станари. Комшивката ме праша дали може уште еден за синот?
Но, проблемот беше решен. Стар шпорет со некаква сиросана течност од некаква одамна истурена манџа веќе неколку години стоеше на скалите. Ја прашав сопственичката дали ѝ треба и таа ми одговори дека можам да го земам ако сакам. Се заблагодарив и излегов надвор да побарам собирачи на старо железо.
Свесни дека сум на мака, ми наплатија да го симнат по скалите и да го натоварат на својата количка. Кога малата ќерка стана тинејџерка, ќе ја замолев одвреме-навреме, во некоја сабота или недела да ми помогне, без да видат комшиите, да ги смениме светилките по скалите, ќе ме прашаше: „Зошто го правиш тоа за нив?“
Ова го правам, пред сѐ за тебе, за да знам дека има осветлување кога се враќаш навечер. Влезот ми стана своевидна парадигма за тоа колку сме за Европа. Од десет стана, едвај три-четири семејства, со своето поведение заслужуваа подобар свет. Другите не го заслужуваа ниту тој што го имаа.
Се отклонив од темата за да ја доловам атмосферата на распад на општеството по падот на еднопартиската диктатура. Се враќам на темата: значи, падна експертската влада.
(Продолжува)