Поранешниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев, кој ја напушти политиката и му се врати на бизнисот по поразот на локалните избори, неодамна одржал средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на која му нудел поддршка од пратеници од власта со цел предизвикување на предвремени парламентарни избори, објави неделникот „Фокус“.
Влатко СТОЈАНОВСКИ
Во изминатиот период, ВМРО-ДПМНЕ во неколку наврати се обидела да ја убеди ДУИ да го растури пактот со СДСМ и да предизвика предвремени парламентарни избори по кои двете партии би формирале нова влада. Сепак, ДУИ одбиваше да го стори тоа, па односите меѓу двете партии постепено ескалираа до точка на вриење.
Така, ВМРО-ДПМНЕ почна да лансира низа афери за „интегративците“ од коруптивна природа, при што главниот таргет беше вицепремиерот Артан Груби. Но, не беше одминат ниту партискиот лидер Али Ахмети, чие семејство беше опфатено со случајот „Соравиа“.
Истовремено, вмровците беа на „линија“ со таканаречената „огнена група“, од каде што излезе нова политичка партија предводена од поранешниот потпретседател на ДУИ Изет Меџити, кој веднаш потоа склучи сојуз со Беса и Алтернатива на Биљал Касами и Африм Гаши.
И за „огнената фракција“ во ДУИ и за консолидирањето на албанската опозиција, Ахмети смета дека прсти имал замешано Христијан Мицкоски, кој, според него, своевремено одржувал комуникација со „огнените“, а потоа ги менаџирал односите меѓу албанските опозициски лидери, со цел да се создаде што посилен сојуз против „интегративците“.
Оттука, Ахмети смета дека Мицкоски прво сакал да ја растури ДУИ преку поделба, а сега истата цел сака да ја спроведе на тој начин што сака да ја испрати во опозиција, со калкулација дека на тој начин ќе дојдат до израз сите внатрепартиски разлики и ќе избие внатрешен конфликт.
Од ВМРО-ДПМНЕ го негираат тоа и истовремено обвинуваат дека токму Ахмети се обидува да се меша во внатрешните работи кај нив, со тоа што прави терен за враќање на поранешниот партиски лидер Никола Груевски, очекувајќи дека така ќе предизвика поделба во опозициската партија.
Меѓутоа, ВМРО-ДПМНЕ потврдува дека по секоја цена сака да формира влада без ДУИ после следните избори, макар и албанската опозиција да освои далеку помал број пратеници. Она што е битно, според нив, е тие пратеници да бидат доволни да се стигне до парламентарно мнозинство, независно дали се доволни и за Бадинтерово мнозинство.
Во ваква ситуација, кога ДУИ се чувствува дека е нападната од, како што велат – хибриден политичко-економски фронт (во овој наратив фали уште „жолто комбе“), Ахмети се обидува да го воскресне старото партнерство со Груевски. Основното очекување е тој да обезбеди двотретинско мнозинство за уставни измени, а во Мала Речица навиваат плус да се обиде да го преземе или подели ВМРО-ДПМНЕ.
Дека работите меѓу Груевски и неговата матична партија не се најдобри, потврдува фактот што во неговите обраќања веќе става равенство меѓу партиите, кога е во прашање, како што вели, политичкиот прогон против него. Двосмисленоста на Груевски, кој вели дека многумина имаат причина за страв од прекин на прогонот остава простор за разни интерпретации.
Во секој случај, дека одредени центри активно работат на негово враќање покажува веќе потврдената информација дека претседателот Стево Пендаровски цела година бил убедуван да го помилува Груевски во делата каде е осуден. Тој рече дека за тоа го консултирале „актери на политичката сцена“, без да прецизира на кого поточно мисли.
Лога бил „убедуван“ да ги потпише измените на КЗ, а Пендаровски да го помилува Груевски!
Во меѓувреме, случајно или не, со измените на Кривичниот законик некои дела, каде Груевски се гони за злупотреба на службена положба и злосторничко здружување, му застаруваат или наскоро ќе му застарат. Веќе објавивме дека уште пред измените на КЗ, Ахмети ги уверувал сопартијците дека работи на враќање на Груевски, при што во тој контекст се споменувал и Врховниот суд.
Ахмети тврдел дека има план за Груевски – ќе помогне од далечина или ќе се врати во земјава?
Каде во целата работа е Заев? Во Мала Речица сметаат дека и тој е дел од операцијата, односно од т.н. хибриден фронт за праќање на ДУИ во опозиција. За волја на вистината, основите за таквите проценки се поставени уште кога Заев почна да промовира концепт за заедничко владеење меѓу СДСМ и ВМРО по германски модел.
Неодамна, се разбра дека Заев го убедувал и новото раководството на СДСМ да прифати заедничко владеење со ВМРО-ДПМНЕ, но не добил поддршка. Нашите најнови информации говорат дека пред извесен период тој на нова средба со Мицкоски му нудел поддршка од пратеници за предвремени парламентарни избори, меѓутоа тоа останало само на збор, без никаква реализација.
Што му замерува Заев на Ковачевски и зошто се врти кон Мицкоски?
Според неофицијални информации, Заев има голема аверзија кон новиот обвинител за организиран криминал Ислам Абази, кој дојде на оваа функција победувајќи го неговиот фаворит Ермон Незири. И тој, но и многумина други политичари и бизнисмени, стравуваат дека Абази може да им покрене или да забрза одредени постапки, што е причина повеќе да работат ДУИ да замине во опозиција.
Дополнително, упатените велат дека Заев е незадоволен поради нарушената комуникација со премиерот Димитар Ковачевски, но и поради сѐ поголемото влијание на генералниот секретар Миле Зечевиќ. Затоа, неговата цел е по евентуален изборен пораз на СДСМ да биде дел од процесот на внатрепартиски промени, кога би направил обид неговиот најблизок соработник Венко Филипче да стане партиски генсек.
„Булдожерот“ оди кон Бихаќка: Заев го форсира Филипче, Ковачевски не го жртвува Зечевиќ!
Како што веќе пишуваше „Фокус“, најизгледна опција е следен партиски лидер да биде министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, чие однесување во однос на членството и базата упатуваат на таков заклучок. Но, за тоа да се случи, предуслов е Ковачевски сам да се повлече, што, ако се испостави како точно дека има желба да работи во голема корпорација, не би било тешко остварливо.
Можни претседателски кандидати: Спасовски ја мерка фотелјата на Пендаровски или на Ковачевски?
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.