Можни претседателски кандидати: Спасовски ја мерка фотелјата на Пендаровски или на Ковачевски?

Под кои услови Стево Пендаровски би прифатил уште една кандидатура и дали тој е првиот избор на власта? Дали такви амбиции сѐ уште има Оливер Спасовски или, пак, неговиот план е да влезе во трка за лидер на СДСМ ако Димитар Ковачевски се повлече? Кои се можните адути на опозицијата?

by Фокус

Иако до следните избори има уште една година, сепак, веќе почнаа да се прават кадровски комбинаторики и политички калкулации кои би биле кандидатите на власта и на опозицијата за шеф на државата, пишува најновиот број на неделникот „Фокус“

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Актуелниот претседател Стево Пендаровски вели дека не размислува за уште еден, втор по ред, мандат. Меѓутоа, според нашите информации, неговата одлука ќе зависи од неколку аспекти – општата атмосфера, политичките трендови, како и рејтинзите и позициите на политичките партии. Засега, повеќе од сигурно е дека тој нема да влезе во однапред загубена битка.

Имено, Пендаровски би прифатил повторно да биде заеднички кандидат на СДСМ, ДУИ и други партии ако има такво расположение кај владејачките партии и нивниот блок, од една страна, и ако притоа му гарантираат макар 300.000 гласови, од друга страна. За него би имала смисла само една ваква платформа, која потоа би ја надградил со гласачи надвор од партиските зони.

Во спротивно, доколку рејтингот на СДСМ до таа мера еродира, а ваквиот пад не може да го компензира ниту стабилната ДУИ, засилена и со новиот партнер – Алијанса за Албанците, тогаш не е прашањето дали власта ќе трча со Пендаровски, туку дали тој ќе прифати да биде нивниот претседателски кандидат.

Ако бидат доведени во ситуација да бараат нов кандидат, дали тогаш во прв план избива Оливер Спасовски, кој во неколку наврати вели дека неговите амбиции се целите на државата и дека секогаш ќе дава поддршка на СДСМ, додека истовремено други партиски авторитети со багаж, како Зоран Заев и Радмила Шекеринска, се надвор од конкуренција? Имено, Заев уверува дека нема да се враќа во политиката, додека Шекеринска се споменува како кандидат за врвна позиција во НАТО.

Инаку, не е тајна дека Спасовски беше во потесен избор и на претходните избори. Но, упатените велат дека на крај изборот паднал врз Пендаровски, кој имал малку повисок рејтинг од тогашниот министер за надворешни работи Никола Димитров, а далеку зад нив била Шекеринска. Уште повеќе заостанувал Спасовски во анкетите што се сметале за релевантни на Бихаќка, иако тој во тоа време презентирал и други анкети каде не стоел толку лошо.

Како и да е, јасно е зошто во кадровските комбинаторики на партиите речиси секогаш натежнуваат надворешни решенија на претседателски избори. Едноставно, тоа се покажува на формула за успех, бидејќи непартиските кандидати обезбедуваат гласачи, кои никогаш не би гласале за чисти и тврди партиски кадри.

Оттука, многу дискутабилно е дали Спасовски би влегол во трка за претседател, дури и ако навистина има таква желба. Тој има поддршка од базата, но не носи никаква дополнителна вредност. Згора на тоа, СДСМ сега не е фаворит како што беше на минатите избори, за да си дозволи да настапи со партиски играч, туку мора да експериментира ако сака да постигне успех.

Иако Спасовски не е во најтесното раководство, тој може редовно да се види на партиски настани и активности. Одредени информации говорат дека тој применува еден методичен и систематски пристап, пред се во односот со членството, но не со цел да се наметне како иден претседателски кандидат, туку за да се позиционира што подобро при идните внатрепартиски разврски.

Познавачите посочуваат дека шефот на полицијата попрво би ги чекал идните постизборни разврски во СДСМ, отколку директно да влезе во неизвесна изборна трка за шеф на државата. Тоа значи дека доколку СДСМ претрпе тежок пораз на претседателските избори, но пред се на парламентарните избори веднаш потоа, Спасовски би скокнал во битка за нов партиски лидер.

Токму во таа насока многумина го толкуваат неговото однесување да носи одлуки на своја рака, пред се во делот на вработување во МВР. И покрај тоа што во СДСМ имале договор овој период од една година пред избори секое вработување темелно да мине низ партиските филтри, сепак, вработувањата во МВР биле дискрециона одлука на министерот и не го минале партискиот ред.

Сепак, амбициите, какви и да се, сами по себе не се доволни, туку за да се реализираат, треба да се исполнат низа предуслови, или народски кажано – да се наредат коцките. А тоа би значело дека, за Спасовски да влезе во трка за лидер на СДСМ, ќе треба актуелниот лидер и премиер Димитар Ковачевски да му ја ослободи фотелјата. Но, дали тоа ќе се случи?

За потсетување, лидерот во СДСМ веќе не се избира по делегатски систем, кој лесно може да се контролира од која било партиска врхушка, туку од страна на целокупното партиско членство по пат на непосредно гласање. На таков начин се случи реизборот на Заев на лидерската функција, како и изборот на Ковачевски откако Заев одлучи да се повлече по поразот на локалните избори.

Од таа гледна точка, дел од аналитичарите сметаат дека Спасовски, Заев или некој друг со поголемо партиско педигре може реално да го предизвика Ковачевски. Но, треба да се има во предвид дека Ковачевски веќе се етаблираше како партиски лидер, додека заедно со генералниот секретар Миле Зечевиќ и раководството се повеќе ги земаат конците во свои раце.

Според оние што го познаваат, Спасовски не презема непредвидлив ризик, туку трпеливо си ја чека приликата. Воедно, мора да се знае дека тој му бил шеф на кабинет на таткото на премиерот – Слободан Ковачевски, во времето кога бил градоначалник на Куманово, па тешко може да се поверува дека Спасовски би тргнал против помладиот Ковачевски, доколку тој одлучи и во иднина да го води СДСМ.

Но, сосема друга ситуација е ако Ковачевски сам се повлече од функцијата, како резултат на изборен пораз, или пак како последица на други причини. Во такво сценарио, Спасовски речиси сигурно би влегол во трка за партиски лидер, при што се проценува дека би добил поддршка од Заев, со кого задржа коректни односи и кога работите беа на климави нозе, откако, на пример, Заев одлучи да го реафирмира моделот за заедничко владеење со ВМРО-ДПМНЕ.

Но, при таков распоред на силите може многу лесно да се случи да се издвои еден скопски фронт, кој би исфрлил противкандидат од Скопје. Многумина во СДСМ, меѓу кои и поранешниот лидер Бранко Црвенковски, ја застапуваат тезата дека СДСМ по Заев треба долгорочно да го води човек од скопското крило, ако сака да преживее. Исто така, тие сметаат дека партијата треба да се ребрендира, но тоа е друга тема.

Што се однесува до ВМРО-ДПМНЕ, има различни мислења дали Гордана Силјановска-Давкова повторно да биде претседателски кандидат. Едни сметаат дека веќе загубила и не треба губитник повторно да влезе во изборна трка. Но, други сметаат дека нејзиниот тесен пораз бил добар резултат во ситуација кога Пендаровски одвај победи со голема владејачка коалиција зад себе.

Сепак, доколку преовлада мислењето Силјановска да остане во парламентот и повторно да биде носител на пратеничката листа во првата изборна единица, како увертира за нејзина номинација спикер во парламентот, тогаш  кој ќе биде адутот на власта? Она што е сигурно, тој би бил дел раководството или близок до него, но сигурно нема да биде партискиот лидер Мицкоски или некој од потпретседателите Николоски, Мисајловски, Муцунски.

Во таа насока, како можни кандидати за претседател неофицијално се споменуваат членот на Извршниот комитет Сашо Клековски, кој порано беше дел од невладиниот сектор, а сега се занимава со приватен бизнис. Исто така, во одредени комбинаторики влегува и Трајко Славевски, кој како универзитетски професор и партиски функционер е добра спојка на партиски кадар, ама стручен, кој воедно во минатото покажал интегритет.

Веќе подолго време, како можен кандидат на опозицијата се врти името на претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев. Наводно, тој обезбедил начелна поддршка од Левица и преку одделни канали побарал поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, за да не се комплицираат состојбите во опозицискиот фронт. Арно ама, времето ќе покаже дали тој ќе биде прифатлив за Мицкоски или сепак најголемата опозициска партија ќе оди со човек кој е малку повеќе прифатлив и за Албанците.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости