Зошто пратениците не го користат бесплатниот јавен превоз кој им следува по закон?

by fokus

Пратениците имаат бесплатен превоз во железничкиот и патниот сообраќај во сите правци, но и покрај тоа прават илјадници евра сметки за патни трошоци. Според последните податоци што ги објавија медиумите, за само три месеци дел од пратениците преку Собранието наплаќале по 2.000 евра за патни трошоци поединечно. Дел од нив ги земале парите и покрај тоа што имаат станови во Скопје.

Според Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, бесплатен превоз им се обезбедува на пратениците, претседателот на државата, претседателот и потпретседателот на Собранието, претседателот, потпретседателот и членовите на Владата. Се поставува прашањето зошто пратениците не го користат јавниот превоз како би се намалиле трошоците што ги прават на сметка на државата.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Муковски, кој наплаќал по речиси 1000 евра месечно за патни трошоци вели дека никогаш нема користено јавен превоз.

-Никогаш немам користено, прв пат слушам дека тоа ни следува. Гледам дека темата е актуелна и дека власта предлага иницијативи. Што се однесува до мене нема проблем, нека одлучат како треба да биде и што мислат дека е најдобро за државата. Ако одлучат да не носат со јавен превоз, нека биде така, ако одлучат да ни дадат возила со шофери нека ни дадат, ако одлучат да ни плаќаат одвоен живот, нека ни плаќаат – вели Муковски.

-Не сум информиран дека постои таа поволност, не знаев. Треба да го видам сообраќајниот ред. Инаку, за информација, минатиот месец на патот меѓу Гевгелија и Скопје имаше четири сообраќајни несреќи, па морав на пат да губам по неколку саати – посочува пратеникот на СДСМ, Сашо Поцков, кој за патни трошоци наплатил над 2.000 евра.

Законот предвидува серија поволности за именуваните лица, вклучувајќи ги и пратениците. При службени патувања во земјава тие имаат дневница во износ од 8 отсто од просечната нето плата. Имаат право на надоместок поради одвоен живот од семејството до 30% од просечната нето плата.

Во случај на селидба по нивното именување државата на пратениците им ги покрива селидбените трошоци и трошоците за превоз на функционерот и на членовите на неговото домаќинство. За враќање назад во претходното живеалиште по престанокот на функцијата истите трошоци се покриваат во рок од една година.

Како и сите вработени, така и пратениците имаат право на к-15, или надоместок за користење на годишен одмор и тоа најмалку во висина од просечна месечна плата.

Според законот на избраните и именуваните лица во Републиката им припаѓа и надоместок на плата во случаите на неспособност за работа поради негова болест или повреди до 21 ден.

Маја Васева

Поврзани новости