Зошто никој не ги гони налогодавците во „Метастаза“!?

by Фокус

Текстот е објавен на 16 ноември 2012-та во неделникот „Фокус“ во бројот 907

Пишувал
Саше ДИМОВСКИ 

Лекарите обвинети во „Метастаза” за предметот со издавањето лажни инвалидски пензии треба да одат во затвор, со казни од условни до 2,5 години; дел добија забрана за членување во инвалидски комисии или ревизиони, а другите ќе треба да внимаваат што прават, за да не им се замени условната казна со затвор.

По две и пол години судење, белите мантили ја слушнаа пресудата, кои некои тврдеа дека е престрога, а други дека е многу ниска. Ама, целата постапка на крајот исфрли на виделина многу прашања кои требаше да ја засенат вината на лекарите и посредниците кои мешетареле за добивање пензии, зашто не биле само овие 77 луѓе опфатени во обвинението дека добиле пензија.

Најстрашно е што инвалидските пензии биле државен криминал за кој знаеле, а и директно наредувале, министри, заменици, партиски функционери, на кои не им фали ни влакно од главата, а зад решетки ќе завршат луѓето, кои, покрај тоа што биле партиски послушници, од време на време, за да се омрсат, заклале по „некоја овца”, како што велат.

За време на судењето, од 77 сведоци што добиле инвалидски пензии, со некомплетна документација и за пари, како што тврди обвинителот, само шестмина потврдиле дека им биле барани пари или дека дале, додека 71 од нив тврделе дека навистина се болни, никој не им барал пари, ниту дале, на што обвинителот реагира и вели пред судот дека неговите сведоци што требало да го поткрепат обвинението – лажат!

ЧИИ ПЕНЗИИ СЕ ДРЖАВНА ТАЈНА?

Прашањето за казните, кое возбуди многумина, треба да се гледа од два аспекта: дали обвинението се докажа, а на така утврдена фактичка положба се изречени ниски казни, или, пак, казните се дадени на докрај недокажани обвиненија и во ситуација, кога сведоците тврдат дека не дале пари?

Ако се гледаат внимателно документите во предметот, ќе се види дека обвинителот има листинзи од телефонски разговори обезбедени со следење на обвинетите, кои укажуваат на шеми, на посредници и се разговара за пари, но, во текот на постапката ги нема тие пари!?

Затоа, многу чудно е да се поверува дека полицијата не можела да најде лажни пензионери кои даваат пари за инвалидски пензии и на тој начин, преку обележани банкноти, да фатела некого на самото место. Сега имаме ситуација да се даваат пари, од 3 до 5.000 евра, ама само во телефонските разговори, зашто полицијата нема фатено никого на дело. Од друга страна, пак, инвалидските пензионери тврдат дека не ги дале парите што се споменуваат во целата приказна!

Сепак, без намера ние да оценуваме кој е виновен и колку, ќе потенцираме дека јавна тајна беше, како што тврди и заштитениот сведок во случајов (на кого дополнително ќе се осврнеме), дека морало да се дадат пари за да се добие пензија.

Е па, ако е јавна тајна, ајде да видиме дали државата вистински реши да се справи со проблемот на издавање инвалидски пензии или настрадаа само тие долу, пониските ешалони, а на функционерите кои наложувале, не само што не им фали влакно од глава, туку се унапредени на повисоки позиции.

Од серијата папки со документи за „Метастаза” обезбедени со посебните истражни мерки, дел се прогласени за државна тајна и тие не се презентирани на судењето!? Има ли некој одговор, зошто добивањето пензија е државна тајна?!

Секако, сите ќе се согласите дека не смее да биде никаква тајна, бидејќи пензионерите, инвалидски или не, користат пари кои се собираат од сите нас, од тие што работат и затоа тоа никако не може да се подведе ни под обична, а не, пак, под државна тајна. Ако нешто мора да биде тајно, тоа се само личните податоци на пензионерите, но не и името и презимето!

Па, во теснецот меѓу вистината и државната тајна, крајот на судењето за „Метастаза” откри шокантни податоци, дека не биле само овие 77 луѓе кои наводно добиле инвалидски пензии, без да има основа за тоа, туку биле пензионирани дури 700 партиски војници, кадри на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, а за тоа, ниту некој одговара, ниту ги споменува!

Обвинителот Златко Биковски, неодамна дојден од Берово во обвинителството за организиран криминал, од страна на обвинетите беше обвинет дека селективно ја спроведува правдата – од кошот следени разговори или пораки ги вади само тие што му одговараат, а другите, намерно или не, ги крие или сопствениците на телефоните не ги прикажува со име и презиме, туку ги третира како НН (непознато лице), иако тие сопственици ги користат и денеска тие телефони, ама се високи државни и партиски функционери!

СИТЕ ЗНААТ КОЈ Е Н.Н!

Како што тврдеше обвинетиот кардиолог Сашо Јосимовски во неговиот завршен збор, обвинителот меѓу доказите оставил три пораки упатени на неговиот телефон од НН лице, кое, всушност, не само што не е непознато, туку е унапредено по аферата „Метастаза” и сега е министер за труд и социјална политика. Се вика Спиро Ристовски.

Во завршниот збор, даден на судење, Јосимовски, обраќајќи им се на судиите и на обвинителот рече: „На страна 175 и 176 од завршниот збор на обвинителот има некои пораки, а бидејќи не сакам да излезе дека правам драма, барам да се затвори седницата, па ќе продолжам (бидејќи процесот е јавен, судот го одби ова барање, па завршниот збор е даден пред сите присутни н.з.).

Господине обвинител, дали Вие ми ставате на товар пораки од НН лица?  Што ако лицата се со познат идентитет. Имено, станува збор за господинот Спиро Ристовски, актуелен министер за труд и социјална политика. Еве, за обвинителот, со негови куршуми. Имено, бројот од Љубица Величкова ми го праќа никој друг, туку самиот министер Спиро Ристовски. Следува и незаконито барање за пензионирање, но и пофалба за завршената работа”, рече докторот Јосимовски, презентирајќи ги пораките што кон неговиот број се испратени од број 075 3…..7, кој и денеска го користи актуелниот министер за труд и социјална политика, Спиро Ристовски, а тогаш заменик-министер!

Првата порака од заменик-министерот до лекарот е испратена  на 15.10.2008 година во 9.22 часот, каде што Спиро Ристовски и ги испраќа мобилните телефони на Љубица Величкова, началничка на комисиите за утврдување инвалиднина, кои работат во рамки на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, период кој, според обвинението, е почеток на организирањето на групата, која почнала да наоѓа луѓе на кои им се подготвувале документи за лажни пензии.

Следната порака, која сегашниот министер за труд и социјална политика му ја испраќа на Сашо Јосимовски, а „по грешка” се нашла меѓу доказите, е од 3 септември 2009 година, испратена во 11.35 часот со содржина: „С.А. од Велес, со дијагноза „Ко…ис” да добие општа неспособност за работа (пензија). Поздрав”.

На вака добиената порака, најверојатно Јосимовски одговорил дека работата ќе биде завршена, па за само три часа, (во 14.13 часот) Спиро Ристовски, на Јосимовски му испраќа порака со текст: „ЛЕГЕНДА СИ”!

ПЕНЗИОНИРАНИ 700 ПАРТИСКИ ВОЈНИЦИ

Тргнувајќи од овие докази, обвинетиот лекар пред судот прашуваше: „Дали обвинетите здравствени професионалци во „Метастаза” се тие што ја креирале корупциската шема за добивање пензии или само сомнителни лица со сомнителни намери, кои требаат да бидат казнети?”.

– Постигнувањето на целта на кривичната постапка, никој невин да не биде осуден, а на виновникот да му се изрече кривична санкција под условите од Кривичниот законик, бара утврдување полна, права вистина за кривичното дело и за извршителот. Па, која е целта мене да ме казните, ако не ги казните вистинските виновници – рече Јосимовски пред судиите.

Но, партиските шеми не запираат тука. Според истражувањето на „Фокус”, во периодот од доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ во 2008 година, незаконски биле пензионирани дури 700 партиски војници, но за нив не се споменува ниту збор во обвинението, а нивните досиеја се прогласуваат за тајни.

На списокот на пензионирани, со директен партиски налог, се наоѓале блиски роднини на партиски функционери, од баби и дедовци, до мајки и татковци, до трети заслужни лица, за кои се носеле решенија да се прогласат за работно неспособни и на тој начин да добијат решенија за инвалидски пензии, трајни или привремени, или, пак, да им се определи нега за трето лице.

Сепак, партиските војници во комисијата за ревизија или претходно на прегледите требало да поминат со два потписа, како гарант дека врска му е партијата. За тоа, според кажувањето на Јосимовски пред судот, задолжени биле началничката Љубица Величкова и помошник-директорот во Фондот за ПИОМ, Трајко Премчевски, кој сѐ уште е на оваа функција.

За него, доктор Јосимовски вели: „во моите изјави и пред истражен судија и пред овој суд на главен претрес го споменав помошник-директорот на ФПИОМ, Трајко Премчевски, и затоа го повикав и како сведок. Тој беше предупреден за правните последици од давање лажен исказ, но, сепак, пред овој суд лажеше.

Тој кажа дека не сме имале никаква комуникација, а дека само еднаш сме се виделе. Е, па, баба лаже, трап не. Го молам судот да го погледне телефонот и пораките на Трајко испратени до мене на телефонскиот број 07./2.1…9. Со ова се потврдува мојот исказ дека навистина тој беше лицето со најмногу ургенции, претставени како партиски врски. Кога се посомневав, добив информации за заднината на некои од тие ургенции, ги запишав во еден тефтер и ги покажав на претпоставените, од кои немаше некој посериозен ангажман.

Значи, имав контакти со овој сведок, кои беа по ургенции, но тоа нема допирни точки со остварување имотна корист. Треба само да имате предвид дека овој човек високо котира во одлучувањето за работната способност, и порано и сега. Но, сега можеби има некој нов Сашо. Во своето сведочење на прашање на моите бранители, кој го донесува и го потпишува решението со кое осигурениците остваруваат право на инвалидска пензија, што е императив во управната постапка, тој одговори: раководителите на подрачните единици на ФПИОМ. Раководителите што тој ги поставил?! – објаснуваше лекарот пред судот.

За началничката на комисиите која утврдувала кој треба да добие инвалидски пензии, Љубица Величкова, Јосимовски  вели дека ја познава како пациентка од 2004 година, која доаѓала на редовни кардиолошки консултации кај него до крајот на 2008 година, кога му била претставена од помошник-директорот во Фондот за ПИОМ, Трајко Премчевски, заради нивна „синхронизација” околу извесни партиски ургенции кои прво му биле најавувани од Премчевски, а потврдувани од началничката Љубица Величкова.

– Комуникациите беа само во таа насока со извесен сомнеж за притисокот на наведениот господин – тврдеше лекарот Јосимовски.

ЗАШТИТЕНИОТ СВЕДОК СЕ ПАЗАРИ ЗА СВОЈАТА СЛОБОДА

Посебна приказна е исказот на заштитениот сведок, кој мора да споменеме дека е жена, според исказите на обвинетите, зашто ја препознале уште на првото сведочење во истрага.

Еден од обвинетите ги посочил дури и нејзините иницијали, но сите се едногласни дека сведокот немал кредибилитет, бидејќи е обвинет во друг предмет, поврзан со група обвинети во сличен предмет, па прифаќањето на статусот заштитен сведок, не е ништо друго, освен начин да се испазари – обвинителот да не ја гони во другиот предмет каде што е обвинета, а, во замена, да сведочи во овој против лекарите.

Но, од нејзината комуникација со третообвинетиот Љупчо Бутевски, доаѓаме до уште пошокантни сознанија, дека возачот и шефот на кабинетот на Џелал Бајрами биле главните средувачи за пензија, а Сашо го извршувал само тоа што ќе му го кажел Спиро Ристовски.

За заштитениот сведок, Јосимовски пред судот тврдеше дека уште во истрагата, при првото сослушување на загрозениот сведок со псевдоним В-3, а и потоа во тек на главен претрес, изјавил дека исказот на овој сведок е даден со цел да опстане обвинението и дека тој исказ е во директна спротивност на доказите што ги обезбедил обвинителот!

„Сведокот со „прераскажување” невистини се раководеше спрема точките на обвинението, без да даде каква било подробност, туку само генерални искази и фрази, строго контролирано од лица „суфлери” од страна, присутни во просторијата, и всушност го изнесуваше своето мислење, наместо забележувањата со нејзините сетила, како што е редот според закон. Сведокот главно коментираше – „па тоа е јавна тајна”, „па тоа е позната работа”, „јас бев во шема”.

Точно е дека го познавам сведокот. Но, како што кажав и до сега, последен пат сум ја видел пред периодот кој го цитирав на почетокот на својот исказ, периодот од 2008 до март 2010 година, и тоа во холот на Клиника за кардиологија, наводно заради лекување на нејзиниот татко, а всушност за „помош” за противправни активности, што беше одбиено од мене, па оттука произлезе и нејзиното сведочење против мене.

Имам добра меморија. Само еден до сега ме викал Сашенка. Во транскриптите на следената комуникација во предметот се наоѓа и еден долг разговор од 2 ноември 2009 година меѓу два телефонски броја, тој на Љупчо Бутевски и телефонски број што го користел загрозениот сведок, чиј идентитет ми е познат, но не смеам да го откријам”, рече Сашо Јосимовски, посочувајќи го разговорот кој одел вака:

Заштитен сведок: Оној Сашенка што ти прави? Тој мисли ли мене да ми помогне или ќе се мајтапи со мене. Три години не сум го видела. Саше со сите мои роднини се знае и сега што заебава. Нека не се откажува од мои случаи. Знам дека сите случаи ги избута, прави опструкции, се прави семоќен!

Бутевски: Јас ќе ти кажам кого да бркаш. Сашо не може ништо. Тие, само тој Башким и тој Џемо можат, тие што работат во Министерството, десна и лева рака се на министерот (Џелал Бајрами н.з.).

Заштитен сведок: Тие се главни, а?

Бутевски: Да!

Заштитен сведок: А Сашо не може?!

Бутевски: Не може. Ги поминува само партиските случаи. Извршува што ќе му каже тој Спиро (Ристовски н.з.)!

На вака објавените листинзи, Јосимовски прашува – зошто обвинителот не го коментира ова и дали ова не е уште еден доказ за селективноста на обвинителот.

„Јасно е, значи, дека загрозениот сведок не можел да комуницира со мене во периодот од 2008 до 2010 година, а тоа децидно го тврдеше во своето сведочење. Од овие причини, моите бранители му посветија посебно место на заштитениот сведок. Од него почна и со него завршува случајот „Метастаза”.

Така, сѐ додека нема вештачење на доказите, односно медицинска документација, нејзината евиденција и конечно и здравствената состојба на осигурениците кои оствариле права по основа на инвалидност, од вештаци или експерти од соодветната струка, обвинителот конструира. Значи, ќе сметам дека обвинителот „лепрша сѐ додека со вештаци од соодветни медицински специјалности не докаже непрофесионалност, нестручност или евентуална злоупотреба на службената положба.

И веднаш ја прифаќам вината, ако докаже обвинителот дека во претходниот живот бил член на органите кои одлучувале за работната способност. Па, добро, ако навистина сум бил толку влијателен и апсолутната моќ била сконцентрирана во мене, како не најдовте еден кој ќе каже дека сум му побарал, сум му зел или конечно, дека јас сум му завршил работа за пари.

Ама знаете зошто не можете? Затоа што нема таков човек. Да, навистина сум помагал, ама само на болни и немоќни, и, се разбира, без материјален надомест. Ваква грешка признавам. И, навистина не знам кој треба да биде на обвинителна клупа? Дали јас, кој две години повторувам и се обидувам да објаснам дека на човек, ниту може да му се префрли, ниту, пак, тој може да се пофали за нешто, освен за оној мал дел што е под негова контрола, или вистинските криминалци кои го организирале ова.

Знаете што, моралната основа на вината се наоѓа во следниве социјално-етички императиви – мораш, зашто можеш и одговорен си, зашто си постапил спротивно на должноста”, поентираше Јосимовски во судницата.

Надвор од неа, осудените тврдат дека ова е класична местенка, бидејќи дел од нив, ако сите тие според државата се криминалци, не можеле да не знаат што се прави во комисиите, а тие да бидат изземени.

Па, така, од инвалидските комисии, кои ги сочинувале по тројца, уапсени се по два члена, а третиот е унапреден и сега е началник во истите комисии. Иста е ситуацијата и во ревизионата комисија, која одлучувала во втор степен, уапсени се двајца, а петмина не.

Тие се повикани како сведоци, каде што децидно тврдеа дека не можел врз нив да влијае Јосимовски, бидејќи тие имаат имиња и углед (Караџов, Садикарио и др.)

Но, она што го кажуваат самите обвинети е селективноста и кон политичарите, посебно кон Бајрами и неговите соработници, кои сега се со него и во МВР, каде што тој ја извршува функцијата заменик-министер.

Се споменува и Гордана Јанкуловска, дека знаела за одредени дејствија во комисиите и дека за тоа била известена лично од самиот Јосимовски.

На ова, министерката Јанкуловска за „Фокус” вели дека можеби е така, можно е да ја известиле за одреден криминал, но тоа не ја спречува полицијата да поднесе пријави, ако лекарите ја злоупотребиле својата позиција во инвалидските комисии. Таа вели дека ги познава дел од лекарите и лично, бидејќи 8 години често ја посетува Клиниката за кардиологија поради контроли и консултации за член на нејзината фамилија, а неколкупати, прегледите, како дежурен лекар ги вршел токму Сашо Јосимовски!

Зад неговото име и пресметката со него, партиски извори тврдат дека се крие и политика. Тој бил еден од кандидатите за претседател на ВМРО-ДПМНЕ за Карпош, позиција која требало да го исфрли и за кандидат за градоначалник. Но, кадрите на ВМРО-ДПМНЕ, помогнати од директорот на Клиниката Сашко Кедев, со кого не бил во добри односи, застанале наспроти него, па конкуренцијата си го сторила своето!

Најинтересен дел од пресудата е податокот дека 77 лица опфатени во обвинението треба да ги вратат пензиите што ги добиле, а лекарите да ја надоместат штетата кон Фондот. Но, правното прашање кое сега се поставува, гласи – дали може кривичниот суд да ги поништи решенијата за пензија или треба самиот Фонд да бара поништување во управна постапка?

Ако горат тие 77 пациенти, што ќе биде со 700 партиски инвалидни пензионери и кој ќе биде јунакот што ќе одговори – што се крие во папките означени како државна тајна во овој скандал?

СПИРО НЕ ГИ КОМЕНТИРА ОБВИНУВАЊАТА

„Фокус” се обиде да добие одговори на обвинувањата дека сегашниот министер Спиро Ристовски, очигледно според СМС-пораките, наложувал кој треба да се пензионира, дека му ги дал телефонските броеви од  Величкова на Јосимовски, како и тоа дека партиските списоци ги аминувал тој и уште една вработена во Министерството, за која знаеме само дека се вика Верче. На овие, како и на тврдењата дека се давале и месечни суми, кои оделе наводно на сметка на партиите, добивме официјален одговор од Министерството за труд и социјална политика во кој се вели:

„Министерството за труд и социјална политика тесно соработуваше со Министерството за внатрешни работи уште во фаза на пред истражна постапка и подоцна во истрагата со доставување на потребните документи сопственост на Република Македонија, кои подоцна преку Правобранителството во текот на претресот се доставуваа до судот. Министерството за труд и социјална политика нема да ја коментира работата на судската власт, а уште помалку ќе коментира постапка, која не е правосилно завршена”.

Сепак, нашите прашањата не беа упатени до министерството, туку до министерот, но ви го пренесуваме интегрално добиениот одговор од нивна страна!

СПИСОЦИТЕ ЗАВРШИЈА КАЈ ГРУЕВСКИ

Во текот на судењето за „Метастаза”, обвинетата началничка Љубица Величковска мавташе со списоците на кои биле имињата на партиските кадри, над 300 само од ВМРО-ДПМНЕ, и велеше дека ќе му ги достави на премиерот Никола Груевски доколку ги осудат нив, кои слепо ги спроведувале партиските наредби. „Фокус” дознава дека списоците по завршување на судењето му биле испратени на премиерот, но нема реакција од таму. Меѓу муабетите се и тие дека министерот за труд, кој и да бил, имал месечна тарифа од 30 илјади евра, која требало да му ја платат комисиите за отприлика одобрени 30 барања за инвалидски пензии, кои се движеле околу 15-16 илјади денари.

„Фокус” побара одговор од Величкова – што се случи со партиските списоци, но осудената не прифати разговор на оваа тема!

КОМИСИЈАТА ГЛЕДАЛА „ДОЛИНА НА ВОЛЦИТЕ”?

Одлуките на инвалидските комисии биле разгледувани од второстепена комисија составена од лекари кои ги избирал министерот. Сите членови на комисијата биле именувани со решението на министерот за труд и социјална политика.

Состаноците се одржувале двапати неделно и траеле 2-3 часа, во просторија на министерот за труд и социјална политика. Пред почеток на состанокот, предметите ги распоредувале по специјалности  службениците од министерството. Членот на комисијата, специјалист од областа соодветна на главната болест наведена во наодот, бил известувач за конкретниот предмет.

Чести биле дискусиите околу тоа, во кој степен е намалена работната способност кај осигуреникот. По гласањето, се пишувало образложение, т.е. стручно мислење за клиничките ентитети кои довеле до инвалидност. Комисијата за ревизија била колегијално тело, и одлуките се донесуваат колективно.

Одлуките и мислењето што го донесувала комисијата за ревизија, воопшто не зависеле од претседателот на комисијата или кој било член поединечно, туку од сите седуммина. Годишно комисијата за ревизија разгледувала и давала мислење за околу 6.000 предмети. Сашо Јосимовски, кој бил претседател на оваа комисија, за тоа дека влијаел врз другите членови, вели:

„Впрочем, како јас и лекарот Дамјановски сме „издејствувале” мислење и потпис од останатите петмина експерти од колегијалниот орган? Со хипноза, со халуциногени печурки, со пиштоли на челото.?! Или така што сме ги присилувале да ја гледаат серијата „Долина на волците”. Конечно, судот имаше доблест да ги повика останатите 5 членови на комисијата, кои во своите сведочења потврдија дека одлуките ги носеле самостојно и без влијанија од никого!

Поврзани новости