Зошто хидроцентралите „Чебрен“ и „Галиште“ се претворија во мит?

by Фокус 09:57
09:57

Текстот е објавен на трети февруари 2012-та во неделникот „Фокус“ во бројот 866

Пишувал
Гоце МИХАЈЛОСКИ

- Advertisements -

Уште една епизода од енергетската драма „Чебрен” и „Галиште”, која полека но сигурно станува навистина здодевна за целокупната јавност, е пред неславен крај. Многу веројатно е дека и последниот тендер за изградба на овие две хидроцентрали предвидени за во мариовскиот крај, по течението на Црна Река, ќе пропадне. Едноставно, затоа што во спротивно може да се случи наместо корист, земјава да има повеќе зијан со нив.

На Груевски и на неговите министри ова им е повеќе од јасно, па затоа и по неколку месеци евалуација на двете пристигнати понуди, на кинеската ЦВЕ и грчката ППЦ, не можат да се решат што да прават. Неколку пати веќе ја одлагаат конечната одлука, но и тоа не може да трае вечно. На крајот, колку и да боли, ако е подобро и овој обид да пропадне, тоа треба да се признае, отколку да се донесе одлука која може да им нанесе долгорочна штета на државните интереси.

ВО ШТО Е ПРОБЛЕМОТ?

Деталите од понудите на ЦВЕ и ППЦ се уште јавно не се објавуваат, но извори од тендерската комисија неофицијално велат дека и двете, во суштина, се неприфатливи. ЦВЕ барала веќе изградената хидроцентрала „Тиквеш” да ја земе веднаш во владение, наместо како што е предвидено во тендерската документација, откако ќе се изгради ХЕ „Чебрен”.

Тоа значи загуба за земјава од 10 до 15 милиони евра годишно, колку што сега произведува струја ХЕ „Тиквеш”. Ако се има предвид дека изградбата би траеле најмалку осум години, тоа значи загуба од околу 100 милиони евра. Освен тоа,  кинеската компанија барала и поголеми државни гаранции за откупот на струјата, како и ослободување од ДДВ.

За трагедијата да биде поголема, понудата на Кинезите е оцената како подобра. Она што ја става во предност пред ППЦ, е уделот што и го нудат на ЕЛЕМ, а кој е клучен за добивање на работата. Кинезите ѝ нудат 40,5 отсто од акциите на Македонија, а Грците 28 отсто. Освен помалиот удел што го нуди, ППЦ ја нема ниту довербата од македонските власти, кои се сомневаат дали оваа грчка државна енергетска компанија воопшто има пари за да го гради проектот, со оглед дека земјата им е пред банкрот.

Така, изборот на Владата, што би рекле либералдемократите, се сведува на змија или магаре. Или да признаат дека и овој пат ништо не бива од тендерот, или да прифатат понуда која, во најмала рака, ќе биде симптоматична. Владини извори велат дека последното одлагање на конечната одлука се должи на надежта што ја негуваат членовите на економскиот „дрим-тим” на Владата, оти и Кинезите и Грците ќе попуштат. Но, неофицијалните информации се дека понудите на потенцијалните инвеститори се „земи или остави” и немаат намера да отстапат од барањата.

Актуелниот е шести меѓународен тендер, со кој се бара стратешки партнер на ЕЛЕМ за изградба на хидроцентралите. Сите претходни обиди беа неуспешни од разни причини, иако во овие 4-5 години интерес за нив покажаа многу од светските енергетски компании. Сите ги следеа разни контроверзии, иако на тој план убедливо води првиот тендер објавен по доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ, кој после големо одолговлекување беше поништен во ноември 2008 година. Тогаш германската РВЕ понуди во јавното партнерство ЕЛЕМ да учествува со 47 отсто, а за возврат побара концесија на ХЕЦ „Тиквеш” од 39 години, што во однос на денешните понуди изгледа фантастично!

Вистинските причини за пропаѓањето на овој тендер веројатно никогаш нема да се дознаат, иако лидерот на НСДП, Тито Петковски, тогашниот коалициски  партнер на Груевски, неодамна јавно се посомнева дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ не го склучило договорот со Германците, поради лични и партиски интереси со увозот на скапа електрична енергија, во кој годишно се вртат по околу 200 милиони долари.

Потоа следеше уште еден неуспешен тендер, па Министерството за економија во 2010 година одлучи да најми странска консултантска институција која требаше да ги открие проблемите што се провлекуваат во континуитет. Беше ангажирана Интернационалната финансиска корпорација, која е дел од групацијата на Светската банка, но резултатот од нејзината работа го гледаме денес. Првично, на последниот тендер се појавија 16 инвеститори, од кои 10 подигнаа документација, но на крај понуди доставија само две  – ЦВЕ и ППЦ.

Оттаму, логично се поставува прашањето што е проблематично во проектот, што никако не може да почне неговата реализација?

За изградбата на хидроцентралите „Чебрен” и „Галиште” првиот идеен проект е изработен во 80-тите години. Тие биле предвидени уште со Основното енергетско решение за Црна Река, изработено во 1960-61 година, кое освен овие две, ја предвидувало и третата хидроцентрала во низа, ХЕЦ „Тиквеш”. Последнава имала среќа да види бел дел веќе кон крајот на 60-тите, но останатите две и пет децении подоцна се само пуста желба на хартија.

СКАП ПРОЕКТ, А ПАРИ НЕМА

Според официјалните податоци на ЕЛЕМ, најмоќна, но и најскапа треба да биде првата брана, „Чебрен”. Таа се предвидува да се изгради блиску до селото Манастир, седум километри низводно од Расимбеговиот мост, каде просечната проточност на Црна Река е 26 метри кубни во секунда.

Оваа акумулација, која треба да биде најголемата во Македонија, ќе има брана висока 192,5 метри. На неа треба да се инсталираат три агрегати со вкупна моќност од 333 мегавати, од кои годишно би се добивале од 786 до 840 гигаватчасови електрична енергија. Изградбата би траела шест години и би чинела 318,5 милиони евра. Овде не е земено предвид дека до местото каде што треба да се гради браната денес нема ниту пат, чија изградба би одзела дополнително време.

Хидроелектраната „Галиште” треба да биде втората во низата. Се предвидува да се изгради на почетокот на постоечката акумулација „Тиквеш”, каде просечната проточност на Црна Река е 28,9 метри куби во секунда. Браната би била висока 141,5 метар, а на неа би биле инсталирани три агрегати со сила од 193 мегавати, кои би произведувале по околу 260 гигаватчасови струја. Изградбата би траеле седум години и би чинела 200,5 милиони евра.

Вкупно, според ЕЛЕМ, двете хидроелектрани би чинеле 519 милиони евра, а би произведувале нешто над 1.000 гигават часови струја, која според ланските просечни цени на слободниот пазар, би вредела 70-80 милиони евра.

– Кај хидроцентралите најскапа е изградбата, потоа трошокот за производство на електрична енергија е многу мал, за разлика од термоелектраните. Со оглед дека цената на струјата расте, ако параметрите и математиките на ЕЛЕМ се точни, слободно може да се препостави дека инвеститорот би си ја повратил инвестицијата за 10 до 15 години, особено што како подарок ќе ја добијат и ХЕ „Тиквеш”, чија изградба денес би чинела околу 200 милиони евра – велат упатените.

Затоа експертите сугерираат државата да биде таа што ќе ја има доминатната улога во изградбата на хидроцентралите. Доколку нема толку пари, предлагаат преиспитување на предложените проекти за „Чебрен” и за „Галиште”. Како аргумент во тој правец најчесто се наведува сомнежот во точноста на проекциите за количеството на вода во Црна Река, а од аспект на финансиска исплатливост под знак прашање се става оправданоста на висината на предвидените брани.

МОЖНИ АЛТЕРНАТИВИ

Како алтернатива се нуди намалување на висината за „Чебрен” на 130 метри и за „Галиште” на 115 метри. Во игра е и уште една, четврта хидроелектрана во каскадата. Се работи за „Скочивир”, која би била прва во низата и чија брана би била висока 40 метри. Има ставови дека со ваков пристап енергетскиот ефект би бил сличен, а инвестицијата би тежела од 350 до 400 милиони евра, наспроти околу 600 милиони евра, доколку се задржи сегашниот концепт. Со ова државата би си обезбедила поповолни услови во однос на концесионерот. Исто така, на овој начин би се осигурале доволни количини на вода за сите потреби долж текот на Црна Река, особено за наводнување во Пелагонија.

Кое решение и да се одбере, станува извесно дека и во следните десетина години „Чебрен” и „Галиште” нема да почнат со производство, а нема ниту најава за изградба на некоја термоцентрала со позначаен капацитет.

КАДЕ Е ЌАРОТ?

Немањето инвестиции ја направи државата зависна од увозна струја, за која, како што објавивме минатиот број, само за 5 години се одлеани една милијарда долари. Освен големите фабрики, лани драстично зголемување на увозот имаше ЕЛЕМ. Набави 505,9 гигават часови, наместо предвидени 377. Тоа е многу повеќе од 2010 година, кога биле увезени само 284 гигават часови. Разликата се правда со сушата.

– Вкупниот износ за набавка на електрична енергија во 2011 година изнесува 41 милиони евра, по просечна цена од 80,78 евра за мегаватчас што е за 35 отсто повисока во однос на 2010 година – изјави директорот на ЕЛЕМ, Влатко Чинговски.

Истовремено, ЕЛЕМ продала и 172,3 гигаватчаса струја кога имала вишоци, но по двојно пониска цена од таа што ја купувала, од само 40,64 евра за мегаватчас, односно, ја продала за само 7 милиони евра. Чинговски не објасни, зошто разликата во цената е двојна, но уверуваше дека продажбата била направена на транспарентен начин, по пат на аукции!!

НУКЛЕАРКА ВО МАРИОВО?

Црна Река, на која треба да се градат „Чебрен” и „Галиште”, е најголемата притока на Вардар. Нејзиниот слив изнесува 5.887 км2, а должината на речниот тек е 222 км. Доколку се подигнат браните „Чебрен” и „Галиште”, од неа ќе се формира најголемата вештачка акумулација во земјата, која ќе потопи една третина од Мариово.

Експертите што се залагаат за изградба на нуклеарна електрана во земјава, предлагаат таа да се подигне во близина на оваа акумулација, токму поради огромните количини на вода потребни за ладење на реакторите!

Поврзани новости