Сеља не планира да формира нова партија, ќе се бори во ДПА

by Фокус

Струшкиот градоначалник Зијадин Сеља, кој беше исклучен од ДПА откако се судри со партискиот лидер Мендух Тачи околу пратеничката листа на партијата за петтата изборна единица, засега нема намера да формира нова партија.

Близок соработник на Сеља за Фокус изјави дека утре на прес конференција во Струга градоначалникот на оваа општина и неговите приврзаници ќе ја образложат одлуката за да ги замрзнат активностите до претстојните претседателски и парламентарни избори, но и да го навестат идното делување.

-Засега, нема шанси за формираме нова партија, како што сторија многу поранешни функционери на ДПА по недоразбирањата во партијата. Ние сме ја основале и граделе партијата и не се откажуваме така лесно од неа. Иако дел од нас формално не се дел од партијата по исклучувањата, ќе најдеме начин како да се бориме понатаму – вели нашиот соговорник од струшкото крило на ДПА, кое падна во немилост на Тачи.

Набрзо по парламентарните избори во 2008 година, Имер Селмани се отцепи од ДПА и ја формираше Нова Демократија, која по неуспехот на изборите во 2011 година е маргинализирана. Во една прилика, Селмани рече дека некои негови приврзаници се залагале за преземање на ДПА од внатре низ директна конфронтација. Сепак, кај Селмани претежнале аргументите да ја формира Нова демократија.

Во меѓувреме, Руфи Османи ја формираше Националната демократска преродба, која на претходните парламентарни избори освои два пратеника, а на претстојните ќе настапи самостојно. Партијата имаше еден обид за соработка со ДПА, но тој пропадна. НДП и Османи ја неодамна ја одбија понудата на Тачи да се претопат во ДПА.

Поврзани новости