Само неуките Македонци се навредуваат кога некој Србин ќе им каже дека се „чокалии“!

by Фокус 15:40
15:40

Текстов е објавен на 8 октомври 2010 во неделникот „Фокус“ број 797

Пишувал
Стојан АНДОВ

Неодамна во Дојран сретнав еден патриот. Тој е истакнат експерт, лекар специјалист, еден од врвните во Македонија во својата струка, а сега е во пензија. Одамна не сме се виделе. Но, тој брзо ги остави сите други теми на страна. Сакаше да го истакне својот патриотизам. Сега патриотизмот кај него главно извира од навредите што ги доживува од страна на Грција, која бара промена на името на нашата држава.

- Advertising -

Патриотизмот го чувствувал одвреме – навреме, кога бил навредуван од наметнатата супериорност на Србите кон Македонците. Кажува дека, како селско дете, минал тежок и трнлив пат и направил блескава кариера. Но, како млад специјализант во Белград, каде ги покажал своите способности пред сите во групата специјализанти и кога се видело дека тој ќе биде избран да се доусовршува во странство, надвор од службените средби, еден специјализант Србин го навредил, нарекувајќи го „чокалија“.

Ми беше интересно како нему помалку му значеле оние стари српски специјалисти, кои го препорачале за специјализација во странство, давајќи му предност пред младиот Србин, а долго го памети нискиот удар од помалку способниот српски колега!

Овој случај покажува колку и истакнати интелектуалци своите чувства ги изразуваат под дејство на сосем случајни и неважни настани во нивниот живот. Односот на Србите кон Македонците овој признат интелектуалец го изведува само од тоа што неговиот колега го нарекол „чокалија“. Затоа  решив да му ја кажам прикаската која објаснува од каде потекнува зборот „чокалија“ и што всушност тој значи!

ЧОК АКАЛ’ЛИЈА – МНОГУ УМЕН

Во февруари 1804 година, Србите не можеле веќе да го издржат теророт од одметнатите турски јаничарски водачи и го дигнале Првото српско востание. Водач на востанието станал Ѓорѓе Петровиќ – Караѓорѓе, богат селанец, кој имал и војничко искуство, бидејќи учествувал на страната на Австријците во претходните војни против Турците. Караѓорѓе набрзо ги разбил јаничарските бунтовници, ги фатил и убил дахиите, а потоа неговата војска го зазела Белград и се судрила со некои турски команданти што ги испратил Султанот.

Султанот размислувал да прати голема војска за набрзина да го уништи востанието, но, тогаш му се заканил рускиот цар. Селим Трети побарал помош од Наполеон Бонапарта, меѓутоа, овој бил зафатен со своето крунисување за цар и бил загрижен за тоа како ќе реагираат  најпознатите европски монарси. Особено не сакал да се замери со рускиот цар и затоа го одолговлекувал својот одговор на Султанот. Овој, пак, притиснат од Русија, ги запрел воените дејствија и прифатил да преговара.

Во договореното време, како претставник на Караѓорѓе, во Истанбул пристигнал Петар Ичко. Тој зборувал германски, српски, руски, турски и грчки јазик, а роден бил во Воден. Откако пристигнал Ичко во Истанбул, Султанот на своите најдоверливи луѓе им рекол после дваесетина дена, без оглед како ќе одат преговорите, да го отрујат Ичко. Им рекол и дека  Караѓорѓе не може да најде така брзо замена за Ичко. За смртта на Ичко да не падне вината врз Турција, кај странските претставници веднаш да прошират вест дека човекот што дошол изгледа блед како да носи некоја скриена болештина во себе.

Минало месец и пол, а рускиот претставник во Истанбул прашувал, зошто уште нема договор и го зголемил притисокот. Султанот повторно ги собрал свои луѓе и изненаден ги прашал, зошто сѐ уште не го отруле каурот? Тие му рекле дека е премногу претпазлив, но, наскоро ќе го отстранат. Времето си минувало, Наполеон сѐ уште бил зафатен со свои грижи и не помагал.  Но, Русите силно притиснале.

Тогаш Султанот пак ги прашал своите потчинети: Зошто Ичко уште не е отруен? Тие му одговориле дека едноставно не можат да го отрујат. А тој им сугерирал да му стават отров во јадењето. На ова добил одговор дека Ичко јаде само варени јајца, сам си ги купува, сам ги вари, сам ги лупи и веднаш ги јаде. Султанот бил упорен, па предложил да му стават отров во шербетот, во чајот, во водата. Соработниците му одговориле дека Ичко пие само вода, и тоа, одејќи по улиците на Истамбул, купува од случајни продавачи, а никој однапред не знае по која улица ќе оди и од кого ќе купи вода. Тогаш Султанот се согласил да се заклучи мир и така е постигнат тнр. Ичков мир, кој ѝ дал да здивне на востаничка Србија.

Кога Султанот му го испратил постигнатиот договор со својот печат, во пропратното писмо, покрај честитките за мирот, на Караѓорѓе му напишал дека Ичко што му го испратил, се покажал „чок акал’лија“ – што значи многу умен. Во српската традиција ова е извртено и е претворено во чокалија, а употребата на тој збор за Македонците значи дека Србите добро знаат дека Ичко е Македонец. Оние од нив, пак, на кои српскиот шовинизам им влегол во умот, наместо како комплимент, тој збор го употребуваат за да нанесат навреда!

ПЕТАР ИЧКО БИЛ МАСОН

Меѓутоа, не само што младиот српски специјализант не ја знаел суштината на зборот чокалија, туку и мојот познаник и пријател, македонскиот интелектуалец, не само што не ја знаеше оваа прикаска, туку воопшто не слушнал за Петар Ичко. А, историјата на Балканот, особено историјата на Првото Српско востание не може да се замисли без да биде спомнато името на Петар Ичко. Пред да биде повикан од Караѓорѓе за мисијата во Истанбул, Петар Ичко бил трговец во Земун, кој тогаш и припаѓал на Австрија. Ичко бил истакната личност, бил масон и по масонска линија бил повикан од Караѓорѓе, кој исто така бил масон.

Овој пример покажува дека чувствата на навреденост и омраза на нашите патриоти, често се засноваат на недоволните лични познавања и од не знаење и примитивизам, во текот на времето, извртените значења на поимите, како и на заблудите што ги следат. Овој Ичко, заборавен од нашите, Бугарите го спомнуваат како Бугарин, кој изиграл голема улога во првите години на Првото Српско востание, а Србите го спомнуваат, не порекувајќи ги неговите заслуги, само како „емунски трговац“.

Не е само случајот со Ичко. Многу личности и настани во историјата на Балканот во која припаѓа и нашата историја, не се доволно објаснети. Некои личности и настани воопшто не се споменуваат кај едни, а кај други, пак, се еднострано величани како припадници или дејства на нивната нација, дури и тогаш кога тие не оставиле траг кој е доволен да се одреди нивната  национална припадност. Нашата историографија има уште многу да работи за да се дообјаснат и објективно да се осветлат многу личности од нашето и балканското минато.

Некои периоди од нашата историја едноставно не ќе можат објективно да бидат објаснети, ако во разјаснувањето на личностите и настаните не се тргне од изворната историска документација. Таа најчесто не е во нашите архиви, туку во архивите во Истанбул, во Атина и особено во Белград и Софија. Кога науката би се потпрела на изворните историски документи, сигурно е дека историографиите во најголем дел од балканските земји ќе претрпат корекции.

Од таа судбина не може да избега ни нашата историографија. Кај нас некои историчари или лица што претендираат да бидат историчари, копаат по документите што им се достапни и настојуваат да пронајдат некоја изјава на Тодор Александров, на пример, каде тој рекол дека е Македонец, и за неа се држат како слеп за стап, а ги забораваат многу побројните негови изјави, во кои вели дека е Бугарин.

Нашите автори не обрнуваат внимание и на фактот што Александров и некои негови приврзаници, и во случаите кога велат дека се Македонци, подразбираат дека се Бугари од Македонија, а Македонци се толку, колку што се Македонци и истакнати Турци, Срби, Грци или Власи од Македонија. Намерата на овие историчари, постхумно на Тодор Александров да му насадат национална определеност каква што имаат денешните Македонци во Македонија, научно е проблематична!

ВИСТИНАТА ЗА ПРОТОГЕРОВ

Сличен е случајот и со генерал Александар Протогеров. Александров е роден во Македонија, во Штип, а и Протогеров е роден во Македонија, во Охрид. И двајцата, себеси се сметале за Бугари. Протогеров е особено познат по еден многу трагичен настан за време на Првата Светска војна во Србија. Во февруари месец 1917година, околу два месеци пред Соединетите Американски Држави да влезат во војна на страната на Антантата, кога се покажала немоќта на силите на Антантата да постигнат успех на основниот, Западен фронт, во регионот на Топлице, во централна Србија, од очај месното население, поттикнато од некој четнички раководители, го покренало тнр. Топличко востание.

Востаниците немале некоја значителна оружена сила и не преставувале вистинска закана за Централните сили, меѓу кои била и Бугарија на цар Фердинанд. За задушување на востанието се испратени делови од бугарската војска, кои таа можела да ги одвои, а да нема штета за одржување на Солунскиот фронт. Главна единица во бугарските сили била Единаесетата македонска дивизија, под команда на тогаш полковник Александар Протогеров. Востанието е жестоко задушено, а убиени се, според српските извори, околу дваесет илјади, а по некои германски процени, од петнаесет до седумнаесет илјади луѓе. Убиените се главно невооружени жени, деца и старци, а истовремено изгорени се селата и имотите на селаните.

Случајот со задушувањето на Топличкото востание е еден од примерите на најтешки ѕверства кон цивилното население извршени во текот на Првата Светска војна. Нашите историчари уште се колебаат да ја дадат вистинската слика за генерал Протогеров, а некои од нив дури го наредуваат меѓу значајните македонски историски личности. И кај Протогеров, како и кај Тодор Александров, некои луѓе кај нас бараат некоја негова изјава за тоа дека тој се чувствувал Македонец и се борел за Македонија.

Како главен доказ дека Протогеров е важна личност кај Македонците се зема и фактот што бил еден от претседателите на ВМРО. Всушност, овде се влече една погрешна линија, која настојува да докаже дека сите претседатели на ВМРО се заслужни и се бореле за Македонија, за македонскиот народ, за македонската нација, за создавање на македонската држава. Тие тврдења треба да бидат допрва испитани и докажувани.

За да ја согледаме целата вистина, потребна е тесна соработка и објективни научни истражувања, во кои би учествувале наши, бугарски и српски историчари. Со такви објективни истражувања, кои ќе се засноваат врз оригинални историски документи, земајќи ги историските околности во кои настанале тие документи, ќе биде можно да се даде вистинска оценка за личностите кои биле претседатели на ВМРО, и за нивните постоечки или непостоечки заслуги за настанувањето на денешната наша држава Република Македонија.

Потребно е во овие истражувања да се обезбеди соработка и со бугарските и со српските историчари, кои, како и нашите, би се раководеле од објективната вистина, а не од интересот што го дефинирале тајните служби на нивните држави!

ВМРО КАКО ПРОФАШИСТИЧКА ОРГАНИЗАЦИЈА

Сѐ до Илинденското востание, вклучувајќи и неколку години по него, за ВМРО едноставно не може да се зборува ако не се води сметка дека пресудно влијание во таа организација имале бугарските државни институции. Во Илинденското востание гинеле Македонците, македонските селани и граѓани, гореле македонските куќи, села, гратчиња, ама, ретко кој по поразот на Востанието, од политички активните функционери на ВМРО, избегал во Грција, Албанија или Србија, туку речиси сите побегнале во Бугарија.

Народот е оставен на неговата судбина. Дури на Рилскиот конгрес, 1905 година, ВМОРО станала ВМРО. Дури тогаш од Организацијата е одвоена Одринска Тракија. Во ВМРО веќе тогаш се обидуваат да продрат и српските тајни служби, иако целата Организација тие ја сметале за бугарска.

За реални сознанија од тоа време се важни документите и во српските архиви, а за периодот после Првата Светска Војна тие стануваат многу важни поради фактот што во српска служба стапуваат и дотогаш некои реномирани раководители на ВМРО.

За нашата вистинска историја многу е важно и да се дознае вистинската улога на ВМРО  во периодот меѓу двете светски војни. Треба да се видат вистинските мотиви на бугарската влада и цар Борис Трети, за нивната одлука да се распушти и забрани ВМРО. Треба да се има реална оценка и за улогата на ВМРО, која постои како сосем тајна организација, од нејзиното распуштање, вклучително со периодот на Втората Светска војна.

Настојувањето на некои историчари да го пренагласат антикомунистичкиот карактер на ВМРО, не смее да го засени карактерот на ВМРО како профашистичка организација од тоа време. За време на Втората Светска војна, истакнати вмровски раководители доаѓаат во Македонија во составот на  бугарската окупаторска администрација, а шефот на ВМРО времето на војната го поминал како гостин на фашистичкиот режим на Анте Павелиќ во Хрватска.

Огромната штета што му се нанесува на македонскиот народ од некритичкиот однос на некои толкувачи на нашата историја, доаѓа од фактот што таквото толкување ги негира вистинските национални интереси и придонесот на Македонците во антифашистичката коалиција, фаворизирајќи го комплетно неплодното и многу штетно однесување на тогашното ВМРО кон македонскиот народ.

Градењето на музеј на ВМРО, денес е израз на една политика која сака да ја наметне непроверената вистина за тнр. Историско ВМРО. Таа политика е апсолутно анти-европска. Таа се противи на основниот курс на европската историографија, која бара нова, пореална, ослободена од тесни националистички преокупации и митови, историографија, која на европските народи и држави ќе им обезбеди зближување и ќе ја јакне нивната меѓусебна доверба.

Наспроти тоа, некои наши историски заблуди нашата Влада сака да ги овековечи во градењето музеи, пред оправданоста на таквите потези да биде докажана по пат на научно објективно историско истражување. Како силен контрапункт на оваа штетна политика за Македонија се идеите, занесот и визиите на нашите херои од 11 октомври 1941 година!

Поврзани новости