ЖИВОТНАТА СРЕДИНА Е ПОВАЖНА ОД ПРОФИТОТ

by Fokus

ФОКУС: Во претходниот број пишувавме за тоа како банките имаат можност да изберат дали ќе кредитираат инвестиција во заштитена зона, земајќи го предвид ефектот на инвестицијата кон животната средина. Во овој број ќе се осврнеме на темата отпад, поконкретно на пластичниот отпад. Како вие како банка гледате на овој проблем и каква улога можат да играат банките во намалувањето на пластичниот отпад?

Ивана ДОНЧОВСКА: Речиси 12-15% од вкупниот комунален отпад на светско ниво се однесува на пластиката. Речиси 90% од годишното производство на пластика доаѓа од нафтата, при што 4-6% од годишната потрошувачка на нафта се користи за производство на пластика. Пластиката е предмет за кој е потребно неколку стотици години да се разгради, поради што и претставува опасност за околината и за здравјето на луѓето. Трајноста на пластиката, како едно од нејзините најзначајни својства, во исто време е и нејзиниот најголем проблем, затоа што е практично невозможно пластиката да се разгради во природната средина, на краток или на среден рок. Замислете, секое парче пластика што е произведено кога било, сè уште е околу нас во една или во друга форма, а се проценува дека до 2050 година, производството на пластика ќе се триплира.

Значаен дел од вкупно произведената пластика се користи за пакување (околу 40%), што значи дека голем дел од пластичните производи завршуваат како отпад само по една употреба. Ако се земе предвид дека стапката за рециклирање на пластиката е сè уште на ниско ниво (околу 9%), најголем  дел од пластиката завршува како отпад во депониите (неретко диви депонии во природата), или, пак, преку реките, во морињата и во океаните. Со ова темпо на производство и користење пластика на глобално ниво, се проценува дека до 2050 година, морињата ќе содржат повеќе пластичен отпад отколку риби. Проблемот кај пластичниот отпад во океаните и морињата е што под влијание на сончевите зраци тој се фрагментира во микропластика. Ваквата микропластика лесно завршува како храна во морскиот свет, а потоа преку синџирот на исхрана завршува и на нашата трпеза.

За нас во ПроКредит банка, пластиката е еден од производите што ги сметаме за најзначајни загадувачи на природата и со силно негативно влијание врз здравјето на луѓето, поради што дефиниравме Стратегија за намалување на производството и употребата на пластика. Таа тргнува од тоа како целосно да ја исфрлиме од употреба за интерни цели на банката. Веќе неколку години не се користат пластични чаши, ниту пластичен прибор за јадење во нашите простории. На сличен начин, нашата стратегија ја применуваме и преку нашите клиенти, при што не финансираме производни компании и инвестиции во производство на пластични производи, особено кога станува збор за пластика за еднократна употреба.

ФОКУС: Дали тоа значи дека исклучувате соработка со сите производители на пластика?

Ивана ДОНЧОВСКА: Не секој тип на произведена пластика ѝ штети на околината во иста мера, поради што и не можеме сите производители да ги третираме подеднакво. Производителите на пластични производи ги делиме според векот на траење на продуктот, според намената (еднократна или повеќекратна употреба), како и според тоа дали за производите постои соодветна замена од други типови материјали. Целосно ги поддржуваме производителите на производи со долг век на употреба, како на пример пластика што се користи во градежништвото или во индустријата, како и кога станува збор за пластични производи со краток век на употреба за која нема соодветна замена, како на пример пластика за употреба во медицината. Но, кога станува збор за производители на пластични кеси, цевки за пиење, прибор за јадење, чаши, чинии, амбалажа за пакување и транспортирање храна, шишиња и друго, а за кои на пазарот има соодветна замена од органско потекло или хартија, овие производи ги сметаме за критични според влијанието што го имаат кон окружувањето. За производители на ваков тип продукти исклучуваме можност за финансирање, освен доколку клиентите не планираат целосна промена на бизнис-моделот и производот што го произведуваат. Неодамнешен пример е клиент што произведува пластични ќеси од оксо-разградлива пластика. Ова е пластика што не се разградува во природната средина (како биоразградливата пластика), туку само се распаѓа, се фрагментира во микропластика. По направена проверка за материјалите и адитивите користени во производството, следејќи ја својата стратегиска определба, банката донесе одлука да не се  финансира овој клиент.

ФОКУС: Дали се случува вашите клиенти да размислуваат за напуштање на овие пластични производи критични за природата, знаејќи го влијанието што го имаат врз окружувањето?

Ивана ДОНЧОВСКА: Во разговор со дел од клиентите разбираме дека и самоиницијативно планираат период на транзиција во кој целосно ќе ги исфрлат од производство производите што ги наведов погоре како критични. Другите се свесни за глобалните промени во побарувачката на овие производи, но одлуката ја пролонгираат сè до воведувањето законски мерки и рестрикции. Според моето мислење, ова и не изгледа така далечно. Од јули годинава, на ниво на ЕУ, веќе стапи во сила забрана за пласирање ваков тип продукти на европските пазари, дефинирано со Европската директива за намалување на влијанието на пластичните производи врз животната средина. Според нашето законодавство, овој тип производи е целосно легален, истовремено постои пазарна побарувачка и мотив за производителите. Без разлика на тоа, како банка, одлучуваме да не финансираме производители на критичните типови пластика за еднократна употреба. Потенцијалното влијание на банките  во насока на намалувањето на производството на пластика не смее да се потценува. Пристапот, или подобро кажано, недостапноста до средства за финансирање, како значаен фактор за компаниите, и тоа како може да влијае врз нивниот избор на активност или инвестиции, и следствено на поздрава животна средина за сите нас. На оваа тема активно дискутираме со нашите тековни и потенцијални клиенти, со цел навремено да преземат мерки, кои ќе им овозможат одржлив начин на производство, пренасочување кон производство на продукти за повеќекратна употреба, или, пак, развој на алтернативни производи.

ФОКУС: Кои нови трендови во економијата на глобално ниво можат да дадат одговор на предизвиците со кои се соочуваме со прекумерно креирање отпад?

Ивана ДОНЧОВСКА: Еден од тие трендови е циркуларната економија, каде што се зема предвид крајот на корисниот век на продуктот и како да се врати производот назад во економијата потоа. Овде се става акцент на ресурсите што се од рециклирана природа, енергенси кои се од обновливи извори, дизајнот на производите да е прилагоден за поедноставна повторна употреба или рециклирање. Сево ова резултира со многу помалку отпад на крајот од процесот. Како пример, доколку при производство на пластични шишиња или кеси се користи само еден тип материјал, светло обоен, со минимум додадени адитиви, овие продукти ќе можат полесно да бидат рециклирани на крајот на употребниот век и да се вратат во производниот процес како влезна суровина за друго производство, на пример за фолии за употреба во земјоделието. Ова истовремено влијае врз подобро искористување на ограничените ресурси и на намалување на отпадот. Можностите за употреба на рециклирани материјали во производниот процес, или, пак, инвестирање во капацитети за рециклирање, се често предмет на дискусија со нашите клиенти и како банка охрабруваме и активно поддржуваме ваков тип инвестиции.

 

Поврзани новости