„ЖИВОТ ВО КАФЕЗ“ -Државата не го брои Судахан во живите, но го „оживеа“ само кога требало да го пикне зад решетки!

by fokus 19:18
19:18

Според официјалната статистика во државата има околу 700 граѓани кои се правно невидливи, односно живеат без матичен број, извод, лична карта и државјанство. Поради тоа што не се во системот, тие немаат право ниту на социјална помош, здравствена заштита или право да се вработат. Црната бројка на овие сограѓани пак е многу поголема. Решението се бара со години, а до сега проблемот е решен само за  45 од нив.

Пишува: Валентина Вурмо

- Advertisements -

Дваесет и петгодишниот Судахан Сулејман пред еден месец излезе од затворот „Идризово“, каде што влегол набрзо по своето полнолетство. По неколкуте години поминати зад решетки, каде што завршил поради криумчарење на мигранти и тешка кражба, тој сега повторно е на слобода. Но наместо да добие втора шанса, повторно е исправен пред проблемите со кои се соочувал и пред да влезе во затворот.

Судахан, како свој идентитет, го има само името и презимето. Нема матичен број, нема лична карта, ниту државјанство. Тој е невидлив за државата, во однос на неговите права. Единствено бил виден кога требало да го пикнат во ќелија!

ИЗЛЕЗЕ ОД ЗАТВОР НО ПОВТОРНО Е ЗАД РЕШЕТКИ

Со Судахан се сретнавме на тесната уличка пред неговиот дом во скопската населба Шуто Оризари. Вели, среќен е што излегол од затвор, но тажен е што повторно нема можност да почне од почеток.

-Кој пат сега да го фатам, кога повторно сум невидлив, не постојам за државата. Немам здравствено осигурување, ниту имам можност некаде да се вработам без документи. Кога излегов ми рекоа да одам во социјалното, зошто ме следувала еднократна помош. Таму пак ми рекоа дека не можат да ми исплатат ништо, бидејќи немам лична карта, вели Сулејман.

Момчето раскажува дека сега иако е на слобода, повторно се чуствува како во кафез. Не смее да шета слободно, бидејќи неколку пати завршувал во полициска станица. Го пресретнувала полициска патрола и кога барале да се легитимира, тој  немал документи за идентификација.

-Не носеле, заедно со другари кои исто така се без документи, неколку пати во станица, каде што не држеле по неколку часа. Затоа секое излегување ми е со страв, вели нашиот соговорник, кој бил осуден на 7 години и 10 месеци затвор, но излегол порано поради добро однесување.

Пратеничката Љатифe Шиковска, која претходно како дел од невладината организација „Амбрела“ се залагаше да им помогне на „невидливите“ сограѓани, вели дека не и е јасно како ова момче било осудено.

-Тоа е лице без идентитет. Сега на пример, јас си го поставувам прашањето, кого осудил судот, кое е тоа лице? Не велам дека не треба да се почитуваат законите, но тоа момче било осудено на долгогодишна казна затвор а нема ниту прв извод на родени, ниту лична карта, вели Шиковска.

Токму затоа прашавме во Кривичниот суд, како постапуваат во ваква ситуација, односно кога на обвинителна клупа ќе им седне обвинето лице кое нема документ за идентификација, имајќи во обзир дека идентитетот задолжително се утврдува на главна расправа, со приложување на лична карта.

Колку за споредба, на главната расправа за случајот „Талир 2“, на обвинетиот Кирил Божиновски, му беше наложено да се врати дома, а рочиштето беше прекинато, бидејќи со себе не ја носеше личната карта. Судијката го стори тоа иако сите присутни во судницата немаа дилема дека тоа е Божиновски, односно го препознаваа неговиот лик, но сепак судот мораше да ја испочитува законската процедура.

Од Кривичниот суд велат дека при случајот со Сулејман биле утврдени други негови лични податоци.

-За конкретното лице во предметите по кои е правосилно осуден не е утврден матичен број односно е наведено дека истиот нема матичен број, но има адреса на живеење, дата на раѓање, име на родители и сите останати лични податоци, ни одговорија од судот.

Оттаму ја појаснуваат и законската процедура.

-Согласно ЗКП судот постапува по обвинителни акти и предлози против конкретни лица обвинети за конкретни кривични дела кои ги утврдува надлежниот обвинител. Идентитот на одредено лице, кое нема лична карта, се потврдува и според податоци од други документи за лична идентификација или претходни постапки во кои му бил утврден идентитетот.
Судот може да побара дактилоскопско утврдување на идентитет од МВР, а доколку се работи за странец, идентитетот се потврдува преку меѓународна правна помош, појаснуваат од најголемиот суд во земјава.

Од Кривичниот суд додаваат дека во секој случај, немањето матичен број или документ за лична идентификација не може да амнестира сторување на кривично дело доколку тоа се утврди во судска постапка.

СКОПЈАНЕЦ ПОЛОВИНА ВЕК ЖИВЕЕ БЕЗ МАТИЧЕН БРОЈ

Откако Сулејман бил осуден, а потоа и спроведен на издржување на затворската казна, се соочил со нов проблем. Неговите родители не можеле да го посетуваат, бидејќи на капија им барале извод од нивниот син.

-Само неколку пати им дозволија да ме посетат, на добра волја, но повеќето пати беа враќани, вели Сулејман.

Исто како Судахан, невидлив за државата е и неговиот брат, 23-годишниот Фари Сулејман. И двајцата се необразовани, бидејќи без документи не можеле да се запишат ниту на училиште, па поради тоа уште повеќе им се ускратува  можноста да најдат работа.

Нивниот татко Сафет Сулејман, вели дека тој и сопругата имаат документи, а за синовите настанал проблем бидејќи биле родени дома, а потоа не знаеле каде и како да ги запишат за да добијат изводи.

-Пред неколку години Шиковска ни помогна, направивме и ДНК-тест за да докажеме дека се наши синови, ја почнавме процедурата за добивање на документи, но документите никогаш не стигнаа, вели Сафет.

За среќа документи, матичен број и извод на родени, имаат најмалите членови на нивното семејство, односно децата на Фари, бидејќи неговата сопруга фигурира во државниот систем.

Само еден кат погоре, од истата куќа, пак почнуваат проблемите на чичкото на Судахан и Фари, Али. Тој се пожали дека неговите внуки, 5-годишната Медина и 2-годишната Бахар, не се запишани во матичната книга на родени, иако нивните родители го немаат тој проблем. И тие биле родени во домашни услови и се задоцнило со впишувањето.

-Од наредната година Медина треба да тргне на училиште, но нема да ја запишат ако дотогаш не добиеме извод, загрижено коментира дедото Али.

Голем дел од децата, кои наместо во болница се родени дома, се без идентитет, но има и такви кои овој проблем го наследиле од своите родители.

Педесетгодишниот Џули Асановски, кој е роден во Скопје, вели дека половина век живее во државата без матичен број и лична карта. Тој ова „наследство“ го добил од својата мајка, која е од Врање, и никогаш не добила македонски документи, а неговиот татко, иако немал ваков проблем, сепак не сакал да го признае Џули како негов син.

Неговите деца за среќа не е се без матичен број, и документите ги добиле преку мајката, сопругата на Али. Но, неговата судбина ја преживува 5-годишната внука, од син, Лиза. Девојчето не добило матичен број, бидејќи мајка и Севихан Кадиева е родум од Косово.

-Јас животот го поминав без документи, но не би сакал тоа да биде судбината и на мојата внука, вели Али, кој не знае точно каде треба да се обрати за да го реши проблемот на малата Лиза.

САМО 180 ЛИЦА ПОДНЕЛЕ БАРАЊЕ ЗА МАТИЧЕН БРОЈ

Невидливи за државата, освен нашите соговорници, се уште неколку илјади граѓани, а официјално беа детектирани околу 700. Односно, во 2018 и 2019  година беше спроведена голема акција за евидентирање на овие граѓани, па со помош на невладиниот сектор, УНХЦР и институциите беа регистрирани околу 700.

-Не може со сигурност да се утврди точниот број на лица без документи. По извршените два јавни повика во текот на 2018та и 2019та година од страна на вработените во Управата за водење на матичните книги пополнети се вкупно 654 прашалника што не значи дека тоа е вкупниот број, ни одговорија од Управата за водење на матичните книги на прашањето колку граѓани живеат без документи.

На почетокот на годината пак беше донесен Закон за неевидентирани лица во матичната книга на родени, а се со цел да се реши овој неколку децениски горчлив проблем.

Но, резултатите засега не се видливи. Имено, овие граѓани имат рок до крајот на годината да поднесат барање за упис во матичната книга на родени во подрачните матични служби, а тоа го сториле само мал дел.

Од Министерството за труд и социјална работа ни одговорија дека според информациите со кои располагаат досега вакви барања поднеле само 160 лица, но за попрецизни информации не упатија во Управата за водење на матичните книги. Оттаму ни одговорија дека до сега поднесени се 180 барања за дополнителен упис во посебната матична книги на родени.

На нашето прашање, пак, дали законот ќе го реши овој проблем, од министерството велат:

-Законот им овозможува на овие лица за прв пат да бидат евидентирани во Посебен регистер, за прв пат да се стекнат со Привремен извод на родени и Привремена лична карта. Со овие два документи овие лица за прв пат можат да се евидентираат во Агенцијата за вработување и да бидат активни баратели на работа, да се образуваат и на крај на година да добијат свидетелства, за го остварат правото на социјална заштита и правото на здравствена заштита, ни одговорија од министерството.

СО ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ РОКОТ Е ПРОДОЛЖЕН ЗА УШТЕ 6 МЕСЕЦИ

Пратеничката Љатифе вели дека ситуацијата со корона кризата дополнително го усложнило пријавувањето, односно не се успеало да се допре до сите овие лица за да поднесат барање.

-Примената на Законот започна дури по завршување на вонредната состојба на 22.06.2020 година. Подзаконски акти со кои се овозможи неговата примена, се донесоа во октомври 2020 година, а со тоа беа овозможени и конкретните услови за започнување со примената на законот и во пракса. Поради ескалацијата на пандемијата со Ковид 19 вирусот, процесот на поднесување на барања од страна на лицата кои е потребно да се запишат согласно овој закон се усложни, од причина што и матичните служби не можеа да создадат услови за непречено поднесување на барањата во матичните служби секојдневно, притоа да не се загрози здравјето и на вработените, но и на барателите на услугите, појаснува пратеничката.

Поради ова, пратеничката неодамна предложи измени на законот, кои по скратена постапка беа изгласани во Собранието. Со нив, рокот за поднесување на барањето се продолжува за 6 месеци, односно до крајот на јуни 2021 година.

Новина е и тоа што, и по пет години доколку овие лица запишани во посебната матична книга на родени не бидат префрлени во редовната матична книга на родени, тоа да се случи по автоматизам.

Васка Бајрамовска –Мустафа, заменик на Народниот правобранител, вели дека и тие во многу наврати алармирале за проблемот кој го имаат овие луѓе, а кои се правно невидливи за државата, но засега нема реални резултати.

-За овие случаи најчесто сме информирани од невладините организации. За да се реализира нивно регистрирање, треба да се вклучат и локалните самоуправи, центрите за социјални работи, бидејќи на овие граѓани им треба помош. Многумина од нив немаат пристап до интернет или телевизор за да навремено се информираат, вели Бајрамовска.

Дека очекуваните резултати не се постигнати покажуваат и податоците, бидејќи досега само 45 граѓани добиле матичен број.

-Од вкупно поднесените барања завршени се постапките за 45 лица, односно извршен е упис во посебната матична книга на родените и издаден е извод од посебната матична книга на родените. Овие лица согласно овој закон единствено се стекнуваат со евиденционен број кој содржи 13 цифри и согласно овој број ќе се здобијат со правата кои им следуваат, велат од Управата.

НЕ СМЕАТ ДА СЕ РАЗБОЛАТ ОД КОВИД-19

Дека е неопходна теренска работа, и придружба на овие граѓани при поднесувањето на барањата за упис, реагира и Ирена Велкоска од Дневниот центар за деца на улица. Таа вели дека дел од граѓаните се пријавувале во општината, каде што се наоѓа матичната служба, но биле враќани назад.

-Правото на добивање на извод или лична карта за овие граѓани трае премногу долго. Во центарот престојуваат околу стотина дечиња, а над 30 од нив се без извод. Неколкумина станаа полнолетни, а уште немаат никаков личен документ. Веќе се обесхрабрени. Дел од нив имаат соништа, знаат што сакаат да работат, што сакаат да станат, но тоа не им го овозможува системот, ни вели Велкоска.

Таа раскажува дека неверојатни 8 години трае борбата на едно од децата, Валентин, кој денес има 19 години, за добивање на матичен број и извод. За жал се уште во раце го нема овој документ, како и неговите шест браќа и сестри. За државата биле невидливи бидејќи нивната мајка дошла од Србија и без регулиран престој оформила семејство, а документите на таткото не биле доволни. Во меѓувреме таткото починал во затвор, а мајката ги остава децата и заминала во Франција.

-Со што да се прехранат овие деца? Каков избор имаат, кога се оставени сами на себе?, прашува Велкоска.

Како што додава нашата соговорничка, освен тоа што овие граѓани не можат да се вработат, исто така немаат ниту здравствено осигурување. Додека во болниците се бара место плус, поради пандемијата, тие не смеат ниту да „помислат“ да се разболат од Ковид-19. Немат право на државно лекување, а приватно не можат да си дозволат.

Пред неколку дена, 12-годишно дете, без документи, било прегазено од автобус, по што биле потребни многу ургенции за да му се укаже лекарска помош.

-Според кажувањата на мајката, малиот Стојан тргнал да собира пластични шишиња. Набрзо се случила несреќа и бил прегазен од автобус. Се ангажира двајца матични лекари, кои на добра волја, му издадоа упати иако детето не фигурира во системот, а потоа беше примен на Клиниката за Неврохирургија. Како итен случај бил прегледан, и без документи и здравствено осигурување, но тука сега се високите трошоците за лекувањето, вели Велкоска.

ДАВИТКОВСКИ: ОСТАНАВМЕ ТЕМНА ДУПКА ВО ЕВРОПА!

Универзитетскиот професор Борче Давитковски вели дека тој предлагал решенија за решавање на овој проблем, па вели дека не му е јасно зошто се уште нема поместување.

-Предложив две решенија, преку измени на Законот за матична евиденција, со утврдување на идентитетот преку ДНК, но трошоците да ги покрие државата. Другиот модел е судот во вонпарнична постапка да ги реши проблемите на овие лица, исто така на сметка на државата, но оваа постапка би траела неколку години. Не знам што се случи, зошто имаше политичка волја. Сега повторно се вртиме во круг. МВР кога ги собира од раскрсница треба да ја започне процедурата за нивно впишување, а не вака ги предаваат во центрите за социјални работи, а од таму повторно се враќаат на раскрсница, вели професорот Давитковски.

Тој појаснува дека според  светлата бројка има околу 650 лица без матичен број, но според него темната бројка е многу поголема, односно околу 5.000 до 6.000 граѓани се невидливи за системот.

-Останавме темна дупка не во Балканот, туку во Европа по ова прашање. Има правни механизми, само треба да се работи на терен и трајно да се реши проблемот кој се провлекува со децении, дециден е универзитетскиот професор.

Пред една година, тогашната министерка за труд и социјална работа, Мила Царовска, изјави дека успеале да го решат долгогодишниот проблем на овие лица.

-Го решаваме долгогодишниот проблем на лицата неевидентирани во матичната книга на родените. Овие луѓе премногу долго живееја на маргините на нашето општество. Со новиот Предлог закон кој го утврдивме на седница на Влада им овозможуваме да ги остварат своите основни права. Право на здравствена и социјална заштита и редовен работен однос, а децата ќе можат да се вклучат во образованиот процес“, истакна Царовска во ноември 2019 година.

По една година статистиката покажува дека поблемот е решен само на 45 граѓани. Останатите 600-тини, но можеби и неколку илјади, кои секојдневно се движат покрај нас, за жал се уште се невидливи за државата!

Поврзани новости