Живко Митревски не открива дали ќе ја поддржи кандидатурата на Пецо Грујовски

by fokus

Прашајте ги Лазе Георгиевски и Дарко Димовски зошто водат криминална политика во ССМ и зошто се нон стоп по кафани, порачува претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Пецо Грујовски, кој најавува дека ќе се кандидира за претседател на Сојузот, на конгресот кој треба да се одржи во номеври годинава.

Димовски и понатаму е в.д. претседател на Сојузот и вели дека е изненаден од кандидатурата на Грујовски. Членот на Советот, Лазе Георгиевски, пак, со писмо до медиумите реагираше и ја нарече „дволична игра“ одлуката на Грујовски да се кандидира. Оваа тројка ревносно се бореше во битката против претходниот претседател Живко Митревски, што резултираше со негово предвремено симнување од фотелјата во ССМ.

Но за кратко време повторно се јавува раздор во Сојузот на синдикатите. Грујовски ја правда својата кандидатура и вели дека тоа е избор кој го направило членството на УПОЗ. На обвинувањата од Георгиевски дека е пред пензија, Грујовски вели дека станува збор за избор на функција, а не конкурс за работно место.

-Кога ја извојувавме битката за ССМ се договоривме привремено да го поставиме Дарко Димовски за вршител на должност, да не испадне дека целта ни било да станеме претседатели. Но тој тргна по погрешен пат. Сега ја оспоруваат мојата кандидатура со непостоечки критериуми. Што е важно дали сум јас млад, стар, убав или грд – вели тој и додава дека доколку биде избран за претседател, функцијата ќе ја извршува волонтерски, односно дека нема да зема никаков надомест за својата работа.

На Грујовски ќе му треба гласот на седум гранкови синдикати за да влезе во трката. Меѓу синдикалците постои уверување дека неговата кандидатура ќе ја поддржи и екс претседателот и негов довчерашен соперник, Живко Митревски.

-Прашајте го Пецо Грујовски зошто на маса во еден скопски ресторан неодмна седеше со Живко Митревски на маса – порачуваат синдикалците.

Грујовски не сака да ги коментира овие шпекулации и вели дека нема потреба да дава отчет со кого седи на маса. Не знае дали ќе добие поддршка од гранковиот синдикат на Митревски.

-Немам поим дали ќе ме поддржат. Но битно е да не се прави таа грешка. Тој гранков синдикат не е на Митревски и не треба да се поистоветуваат синдикалните организации со нивните претседатели. Како што ни УПОЗ не сум јас. Мене не ми треба поддршката од Живко Митревски, а дали гранковиот синдикат ќе ме поддржи ќе видиме – вели Грујовски.

Ниту Митревски не кажува како ќе се произнесе синдикатот на Шумарство дрвна индустрија и енергетика на РМ чиј претседател е. Но категорично кажува дека Димовски е нелегитимен и дека официјално тој е се уште претседател на ССМ.

-За тоа ќе одлучи гранскиот синдикат откако ќе се одржи состанок. Не можам да кажам кој ќе биде поддржан. Треба да се одржи претседателство на кое ќе одлучуваат гранските синдикат и после тоа ќе се знае. Јас можам да кажам дека дефинитивно нема да го поддржиме Дарко Димовски кој е нелегитимно избран. Единествен легитимен претседател на ССМ сум се уште јас – вели Митревски.

На прашањето дали самиот ќе се кандидира за уште еден мандат, Митревски вели дека не може да се кандидира повторно затоа што се уште е претседател.

Маја Васева

Поврзани новости