Живи избори, мртви гласачи

by lali

Во периодот пред закажувањето на изборите за оваа година, еден од главните недостатоци околу изборите беше политичката атмосфера, која изгледаше како умртвена. Недостасуваше некој голем политички момент кој ќе ги заживееше редовните претседателски и ќе ги оправдаше предвремените парламентарни избори.

Но, изборите се објавени и со самото нивно спојување веќе се направи една минимална елементарна разбуденост. Другото потоа веројатно само ќе си дојде, од самиот факт дека и волјата за моќ, која е основното нешто во политиката, е слична на волјата за храна. Така дури и на ситите, при разговор за храна, одеднаш им се пријадува.

ДА ЖИВЕАТ МРТВИТЕ!

Но, тоа што оживеаја изборите не значи дека не се мртви гласачите. Прво, и физички мртвите гласачи, и овој пат не беа навреме прочистени ниту од ДИК, ниту од Управниот суд. Нерелевантен е нивниот број, дали се десетици или дури десетици илјади, туку фактот дека стојат таму во списокот до живите. Тоа го компромитира избирачкиот список и процесот на гласањето го прави душевно тежок процес. Како животот во замок со духови што се прикажува во хорор-филмовите. Таму веќе не е во прашање широчината или убавината на замокот, туку фактот дека се живее со и до духови.

Другиот проблем се појави со несразмерната големина на изборните единици, која не стигна да се усогласи, со што разликите меѓу една и друга изборна единица се поголеми од законски дозволените десет отсто. Така, десет гласа во една изборна единица вредат колку единаесет до дванаесет гласа во некоја друга изборна единица.

Третиот проблем се изборно ангажираните граѓани од Пустец и дијаспората, за кои овој пат не е проблематично каде и како гласаат, туку колку гласаат. Поради тоа што немаме двојно спроведен попис, и на населението, и на дијаспората, на овие парламентарни избори овие граѓани можат да гласаат по двапати. Еве, пустечани веќе се пријавиле во амбасадата во Тирана, потоа се појавија на список во Ресен и, конечно, навечер ќе можат да дојдат и под кајсијата кај Максим Ѓорѓија во Центар?!

Сите овие проблеми со списокот и со гласачите можат да предизвикаат клик на задоволство кај оние што евентуално ќе бидат избрани од мртви гласачи, како во анегдотата за вработените во погребната дејност кои се радуваат со: „Да живеат мртвите!“

Но, проблемот на живеењето со мртвите е како во филмовите за животот во споменатите замоци. Не е во квалитетот на живеењето, туку во тоа дека епилогот на тие живи е да станат, исто така, мртви.

Имено, пресметката меѓу ДУИ и ДПМНЕ, закажана во владата, наместо „кај ОК Корал“, се случува во дијаспората. Тоа е, пред сè, поради тоа што таму е помал бројот на одлучувачки гласови, кои во земјата, сепак, треба да се во поголем број и за кои им требаме ние, живите луѓе и гласачи. И, сепак, не се прави во владата каде што се наредиле двете партии уште да седат нетехнички, иако според сите правила и мерила тие се веќе техничка влада или влада во оставка.

ЕДЕН ЈА ВИКА ЌЕРКАТА, ДРУГИОТ СНААТА, АМА МОЖЕ И ДВЕТЕ ДА СЕ СЕТАТ

Сепак, останува да се види она што е одлучувачко за овие избори, а тоа е дали ќе се разбудат живите гласачи, кои, сепак, и во ваков систем ја имаат можноста да бидат истерувачи на духови во овој изборен хорор-филм. Прозивката за живите гласачи што досега ја направија челниците на опозициските партии, СДСМ и ДПА, иако во спротивен правец, влева надеж за чинот на истерување.

Имено, СДСМ не кандидираше никого од раководството на пратеничките листи, а ефектот од тој потег Никола Груевски не може со ништо да го разнебити, освен, евентуално, со откажување од братучедот.

Челникот на ДПА овојпат прозива со: „ем сè ќе кажам, ем сè ќе признаам“.

ДУИ засега како да не се тревожи многу од ова негово неучтиво крештење (смс-пораки и прикаски од Букурешт), заборавајќи дека и крештењето е вид прозивање.

А што, ако и по крештењето, дојде некој истерувач во замокот?

Поврзани новости