Живееме на леб и компир, а најмногу пиеме сок и млеко

by fokus

Домаќинствата минатата година над половина од домашниот буџет – 51,5 проценти трошеле на храна и пијалаци, од кои најмногу за месо, млечни и житни производи. Сепак, најмногу во домаќинствата се јадело леб – 191,1 кг и компир – 76,3 кг, додека говедско, телешко и јунешко месо – 19,3 и риба – 18,3 килограми. Најмногу се пиеле безалкохолни пијалаци – 170,4 литри и млеко – 88,2 литри.

Над десет проценти од семејниот буџет на домаќинствата одел за режиски трошоци, додека за сообраќај трошеле по околу 16 илјади денар или 5,5 отсто, што е повеќе од тоа што домаќинствата трошеле за здравје, рекреација, култура и образование заедно, покажува Статистичкиот годишник на Република Северна Македонија за 2023 на Државниот завод за статистика.

Во просек секое семејство во 2022 година потрошило 294 117 денари или 4 782 евра. Од нив, најголемиот дел или 96,7 проценти се за лична потрошувачка, додека околу 1,6 отсто или 4 740 денари за штедење, по 2 892 денари или 1 процент за отплата на кредити и заеми и 0,2 отсто или по 580 денари секое семејство трошело како издатоци за стан, куќа и имот.

Над половина од семејниот буџет во 2022 година одел за храна и безалкохолни пијалаци, односно по околу 151 560 денари.

Во просек по околу 9 450 денари од семејниот буџет се трошеле за здравје и исто толку за ресторани и хотели. За комуникации домаќинствата од семејниот буџет одвојувале во просек по 7 917 денари или 2,7 отсто, за рекреација и култура по 2 053 денари или 0,7 проценти и за образование само 460 денари или 0,2 проценти.

Од семејниот буџет за здравје, најголем дел бил за лекови и помагала – 7 997 денари, потоа за здравствени услуги – 1 363 денари и за болнички услуги – 66 денари.

За комуникации најмногу се трошеле за телефонски и телеграфски услуги – 7 448 денари и за телефон и факс-апарати – 468 денари. За поштенски услуги 0 денари.

Мобилен телефон имале 87,8 проценти од домаќинствата, телефон – 23,7 отсто, додека персонален компјутер поврзан на интернет – 48,6 проценти.

Од семејниот буџет за рекреација и култура најголем дел одел за средства за рекреација и опрема за градини и миленици – 892 денари, потоа за услуги за култура и рекреација – 571 денар и за весници и книги по 299 денари, додека за аудиовизуелна, фотографска и информатичка опрема – 291 денар.

Најголем дел од семејниот буџет за ресторани и хотели бил за угостителство – 9 069 денари, додека за услуги за сместување – 387 денари.

Од Државниот завод за статистика посочуваат дека податоците се добиени врз основа на статистичкото истражување „Анкета за потрошувачката на домаќинствата”, спроведено во текот на 2022 година. Изборот на 5.040 домаќинства е извршен преку двоетапен стратифициран примерок, при што во првата етапа е извршен избор на пописни кругови од Пописот на населението во 2021 година, а во втората етапа е извршен избор на домаќинствата за анкетирање.

Просечен број членови на анкетираните домаќинства е 3,06, додека во просек вработени биле 1,03 член. Во просек вкупно расположливите средства по анкетирано домаќинство во 2022 година изнесувале – 473.239 денари или 7.694 евра. Најмногу имале мешовитите домаќинства – 814.592 или 13.245 евра, потоа земјоделските – 683.733 или 11.117 евра, а најмалку неземјоделските 433.352 денари или 7.046 евра годишно.

Поврзани новости