Жителка на Богданци обвини: Сите знаеја низ што минува Билјана Кириќ, но никој не презеде ништо!

by vlatko 21:11
21:11

Повеќе пораки до институциите и надлежните беа упатени од денешниот протест во Скопје против фемицидите и насилството врз жените, кој беше организиран по убиството на 17-годишната Билјана Кириќ од Богданци.

Потресна изјава на протестот даде нејзина сограѓанка, која кажа оти се срами што е жителка на Богданци, бидејќи, според неа, вина за убиството врз себе имаат и сите возрасни во местото, кои знаеле низ што поминува девојчето, но не презеле ништо да ѝ помогнат.

Во изјавата што ја пренесе „Слободен печат“, жителката на Богданци рече дека за ситуацијата знаеле и наставниците на Кириќ, но не пријавиле. Говорејќи низ солзи, таа рече дека девојчето со недели не одело на училиште, но никој не го истражил случајот.

-Мене ми е срам да кажам дека сум дел од оваа држава, а уште повеќе ми е срам да кажам дека сум жителка на Богданци затоа што Билјана не е прва жртва на насилство во тоа место. Но, моментално има голем број возрасни луѓе кои што се заслужни за нејзиното убиство, не само момчето кое што ја уби.

Како прво, заслужни се сите возрасни кои се дел од нејзиното опкружување, нејзините наставници и професори во училиштето кои знаеле за оваа ситуација и не пријавиле. Девојчето со недели не одело на училиште и никој не го истражил тоа – рече таа.

Според неа, иако насилникот бил повеќе пати пријавуван и полицијата знаела за него, тој откако бил уапсен, кратко потоа повторно бил пуштен на слобода. Таа тврди дека во една ситуација, нејзиниот брат и неговите другари го бранеле девојчето од насилното момче додека да дојде полицијата. Вели дека по приведувањето, тоа за кратко време било пуштено на слобода.

Протестниот марш, кој почна напладне во паркот „Жена борец“ во Скопје и траеше околу два часа, беше организиран од неформалната иницијатива „Ниту една повеќе!“.

Слични вести