Пакетот од 66 милиони евра е првична поддршка, но ние веќе разгледуваме повеќе проекти, повеќе идеи како да ви излеземе во пресрет. Постои голема опасност од последиците кои ќе следат по кризата, и не само тука, туку ширум Европа, ако економијата остане парализирана предолго, вели во интервју за Македонско радио евроамбасадорот Самуел Жбогар.
Тој очекува во наредните седмици во земјава да пристигнат медицинската опрема и материјали од најавената итна помош во вредност од четири милиони евра за земјава од ЕУ која ни додели првична помош во вредност од 66 милиони евра за справување со последиците од пандемијата со корона вирусот.
– Преговараме за другиот дел на средствата особено за оние 50 милиони евра кои ги доделивме. Деновиве преговараме со Владата за тоа кој ќе биде најефективниот начин за нивно користење и мислам дека кон крајот на април ќе имаме појасна слика. Потоа, доделивме девет милиони евра за мали и средни претпријатија за да им помогнеме во справувањето со последиците по кризата и, исто така, ќе помогнеме со три милиони евра буџетска помош особено за младите и ранливите категории на граѓани, вели Жбогар и истакнува дека ова е почетна помош и оти Европската Унија сега води интерни разговори за можна дополнителна помош за земјите од регионот, вклучувајќи ја и нашата земја.
Предупредува дека постои голема опасност од последиците кои ќе следат по кризата, и не само тука, туку ширум Европа, ако економијата остане парализирана предолго.
-Тогаш ќе се справиме со далеку поголеми последици кога луѓето ќе ја изгубат работата, кога фирмите ќе пропаднат итн. итн. Затоа мислам дека е многу важно да ги преземеме сите потребни мерки сега, да избегнуваме контакти, да останеме дома за да се спречи ширењето на вирусот и да му помогнеме на медицинскиот персонал да се справи со кризата во повеќе или помалку нормална ситуација, затоа што ако излезе вирусот од контрола, тогаш ќе биде многу тешко за болниците да излезат на крај со пациентите. Затоа, му се придружувам на повикот до луѓето да останат дома и да размислат за тоа дека можеби вирусот не е опасен за нив, но може да биде опасен за многу луѓе, вели Жбогар, во интервју за емисијата „Радиоспектар“.
Тој истакнува дека по сите напори направени од нашата земја, Европска Унија го испорача ветувањето за почеток на преговори.
-Дури и ако се случи тоа во вакво време, мислам дека е важно да се признае дека ова е патоказ, дека нешто важно се случи, дека ја преминавме линијата, се качивме во возот и возот ја напушти станицата. Земјите – членки решија да отворат пристапни преговори со вашата земја и сега процедурата е почната, вели Жбогар, оценувајќи дека позитивната одлука на земјите членки и нивните лидери се должи првенствено на промените и реформите кои беа направени во земјата.