Зголемувањето на јавниот долг од околу 10 отсто во оваа кризна година е нужно и оправдано

by Fokus

Новата влада е исправена пред предизвикот на кризата предизвикана од ковид 19, од која се бара рационализација и фокусирање на приоритетите, за да може да ги поддржи оние на кои им е најпотребна помош, смета новиот вицепремиер за економија, Фатмир Битиќи. Но, тој во разговорот за „Фокус“ е оптимист дека работите, сепак, се движат во добра насока и треба да се гледа напред  и да се развива домашната економија  

 Разговараше: Дејан АЗЕСКИ

 ФОКУС: Вие сте поранешен директор на Комората на Северозападна Македонија и човек кој многу години се занимава со проблемите на фирмите. Какви се Вашите впечатоци од новата функција вицепремиер за економија? Дали сте оптимист дека од тоа место може да се направи нешто повеќе за домашното стопанство?

 БИТИЌИ: Секогаш оптимист. Но, оптимизам без јасен план, посветена работа и добар тим останува нереализирана мечта. Исправени сме пред предизвикот на кризата предизвикана од ковид 19, кој од нас бара рационализација и приоретизација на ресурсите, за државата да може да ги поддржи оние на кои им е потребна најмногу помош.

Но, секогаш гледаме и еден чекор напред, а тоа е развојот на домашната економија, вистинската додадена вредност, која треба да ја донесеме за стопанството и за граѓаните.

А, целите и планот за тоа се јасни, стабилен и одржлив раст на економијата, предвидливо деловно опкружување, кое ќе донесе стабилен развој на стопанството, зголемување на домашните и странските инвестиции, што секако ќе доведе до намалување на невработеноста преку креирање нови конкурентни работни места, дигитализација, борба со сивата економија и корупцијата.

 ФОКУС: Како ќе го постигнете тоа, со оглед на фактот што секоја  нова влада го ветува истото?

 БИТИЌИ: Сево ова се врзани садови на стопанството, а тоа бара системски пристап во решавањето на проблемите и носење закони и политики, кои ќе бидат одговор на потребите на реалниот сектор. Затоа, наша најголема заложба е создавање простор за континуиран дијалог помеѓу стопанството, синдикатите, организациите на работодавачи и граѓаните, што ќе придонесе за зголемена транспарентност и доверба, но и јасна приоретизација на промените, кои мора да се направат. Партнерски однос во кој сите страни ја покажуваат љубовта кон татковината на дело.

„КУПУВАМ ДОМАШНО“ ЌЕ ВРАТИ 28 МИЛИОНИ ЕВРА ВО БУЏЕТОТ

 ФОКУС: Неодамна ги презентиравте мерките од четвртиот пакет за поддршка на домашната економија. Дали може поконкретно да ни објасните за што се работи и какви ефекти очекувате?

 БИТИЌИ: Четвртиот пакет економски мерки е креиран за да постигне поголем импакт во економијата, т.е. ја следи структурата на домашниот БДП, за секој искористен денар поддршка да има поголем мултипликатор во реалниот сектор.

Структурата на БДП со над 60 отсто се формира од приватната потрошувачка и поради тоа одлучивме да продолжиме да ги поддржуваме граѓаните на кои тоа им е најпотребно со платежните картички.

Платежна картичка „Купувам домашно“ ќе добијат 280.000 граѓани. Ова е финансиска поддршка од близу 28 милиони евра, кои повторно ќе се вратат во стопанството.

Со платежните картички државата ги поддржува граѓаните на кои во моментов им е потребна помош, а тоа се: самохраните родители, невработените и уметниците. Како и во претходниот сет со картичките „Купувам домашно“ се стимулира потрошувачката на домашни производи и услуги.

ФОКУС: Какви се ефектите од мерката „Викенд без ДДВ?

 БИТИЌИ: Во викендот на реализација, прометот на македонски производи и услуги порасна повеќекратно, со што таа ја исполни својата цел, а тоа е поддршка на домашното стопанство. Граѓаните до крајот на месецов ќе ги добијат на своите сметки и средствата од поврат на ДДВ-то. На овој начин ќе поттикнеме раст на БДП за да можеме годината да ја завршиме со поволно сценарио на пад на БДП во услови на светска економска криза.

ФОКУС: Што  прави владата за да ги заштити работниците од губење на нивните работни места?

БИТИЌИ: Финансиската поддршка за исплата на плати ќе продолжи до крајот на годината. Државата во партнерски однос со компаниите се обидува да задржи колку што е можно повеќе работни места. Знаеме дека е тешко, но веруваме дека со солидарност и заеднички влог ќе заштитиме голем број работни места и работници.

Во овој пакет-мерки, владата ќе обезбеди 10 милиони евра за државна банкарска гаранција, што ќе им овозможи на компаниите да земат поволни кредити за зголемување на нивната ликвидност во вредност од 65 милиони евра.

ФОКУС: Каква друга помош се планира за стопанството?

 БИТИЌИ: Три милиони евра ќе бидат ставени на располагање и за државна царинска гаранција за поддршка на извозот и пристапот до суровини за преработка во износ од околу 25 милиони евра, преку Развојната банка на РСМ.

Развојната банка ќе стави на располагање 100 милиони евра поволни кредити, средства обезбедени преку Европската инвестициона банка, за поддршка на домашните компании.

Со грантови ќе бидат поддржани и рестораните за свадби, игротеките и туристичките агенции.

Во пакетот е предвидено одложување на плаќање на аконтациите на данокот на добивка, зголемување на грејс-периодот за исплата на кредитите од Ковид 1 програмата, одложено плаќање на ДДВ-то, зголемување на периодот за покривање загуби на товар на идни добивки, сѐ со цел државата да излезе во пресрет на стопанството за ослободување на притисокот таму каде што е тоа можно.

ВО ПОСЛЕДНИОТ КВАРТАЛ НИ СЛЕДИ ЗАКРЕПНУВАЊЕ

ФОКУС: Дали се планираат и некои други мерки во наредниот период?

БИТИЌИ: Во следниот период ќе разговараме и ќе почнеме со мапирање на парафискалните давачки и нивно намалување и/или укинување на некој од нив, а ќе го започнеме и процесот на намалување на данокот на личен доход, нешто што веќе го најавивме во програмата за работењето на Владата 20/24.

Сметаме дека овој пакет е одговор на моменталните потреби на стопанството и граѓаните, а истиот е донесен и во консултација и координација со сите засегнати страни.

 ФОКУС: Што сѐ е направено досега од владата, од почетокот на кризата и какви се ефектите кај компаниите?

 БИТИЌИ: Во првите месеци од кризата имавме висока непредвидливост, но сметам дека досега донесените мерки беа навремени, сеопфатни и правилно таргетирани. Проекциите што ги имаме до крајот на годината е дека во последниот квартал ни следи закрепнување.

Поддршката во износ на минимална плата на најпогодените индустрии, дополнета со дистрибуцијата на платежните картички, кои се користеа исклучиво за купување домашни производи, резултираа со намалување на падот во индустриското производство на едноцифрено ниво во јули и во август, и трендот и очекувањата се дека овој пад ќе биде неутрализиран до крајот на третиот квартал.

Ова е само еден од показателите, кои нам ни даваат позитивен импулс назад дека преземените мерки за заштита на домашната економија во време на светска економска криза даваат резултати.

ФОКУС: Во претходните три години, владата беше критикувана за слабата реализација на капиталните инвестиции и инфраструктурните проекти. Дали се презема нешто за да се подобри ваквата лоша слика и состојба?

 БИТИЌИ: Еден од приоритетите на оваа влада е зајакнувањето на капацитетите за реализација на јавните инвестиции. Капиталните инвестиции ќе бидат генератор на јавната инвестициска потрошувачка и мотор на новата развојна економија.

Посветено работиме на максимизирање на искористувањето на капиталните инвестиции, како на ниво на централна власт, така и кај агенциите, јавните претпријатија и ЕЛС, затоа што тоа од една страна значи подобрување на секојдневниот живот на граѓаните на оваа држава преку изградба на патишта, болници, градинки, водоводи, канализации и сл. Од друга страна и поддршка за компаниите што се директно вклучени во реализацијата на овие инвестиции.

За максимално ефикасно остварување на оваа цел ќе биде формирана Централна единица за поддршка на јавните инвестиции, на владино ниво, со цел навремено, транспарентно и целосно реализирање на буџетските расходи, а особено значајно и за мерење на резултатите и ефектите од нивната реализација.

СИТЕ ЕКОНОМИИ СЕ РАНЛИВИ

ФОКУС: Дали нашето стопанство е во кондиција да ја преживее долгата криза, која според сите експерти допрва доаѓа?

 БИТИЌИ: Нашата економија, пред сѐ индустријата, е високо надворешно-трговски изложена, каде што речиси 60 отсто од БДП зависи од отвореноста на другите економии, па така падот во економиите на Германија, Британија, Грција и на другите земји од топ 10 листата на наши најголеми трговски партнери, автоматски се пресликува и кај нас.

Светската економска криза предизвикана од ковид-19 покажа дека сите економии се ранливи, вклучително и нашата. Да, во моментов се соочуваме со предизвик, но ова исто е шанса да ги увидиме јасно нашите слаби страни и од оваа криза да излеземе посилни.

ФОКУС: Фокусот на владата во овој период е  насочен кон  санирање на штетните ефекти од ковид-кризата. Како во вакви услови може да се размислува за развојна економија?

БИТИЌИ: Целта на оваа влада е дури и во вакви времиња, кога нашите најголеми партнери се соочуваат со падови во нивните економии кои се поголеми од нашиот, да задржиме колку што можеме повеќе работни места со спроведување на добро таргетирани мерки, кои од една страна ќе бидат гаранција за компаниите дека има некој покрај нив, кој и во вакви екстремно кризни времиња ќе им помогне, но истовремено ќе им даде до знаење дека помошта не се добива само за нивно преживување и одржување на бизнисот, туку и за да ги задржат колку што може повеќе работни места.

А, дополнително, посветени сме на креирање мерки и политики што ќе креираат развојна економија, која за краток рок во постковид периодот ќе успее да ги акумулира изгубените работни места на граѓаните и да ги врати назад на пазарот на труд.

ФОКУС: Кога реално треба да се очекува заздравување на македонската економија?

БИТИЌИ: Како понатаму ќе се развиваат настаните на економски план дома и во светот, во моментов е тешко да се предвиди, но остануваме посветени на нашите принципиелни политики, кои лежат врз солидарност за задржување на колку може повеќе работни места, и исто така подеднакво важно, максимално сме посветени нашата економија, периодот по кризата да го дочека подготвена да испорача економски раст од најмалку 4 отсто на годишно ниво.

МЕРКИТЕ ОДАТ ВО ПРАВИЛНА НАСОКА

 ФОКУС: Европската комисија оцени дека Македонија напредува кон функционална пазарна економија. Сепак, во извештајот на комисијата има и одредени недостатоци и забелешки.

БИТИЌИ: Напредокот што нашата држава го остварува кон создавање функционална пазарна економија, кој е нотиран и во извештајот на европската комисија, е само потврда плус дека најголемиот дел од мерките што ги преземаме и политиките што се водат на економски план се насочени во правилна насока.

ФОКУС: Како да се планираат развојни политики, кога од 2002 година немаме спроведен попис?

 БИТИЌИ: Доколку внимателно се погледне извештајот, уште на почетокот од делот за економски развој и конкуренција издвоени се најзначајните економски параметри, и кај нив има еден податок, кој со посебен интерес ќе биде следен во следниот период, а тоа е мерењето на стапката на вработеност, наспроти досегашната парадигма цело време кај нас да се зборува за невработеноста и вечните дебати за тоа колку граѓани реално се невработени, колку се пасивни и колку од овие се трајно иселени, а фигурираат само во статистиката и ни даваат нереални песимистички бројки.

За да можеме да ги следиме овие движења во економијата и од нив да можеме да извлекуваме заклучоци и понатаму да ги преточиме во политики, ние мора да спроведеме попис, според сите стандарди, без да се остави простор за сомневање во податоците што ќе произлезат од него.

 ФОКУС: Дали имаме административен капацитет во брзо време да се справиме со нив?

БИТИЌИ: Административниот капацитет за брзо соочување со предизвиците на евроинтегративниот процес во моментов го имаме, а низ иницирање една поширока општествена платформа како #ЗаТатковинатаСоЉубов ќе бидеме во можност максимално да ги искористиме и сите вон административни потенцијали кои нашата држава ги има, а кои ќе ѝ помогнат во остварувањето на зацртаната цел, а тоа е полноправното членство во Европската Унија.

ФОКУС: Ребалансот на буџетот беше дочекан со критики и со неверување во неговата остварливост. Со оглед дека ни недостасуваат речиси милијарда евра, дали сметате дека новиот прекроен буџет навистина ќе може да ги задоволи зголемените апетити во кризата?

 БИТИЌИ: Третиот ребаланс на буџетот беше направен најмногу поради релоцирање средства од буџетските ставки, каде што претходно испланираните износи или биле нереално високо поставени, или, пак, оние кај кои од објективни и други причини реализацијата и динамиката на трошење била на многу ниско ниво, па очигледно е дека нема да може да се искористат тие средства до крајот на оваа календарска година.

Таквите прекројувања на расходната страна генерално беа предизвикани од потребата за финансирање на дел од мерките предвидени во последниот пакет мерки за справување со корона кризата.

ФОКУС: Како оди наплатата на даноците споредено со истиот период минатата година?

 БИТИЌИ: На приходната страна, земајќи ги предвид реализацијата на буџетот во последните три месеци, кога во јули имавме и подобра реализација на наплата на даноци од истиот месец во 2019, ние се одлучивме ништо да не менуваме и моменталните податоци за реализација на приходите ни покажуваат дека наплатата е некаде над оптимистичкото сценарио на Министерството за финансии, кое беше направено уште на почетокот на корона кризата.

ФОКУС: Како ќе се надополни недостигот од средства што сигурно ќе се појави?

 БИТИЌИ: Средствата што би недостигале кон крајот на оваа година, а кои најмногу се поврзани со реализацијата на четвртиот пакет антикризни мерки, ќе бидат повлечени од домашниот должнички пазар, односно Министерството за финансии ќе го финансира овој дел преку емисија на поголеми износи на редовните емисии на државни записи, кои се основната алатка со која се обезбедува ликвидност на буџетот.

 ФОКУС: Која е главната порака на новиот вицепремиер до граѓаните и стопанството?

 БИТИЌИ: Она што како влада го покажуваме и на дело, а тоа дека – граѓаните и стопанството во државата имаат искрен партнер. Нема заобиколен пат околу оваа криза, единствениот пат е низ неа и така и ќе го изодиме, заедно. Сите ние имаме одговорност за иднината на нашата татковина и секоја наша активност мора да ја разгледуваме низ призмата на нејзиниот импакт за годините што претстојат.

Јас и мојот тим сме решени да го ставиме целото наше искуство и капацитет во функција на создавање одговорни политики за одржлив економски развој и длабоко веруваме во искрени партнерства со граѓаните, стопанството и сите други засегнати страни.

РАМКА 1

ЗНАЕЊЕТО И ВЕШТИНИТЕ ТРЕБА ДА БИДАТ КРИТЕРИУМИ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ И НАПРЕДУВАЊЕ

 ФОКУС: Најактуелна тема овие денови е идејата за субвенционирање на етничките вработувања во приватните компании. Во јавноста има многу реакции, а и членовите на владата се поделени во мислењата. Кој е Вашиот став по ова прашање?

 БИТИЌИ: Сакам да зборуваме за вработувања, наша задача е да креираме работни места и да работиме за нивниот развој. Работните места се важни, но она што е поважно, се луѓето зад нив. Тоа се граѓаните, сите граѓани, кои ќе ги развиваат своите капацитети и компетенции во држава која нуди еднакви шанси за сите.

Креирањето на конкурентна економија во светски рамки, подразбира создавање на услови каде компетенциите, знаењето и вештините ќе бидат критериуми за вработување и напредување во кариерата, а етничката, верската, половата и било која друга припадност се само карактеристика на секој граѓанин со кои тој се идентификува во општествена смисла.

Ние силно ги охрабруваме сите приватни компании да промовираат инклузивност во нивните тимови, бидејќи тоа пред се’ е важно за нивната компаниска култура и секако дека од тоа ќе имаат бенефит.

 РАМКА 2

СВЕСНИ СМЕ ЗА РИЗИЦИТЕ ОД БРЗОТО ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ЈАВНИОТ ДОЛГ

ФОКУС: Јавниот долг на нашата држава за брзо ќе ја пробие психолошката бариера од 60 отсто. Дали е тоа новата голема опасност за нашата економија и до каде може да одиме во задолжувањето?

 БИТИЌИ: Мастришкиот критериум за максимално дозволен јавен долг од 60 отсто од БДП за секоја земја-членка на ЕУ во пракса одамна не се применува, а доказ за тоа е висината на долгот на најзадолжените ЕУ земји: Грција (176,7%), Италија (137,6%), Португалија (120,0%), Белгија (104,4%), Франција (101,2%) итн.

Зголемувањето на јавниот долг воопшто не е проблем ако некоја земја се задолжува за нејзините неопходни потреби, а земајќи ја моменталната состојба со пандемијата на ковид-19, која ја предизвика до сега најголемата економска криза на светско ниво, мислам дека зголемувањето на јавниот долг од околу 10% од БДП во текот на оваа кризна година е нужно и целосно оправдано.

Оваа влада е премногу свесна за ризиците и негативните влијанија од брзото зголемување на јавниот долг, но, од друга страна, стојат потребите на граѓаните и домашните компании за кои ние мораме и наоѓаме начини како да се финансираат. Во оваа криза никој не смее и нема да биде заборавен, од неа ќе излеземе заедно, а потоа секако ќе продолжиме да работиме развојна економија, која ќе нѐ води напред.

 

Поврзани новости