АРХИВА: Зеле субвенции, па „ископале“ по илјада евра за партијата

3 ДЕЛ

by Фокус

Текстот е објавен во дневниот весник Фокус во изданието од 13-ти декември 2011-та година.

Во рамки на судскиот предмет „Плацеви на Водно“, во кој поранешниот премиер Никола Груевски е обвинет дека со пари од партиски донатори стекнал плац на Водно, стана збор и за финансирањето на партијата. Во таа насока, некогашните партиски функционери – Горадна ЈанкулоскаМартин Протуѓер и Влатко Чингоски сведочеа како партијата се финансирала и како се располагало со парите, а дури беше кажано дека некои донатори пари му давале лично на Груевски. За време на десетгодишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, Фокус редовно ја третираше темата за сомнително финансирање на партијата и нејзините изборни кампањи, а во еден од овие серијали се истражува сомнежот за фиктивни донации.

Пишувале:
Сашка ЦВЕТКОВСКА
Мери ЈОРДАНОВСКА

Лозарот Станоја Јанкулов добил субвенции од државата од 48.000 денари, па најверојатно во знак на благодарност, годинава донирал илјада евра за кампањата на ВМРО-ДПМНЕ!

Педесетина лица добиле субвенции за земјоделство и сточарство, а потоа донирале за изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ. Покрај учителките, секретарките и советниците, на листата на донатори на кампањата на владејачката коалиција од последните избори се јавуваат и субвенционирани земјоделци.

Камче Самарџиев, Блажо Колев, Павле Давчевски, Стојко Јанкулов и Галапчо Шалев, се само еден мал дел од имињата што се впишани како донатори на ВМРО-ДПМНЕ со по илјада евра, а случајно или не, нивните имиња се наоѓаат и на листите на земјоделци, на кои од Министерството за земјоделство им биле  одобрени пари за субвенции.

Блажо Колев кон крајот на 2010 година добил субвенции од 20.539 денари за неговите лозови насади. Приближно во исто време, или кон крајот на ноември, земјоделецот Блажо добил субвенции од уште 43.000 денари. Уште 17.200 денари субвенции на Блажо Колев државата му дала и кон средината на април годинава.

КОЛКУ ДОБИВААТ ОД ДРЖАВАТА – ТОЛКУ ДАВААТ ЗА ПАРТИЈАТА

По сето тоа, кон крајот на мај, пред изборите, овој земјоделец од Кавадарци донирал 60.000 денари за кампањата на ВМРО ДПМНЕ, речиси исто колку што добил за субвенции!

Слично како и неговиот сограѓанин, и лозарот Станоја Јанкулов добил субвенции од државата лани во ноември. Тогаш зел околу 35.000 денари, а во април годинава уште 13.000. Во мај и тој се покажал дарежлив кон владејачката партија, па со илјада евра ја помогнал нивната кампања. Фактички, останал во зијан, оти за ВМРО-ДПМНЕ одвоил повеќе пари отколку што добил за субвенции.

Иако екипата на „Фокус“ не успеа да утврди дали станува збор за роднини, како донатор и субвенциониран земјоделец се јавува и извесен Стојко Јанкулов. И ова лице е од Кавадарци и одгледува лозје.

За разлика од Станоја, Стојко добил двојно повисока парична помош од државата за своето лозје, или 114.000 денари лани во ноември. Во истата година, Стојко добил дополнителни, речиси 80.000 денари како поддршка, а во мај годинава донирал илјада евра за изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ.

Имињата на кавадарчаните Стојко, Станоја и Блажо се само дел од многуте земјоделци кои годинава демонстрирале дарежливост кон владејачката партија.

И додека челните луѓе од партијата, вклучувајќи го и премиерот не дале ни денар за кампањата, од Кавадарци, Гевгелија, Штип, Велес, Струмица, Кочани – субвенционирани земјоделци од речиси секој град ги отвориле џебовите со по илјада евра за ВМРО ДПМНЕ.

НИКОЈ НЕ Е НАДЛЕЖЕН!

Финансиските извештаи не даваат прегледна слика на износите на средствата според извори, стои во извештајот на Државната комисија за спречување на корупцијата за јунските избори. Така, ниту една од политичките партии нема податок за пари обезбедени по основ на членарина, кој е првопосочен законски извор за финансирање на изборната кампања.

„Освен тоа, нема елементи за проверка и идентификација на физичките лица како донатори, со оглед на тоа што се доставени списоци со имиња и речиси без исклучок со исти износи на финансиски средства како донации. Оттаму, во натамошните измени на Изборниот законик или на Законот за финансирање политички партии треба да се предвидат соодветни контролни механизми“, пишува во извештајот.

Од Државната изборна комисија креваат раменици кога станува збор за донаторите, кои го отвораат сомнежот дали фиктивно или реално одвоиле по 60.000 евра од сопствениот буџет за партиската кауза.

– Ние немаме никаква надлежност да ги истражуваме донаторите. Единствената обврска на Државна изборна комисија е да ги дистрибуира извештаите до надлежните институции. Значи, партиите ги доставуваат извештаите до нас, во согласност со законот еднаш пред стартот на кампањата, во текот на кампањата и на крајот од неа.

Ние ги објавуваме на нашата веб-страница и ги доставуваме до институциите кои се надлежни понатаму да истражуваат, како Државниот ревизор, УЈП и Антикорупциската комисија. Нашите надлежности тука завршуваат – вели Борис Кондарко, претседател на ДИК.

За поранешниот член на Антикорупциската комисија, Драган Малиновски, најлогично решение да се следи финансирањето на кампањите е да се укине законскиот лимит за донации, кој изнесува 5.000 евра за физички и до 20.000 евра за правни лица.

– Сѐ додека не се докаже, односно некој јавно не излезе да каже дека не дал донација, а го има на списокот, тогаш останува само на база на претпоставка дека станува збор за фиктивни донации. Најлогично би било да се укине законскиот лимит за донации, па така донациите нема да се разводнуваат на 530 лица и подобро ќе се следат финансиите. Тогаш ќе се види, на пример, дали некој што дал поголема сума пари, потоа има поволности и подобро ќе се следи и лоцира лицето или, пак, правното лице – вели Малиновски.

Една советничка од општина Кочани за „Фокус“ призна дека не дала пари за кампањата, но нејзиното име, сепак, стои на списокот за донации. Самоил Малчески, поранешниот претседател на Сојузот на студенти, заедно со неговата мајка и сестра, исто така, стоеја на списокот за донации за изборите во 2006 година. Малчески тогаш јавно призна дека не ја финансирал кампањата на ВМРО-ДПМНЕ, но надлежните останаа глуви пред признанието.

УЈП СЕ ПОВИКУВА НА ДАНОЧНА ТАЈНА

Политичките партии немаат законска обврска да доставуваат годишен финансиски извештај до УЈП. Според постојната законска регулатива, утврдувањето неправилности во финансиските извештаи е во надлежност на Државниот завод за ревизија, велат од Управата за јавни приходи.

– Што се однесува до податоците за приходи на граѓани со кои располага УЈП, испитување на потекло на имот, како и сите информации чие доставување може да има штетни последици и кое може да претставува повреда на доверливоста на даночната постапка, согласно член 9 од Законот за даночна постапка тие претставуваат „даночна тајна“ и не можат да бидат предмет на комуникација со јавноста – вели Весна Новаковиќ, портпаролка на УЈП.

Првиот дел од истражувањето можете да го прочитете ако кликнете на овој линк.

АРХИВА: Земјоделци, редари и учителки дале по 1.000 евра за ВМРО-ДПМНЕ

Вториот дел од истражувањето може да го прочитате ако кликнете на овој линк.

АРХИВА: Груевски и министрите не се фатиле за џебот?!

ПРОДОЛЖУВА…

Поврзани новости