Бугарското здружение „Илинден“ издаде соопштение во врска со изјавата дадена од премиерот Христијан Мицкоски, за време на отворањето на канцеларијата на ВМРО-ДПМНЕ во Тирана. Во својот говор, Мицкоски порача дека Македонците во Пиринскиот дел од Бугарија се спречени да се организираат и слободно да го изразат својот идентитет.
Според Здружението, пренесуваат дел од бугарските медиуми, изјавата на македонскиот премиер е, како што велат, лажна, манипулативна и претставува свесен обид за меѓународно дискредитација на Бугарија. Тврдат дека Бугарија не ја ограничува слободата на здружување.
-Бугарскиот Устав не дозволува создавање организации на етничка, верска или расна основа. Државниот модел е граѓански, а не етнички. Сите граѓани се еднакви пред законот (член 6 од Уставот). Организациите засновани на етнички принципи не се дозволени (член 11). Затоа, кога судот одбива да регистрира одредени структури, тоа се должи на неуставност, а не на етничка припадност. Во Бугарија, никој не е прогонуван за самоопределување – проблемот лежи во обидите за политичка злоупотреба на етнички теми.
Додека Мицкоски зборува за „репресија“ во Бугарија, во неговата сопствена земја: Бугарскиот културен клуб „Иван Михајлов“ во Битолa беше запален и затворен. Клубот „Цар Борис III“ во Охрид беше административно затворен. Бугарските граѓани се подложени на закани, судски притисок и јавно понижување. Таква акција не е спроведена од Бугарија против Македонците, велат од „Илинден“.