Заврши скринингот за Ковид-19 во Дебар: Од 2.342 тестирани, нема заболени, кај 35 е утврден имунитет

by Fokus

Градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука, на денешната прес-конференција изјави дека е задоволен што Дебар ја добил битката со Ковид-19, апелираше до граѓаните и понатаму да ги почитуваат мерките и препораките бидејќи, како што рече, војната не е добиена.

„Состојбата со ковид-19 е стабилна, за што јасно говорат податоците дека во општините Дебар и Центар Жупа нема повеќе заразени. Во самоизолација е само едно лице кое претходно било во државен карантин. Тоа значи дека битката е добиена, но не и војната со овој невидлив непријател. Затоа барам од граѓаните, како и досега, доследно да ги почитуваат мерките и препораките на надлежните“ ,порача тој.

Дука, кој раководи и со општинскиот Оперативен штаб, информираше дека успешно е завршен скринингот за имунитет кај населението.

„17-те матични лекари успешно го завршија скринингот за имунитет на населението во двете општини. Направени се 2.342 тестови, при што само кај 35 лица резултатот бил позитивен, односно развиле имунитет. Од оваа бројка, 18 се лица кај кои била дијагностицирана болеста, додека 17 се лица кои ја прележале болеста без никаков симптом, а се членови на семејствата или роднини на заболените“, информираше Дука.

Во Дебар повеќе од дваесет дена нема нови случаи на Ковид-19, а последниот случај на заболен беше внесен во списокот на оздравени во петокот, на 1 мај. Вкупната бројка на заразени е 51. Од нив, 47 оздравени, а четири лица починаа.

Безбедносната состојба во текот на продолжениот викенд, додаде Дука, се карактеризира со еден обид за кражба и осум непочитувања на одлуката за забрана за движење, нема нарушувања на јавниот ред и мир, ниту сообраќајни незгоди.

Поврзани новости